Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска денеска го обвини вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ дека зад микрофон и зад камери, за време на собраниската седница додека она говорела, тој недолично довикувал и се однесувал.
„Вицепремиерот Маричиќ, денес најпрво дофрлаше за да деконцентрира, како и многупати досега, а потоа прејде на безобразно и лигаво гестикулирање, заборавајќи дека е во Собрание, а не во полноќен филм за возрасни“, изјави попладнево пратеничката Стојановска.
Таа тврди дека додека имала процедурална забелешка за, како што вели, политичкиот маркетинг на министерката за труд и социјална политика, a наместо соодветен одговор на поставено прашање за протестите на пензионерите, Маричиќ направил сексистичка провокација за секаква осуда и ги прекршил највисоките стандарди на однесување и почитување на личноста и угледот на секој поединец.
Инаку, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија” бараат остра осуда за ваквиот однос на маж кон жена, на министер и министерка кон пратеници и пратенички.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ попладнево најостро ги демантира недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска.
„Со пратеничката ниту сум имал каква било комуникација ниту сум ѝ испратил каква било вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа. Дaфина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси“, вели Маричиќ во објава на неговиот профил на Фејсбук.
Маричиќ додава дека македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации.
„Достојноста на македонскиот парламент е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор“, вели Бојан Маричиќ.