fbpx

Амнестијата влезе во Собрание, ќе помине ли предлогот на Лога за растеретување на затворите?

Предлог-законот предизвика лавина реакции во јавноста, дотаму што дури и во самата Влада има разединувања меѓу министрите

-

Предлог-законот за амнестија пристигна во Собранието. Кога ќе се гласа останува неизвесно, но најверојатно ќе биде идната недела, со оглед на тоа што министерот за правда Кренар Лога најави дека ќе биде на службен пат во САД, а сака самиот да го брани законското решение пред пратениците.

Предлог-законот ќе се носи по скратена постапка, но не е со европско знаменце.

Според предлогот на Лога, исто како и во 2018, со цел да се растеретат затворите поради лошите услови, ослободени би биле осудениците до 6 месеци затвор, а на осудените за полесни кривични дела затворската казна би им се намалила за третина.

Според ова, вкупно 286 затвореници осудени до 6 месеци затвор би требало да излезат на слобода, а на уште 996 затвореници би им се намалила затворската казна. Дополнително, упатни акти за издржување затворски казни имаат уште 2.813 осуденици. Дел од нив (оние кои се осудени на казни до 6 месеци затвор), ако се изгласа законот, воопшто нема ниту да влезат, на дел казната ќе им биде намалена за третина, а дел, осудените за потешки кривични дела, ќе влезат во затворските ќелии и во целост ќе ја издржуваат затворската казна. За ова, сè уште нема конкретни бројки.

Предлог-законот предизвика лавина реакции во јавноста, дотаму што дури и во самата Влада има разединувања меѓу министрите. Па така, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека не се согласува со овој предлог и дека истиот нема да овозможи подобрување на затворските услови, додека вицепремиерот Бојан Маричиќ изјави дека тој сериозно треба да се разгледа, бидејќи тоа е еден од начините како да се растоварат затворите.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска рече дека „Спасовски прави театар или вистинско изразување за незадоволството со тоа што кажа дека не го поддржува Закон за амнестија“. Тој вели дека Спасовски има две опции.

„Едната опција е ако не се согласува да ја напушти владата. Втората опција е да престане да прави театар и да молчи и да прифати дека тие коишто се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе коишто тргувале со недозволени супстанции или познати како наркодилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму. И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи оти тие не го виделе предлог-законот.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, вели дека законот не е правен за личности, туку за дела од помал обем, со намера за релаксирање на пренатрупаните капацитети во затворот Идризово и во другите сместувачки објекти во рамките на Управата за извршување на санкции.

„Законот беше изработуван неколку месеци од страна на Министерството за правда и откако беше изработен беше испратен до сите пратенички групи во Собранието, вклучително и до пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и затоа не е точно дека не го виделе законот. Диверзитетот на различни мислења кои постојат за законот се добри и можат да се земат различни аспекти во однос на ефектите на законот, рече Ковачевски.

Министерот за правда Кренар Лога минатата недела на брифинг со новинари рече дека кога ќе се гласа законскиот предлог, ќе им донесе по едно огледало и албум со фотографии од затворот „Идризово“, оти секој од нив еден ден може да се најде таму.

На прашањето зошто во сите овие години не е направено ништо за да се подобрат затворските услови, а на сметка на тоа спасот се бара во ослободување на затвореници, Лога рече дека „не може да зборува за нешто што било во минатото“.

„Луѓето се сместени по ходници. Луѓето влегуваат внатре за полесни кривични дела, а излегуваат како криминалци. Храната не се јаде. Ако немаат некој да им однесе да јадат, остануваат гладни“, рече министерот, опишувајќи ја состојбата во затворот „Идризово“.

Лога беше дециден дека ниту една политичка партија од него не побарала некој да биде амнестиран и дека не го интересираат конкретни предмети.

Инаку, според законскиот предлог, амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство.

Амнестијата не се однесува ниту за кривични дела разбојништво и разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела измама на штета на средства на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп од член 357, давање поткуп од член 358, давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичен законик.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Лога го брани Законот за амнестија: На пратениците ќе им донесам албум од „Идризово“, да видат како е таму

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...