fbpx

Лога го брани Законот за амнестија: На пратениците ќе им донесам албум од „Идризово“, да видат како е таму

Ќе дојдам во Собрание со подароци, по едно огледало и по еден албум со фотографии од затворот „Идризово“. Бидејќи секој од нас е потенцијален извршител на кривични дела, рече министерот за правда, бранејќи го Законот за амнестија кој за десетина дена ќе се најде во Собрание

-

Вкупно 286 затвореници осудени до 6 месеци затвор ќе излезат на слобода, а на уште 996 затвореници ќе им се намали затворската казна ако се усвои Законот за амнестија што го предлага министерот за правда Кренар Лога за растеретување на затворите, а кој го помина првиот владин филтер. Тој на денешниот брифинг со новинарите рече дека по завршувањето на службениот пат во Соединетите Американски Држави (САД), кога ќе се врати, самиот ќе го брани предложениот закон во Собранието. Ова се очекува да се случи за десетина дена.

Реакцијата на министерот за правда следува откако од ВМРО-ДПМНЕ изјавија дека нема да дадат поддршка на законот.

„Ќе дојдам во Собрание со подароци, по едно огледало и по еден албум со фотографии од затворот „Идризово“. Бидејќи секој од нас е потенцијален извршител на кривични дела. А ВМРО-ДПМНЕ самите во 2018 година предложија ист ваков Закон за амнестија кој беше прифатен и изгласан од сите политички партии. ВМРО-ДПМНЕ не можат сами себе да се амнестираат. Јас му пишав и директно на Мицкоски, да дојдат од партијата со мене кога ќе одам во посета на Идризово, но одговор не добив“, рече Лога.

Освен овие 1.282 затвореници, упатни акти за издржување затворски казни имаат уште 2.813 осуденици. Дел од нив (оние кои се осудени на казни до 6 месеци затвор), ако се изгласа законот, воопшто нема ниту да влезат, на дел казната ќе им биде намалена за третина, а дел, осудените за потешки кривични дела, ќе влезат во затворските ќелии и во целост ќе ја издржуваат затворската казна.

Фото: Министерство за правда

На прашањето зошто во сите овие години не е направено ништо за да се подобрат затворските услови, а на сметка на тоа спасот се бара во ослободување на затвореници, Лога рече дека „не може да зборува за нешто што било во минатото“.

„Луѓето се сместени по ходници. Луѓето влегуваат внатре за полесни кривични дела, а излегуваат како криминалци. Храната не се јаде. Ако немаат некој да им однесе да јадат, остануваат гладни“, рече министерот, опишувајќи ја состојбата во затворот „Идризово“.

„Не ме интересираат конкретни предмети“

ТВ 24 вчера објави дека едни од оние кои ќе бидат опфатени со Законот за амнестија и ќе бидат ослободени ако се изгласа законот, се и Хаки и Фејзи Азири, двајцата осудени за помагање во случајот „Монструм“. На дел од листата осуденици, според телевизијата, се и наводно роднини или блиски на функционери од Алијансата за Албанците, но и Горан Смилевски, осуден за грабеж на Тутунска банка, Сеад Кочан – осуден за предметот „Трансмет“, како и Карлито Бриганде (Вулнет Маќелара) за учество во странска војска, во ИСИС.

Министерот Лога е дециден дека нема листа на осуденици кои ќе бидат опфатени со законот, дека ниту една политичка партија од него не побарала некој да биде амнестиран и дека не го интересираат конкретни предмети.

„Мене тоа не ме интересира. Не сакам да навлегувам во конкретни предмети“, тврдеше Лога на брифингот.

Зошто амнестија, а не пробација?

Доколку се изгласа Законот за амнестија, осудениците кои ќе бидат пуштени на слобода или пак ќе бидат целосно ослободени од издржување на казната, нема да подлежат на никаков вид ресоцијализација.

Ова е различно од пробацијата, која ја организира стручна служба организирана на ниво на Сектор во Управата за извршување на санкции и спроведува надзор над извршување на казните без лишување од слобода, поточно над алтернативните мерки: условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор, како и над извршувањето на условниот отпуст, изречени со одлука на судовите.

Пробациската служба врши надзор на осудените лица и им нуди поддршка, а целта е да се одржи безбедноста во заедницата со подобрување на ресоцијализацијата и рехабилитацијата на лицата над кои се извршуваат пробациски работи, како и да се намали затворската популација.

Засега, во земјава има 11 пробациски канцеларии, 28 обучени службеници и 450 активни пробациски предмети.

„Кај нас пробацијата функционира одлично и преку неа се растеретуваат затворите. Еден ден затворска казна чини 100 денари, а еден ден пробација 50 денари. Сепак, пробацијата и амнестијата се две различни работи“, вели Лога.

Од 2004 година се планира изградба на нова затворска зграда

Фото: Министерство за правда

Проблемот со пренатрупаноста во затворите и планот за изградба на нов затворски објект датира повеќе од две децении. Министерот Лога денеска рече дека во последниве шест месеци тој направил многу на овој план и дека се очекува во ноември да биде распишан и тендерот, најавен уште во 2004 година, за нова затворска зграда во „Идризово“.

„Одобрение за градба имаме, веќе нема пречка тендерот да се распише и за 6-9 месеци веќе можеме да градиме. Во меѓувреме, имаме побарано и грантови“, рече Лога.

Новата затворска зграда би била на 15 илјади квадратни метри, а планираниот рок за изградба е 4,5 години. Во новата затворска зграда би имало места за 900 осуденици.

Што предвидува Законот за амнестија?

Законот за амнестија, исто како и законот во 2018, ослободува или намалува издржување на затворска казна за одредени категории лица кои не извршиле тешки кривични дела. За разлика од законот во 2018 година, сега е додадено и семејното насилство како дело за кое ќе нема амнестија.

Освен тоа, амнестијата не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право, за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, несовесно работење во службата од член 353-в, за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство.

Амнестијата не се однесува ниту за кривични дела разбојништво и разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела измама на штета на средства на Европската Унија, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, примање поткуп од член 357, давање поткуп од член 358, давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичен законик.

Амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по 1 септември 2023 година. Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Песните на изведувачите од „Јуниверзал“ се враќаат на ТикТок

Музиката на изведувачите под крилото на мултинационалната музичка корпорација „Јуниверзал Мјузик“ (Universal Music) ќе се врати во ТикТок откако двете страни склучија нов договор за компензација на артистите по...