fbpx

Кризната состојба не ја прогласи Пендаровски, а војската не е дел од затворската чуварска служба

Драган Ковачки неточно тврди дека по наредба на претседателот Пендаровски е прогласена кризна состојба, а дека војници и старешини ни ги чуваат затворениците. Кризната состојба не ја прогласи Пендаровски, туку Владата, а по истекот на 30 дена таа беше продолжена со одлука на Собранието

-

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во Изборната единица 3, Драган Ковачки неточно тврди дека по наредба на претседателот Пендаровски е прогласена кризна состојба, а дека војници и старешини ни ги чуваат затворениците. Кризната состојба не ја прогласи Пендаровски, туку тоа го направи Владата, а по истекот на 30 дена таа беше продолжена со Одлука на Собранието. Исто така, од МО истакнуваат дека Армијата не е дел од чуварската служба, туку е во поддршка на институциите за обезбедување на надворешниот периметар на затворот, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Пред одржувањето на митингот на 4 април, ВМРО-ДПМНЕ одржа едночасовна панел дискусија, каде пратеници и членови од партијата имаа можност да ги споделат своите мислења и ставови пред публиката. Меѓу учесниците беше и Драган Ковачки, член на Извршниот комитет и носител на Изборна единица 3, кој го изјави следното:

Ние во моментов сме единствена НАТО членкаединствена т.н. земја којшто сака да биде дел од цивилизираниот свет во којшто војската ги чува затворитеЗначи имаме прогласена кризна состојбапо наредба на Пендаровскинашите војници и старешини чуваат затвореници. И такво нешто се нема случено во цивилизираниот свет. Чинам, освен во Хаити, нема друго место каде војска чува затвореници.

[Извор: Јутјуб каналот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки – датум: 04.04.2024]

 

Образложение:

Претседателската изборна кампања којашто започна минатата недела се движи со полна пареа. Политичарите посетуваат разни општи, активно се рекламираат во сите медиумски екосистеми, а истовремено одржуваат и поинаков тип на јавни настапи. Такво беше минатонеделното „отворено студио“ на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поточно панел дискусија пред официјалниот почеток на митингот. Говорници беа пратеници и членови од партијата, меѓу кои беа потпретседателите на партијата Александар Николовски и Владо Мисајловски, генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски, како и Дафина Стојаноска и Драган Ковачки.

Овојпат, во фокус е говорот на членот на Извршниот одбор и носителот на Изборната единица 3, Драган Ковачки. Воглавно, тој се осврнува на работата на претседателот Стево Пендаровски, односно неговата улога како Врховен Командант на вооружените сили на државата.

За почеток, не е точно дека кризната состојба беше прогласена лично од Пендаровски. Тоа го направи Владата. Одлука е донесеа владината седница и стапи на сила по објавувањето на истата во Службен весник. Како што е предвидено во Законот (член 31):

Ако кризната состојба продолжи да трае подолго од 30 дена, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.

Токму тоа и се случи – на 28 февруари оваа година, по предлог на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, Собранието донесе одлука за продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на РСМ, со цел да се спречат безбедносните закани и да се зајакне обезбедувањето на КПУ КПД „Идризово“.

Во врска со ова од Министерството за одбрана (МО) за Вистиномер посочуваат дека:

Со оваа одлука се одобрува рокот на постоење на кризна состојба до 30 септември 2024. Ангажирањето на Армијата во КПУ КПД Идризово е согласно горенаведената одлука како и мисијата на армијата.

За тврдењето на Ковачки дека „војници и старешини чуваат затвореници“, од МО истакнуваат дека:

Армијата не е дел од чуварската служба, туку е во поддршка на институциите за обезбедување на надворешниот периметар.

Тоа значи дека во случај и да има војници и старешини, тие нема да бидат дел од затворската полиција, која е во директен контакт со самите затвореници.

Што се однесува до системскиот проблем со недостаток на кадри коишто ќе работат во казнено-поправните домови, тој е вреден за критика и бара реобмислување како најсоодветно да се справиме со истиот.

Според горенаведените аргументи, изјавата на Ковачки може да се оцени како невистина. Системските проблеми што постојат со казнено-поправните домови не треба да се изговор да се „мати водата“ особено кога се спроведуваат преку законодавната власт, а не извршната.

 

Извори:

  • (04.04.2024) –  ЈуТуб каналот на ВМРО-ДПМНЕ – [проверено: 08.05.2024]
  • (08.06.2023) – Слободен печат, „Кризна состојба прогласена во затворот „Идризово“– [проверено: 08.05.2024]
  • (28.02.2024) – Собрание, Предлог на одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба – [проверено: 08.05.2024]
  • (05.03.2024) – Хјуман Рајтс Воч, „Новите закони ја зацврстуваат воената моќ над цивилите“ – [проверено: 08.05.2024]
  • (22.06.2023) – Ројтерс, „Хондурас ја предава затворската контрола на воената полиција“ – [проверено: 08.05.2024]

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...