fbpx

АНАЛИЗА: Изборна „историја“ за излезноста, мајски „двојни“ избори за да се мотивираат гласачите

Следната година граѓаните ќе гласаат на седмите по ред претседателски избори во независна држава и единаесеттите по ред парламентарни избори

-

Претстојната 2024 е изборна година. На 8 мај граѓаните ќе гласаат на двојни избори – втор круг претседателски, доколку во првиот некој од кандидатите не освои мнозинство од 50 отсто плус 1, и парламентарни избори, пишува Порталб.мк. Следната година граѓаните ќе гласаат на седми по ред претседателски избори во независна држава и 11-ти по ред парламентарни избори. Една од главните причини за „двојните“ избори е да се мотивираат граѓаните за излезност бидејќи за избор на претседател на држава е потребен цензус од 40%. Каква е „историјата“ на излезност во дел од изборните циклуси во изминатите години?

Локални избори октомври 2021

Последните локални избори беа одржани во октомври 2021 година, а дополнително се спроведоа избори за градоначалник во општините Маврово-Ростуше, Центар Жупа и за советници во општина Тетово. На овие избори беа регистрирани 1.051.205 гласачи, а гласале 532.804 гласачи. Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), важечки биле 522.588 гласови. Излезноста во вториот круг изнесувала 50,69%. На овие избори над 70% излезност во вториот круг имало во Вевчани, Конче, Демир Хисар, Демир Капија, Лозово, Ранковце. Во поголемите општини каде на чело застана градоначалник од партиите од албанскиот блок, излезноста беше различна. Така, во Струга гласале 42,88% од запишаните гласачи, во Тетово 46,50%, во Чаир 44,31%, во Кичево 48,06%, Дебар 43,20%, а во Арачиново е регистрирана една од најголемите стапки на излезност од 62,97%.

Предвремени парламентарни избори, јуни 2020

Среде лето, во ек на ковид криза се организираа предвремени парламентарни избори кои во редовен термин требаше да се одржат на крајот од истата година. Според официјалните податоци од ДИК, на овие избори биле регистрирани 1.761.149 лица со право на глас, а на изборите излегле 867.107. Излезноста на овие избори изнесувала 49,24%.

Според изборни единици, највисока излезност од 59,98% била регистрирана во Изборната единица 4 (Гевгелија, Дојран, Кавадарци…). На второ место е Изборната единица 3 (Берово, Велес, Делчево, Кочани…) со излезност од 57,09%, додека најмала излезност од 32,07% имало во Изборна единица 6 (Гостивар, Желино, Тетово, Теарце…).

Најголем број на регистриран гласачи на овие избори, 339.452 имало во Изборна единица 5, а најмалку, 240.850 во Изборна единица 2. Според податоците од ДИК, на овие избори Коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 37,68% од гласовите, Коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО -ДПМНЕ освои 36,33%, ДУИ 12,06%, ДПА 1,06%, а Левица освои 4,31% со што доби два мандата и влезе во Собранието.

Претседателски избори април/мај 2019

На овој изборен циклус, во вториот финален круг кој се одржа на почетокот на мај 2019 година, биле регистрирани 1.808.131 гласач, додека на гласање излегле 843.508, со што излезноста на ниво на целата држава изнесувала 46,65%. Во вториот круг силите ги мереа Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Зад победата на Пендаровски тогаш застанаа 435.656 гласачи, со што тој освои  51,65% од гласовите, додека професорката Силјановска доби 377.346 гласови или 44,75% од вкупните гласови. Во првиот круг на овие претседателски избори во трката имаше тројца кандидати – освен Пендаровски и Силјановска, тука беше и Блерим Река како кандидат на Алијанса на Албанците и Беса, кој освои 10,6% од гласовите. За да се сметаат за успешни, на претседателските избори во вториот круг треба да се обезбеди цензус од 40%, а во првиот круг може да биде прогласен и победник доколку бидат освоени над 50% од гласовите.

Парламентарни избори 2016

На крајот на 2016 година, во силно поларизиран политички амбиент, веќе објавени прислушувани разговори, се спроведоа предвремени парламентарни избори на кои победа извојува ВМРО-ДПМНЕ, но партијата не успеа да формира Влада и замина во опозиција.

На овие избори биле регистрирани 1.761.490 гласачи, а правото на глас го искористиле 1.182.143. Токму на овие избори е регистрирана и една од највисоките стапки на излезност од 67,11%. Излезноста во сите изборни единици беше над 50%, а најголема беше во Изборна единица 4 каде одзивот изнесуваше 74,65%, додека најмала од 52,51% во Изборна единица 6. На овие избори ДУИ освои 7,26% од гласовите, БЕСА 4,90%, Алијанса за Албанците 2,97%, а ДПА 2,26%.

Претседателски избори април 2014

Ова ќе бидат петтите по ред претседателски избори во земјата. Во 2014 година практично се спроведоа „двојни“ избори – вториот круг на претседателски избори се одржа на 27 април, заедно со предвремените парламентарни избори.

На претседателските избори, право на глас имаа 1.779.527 гласачи, додека излезноста во вториот одлучувачки круг во кој влегоа кандидатите Ѓорѓе Иванов зад кој застана ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски со логистика од СДСМ, изнесуваше 54,36%.  Парламентарните избори, пак, ќе бидат трети по ред распишани како „предвремени“, а излезноста изнесувала скоро 63%.

Од прогласувањето на независноста на државата, до следните априлско-мајски избори, во земјава се одржале десет парламентарни избори, а граѓаните на следните претседателски избори ќе излезат по седми пат за да го гласаат идниот татко на нацијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...