Аврамоска Мадиќ: Екоцидот ќе се казнува со најмалку 10 години затвор

Заменик-министерката за правда на обуката „Ефективни практики за еколошка правда“се осврна на измените во Кривичниот законик поврзани со кривичните дела против животната средина

Фото: Министерство за правда

Зачестената присутност на еколошкиот криминал е глобален проблем кој мора да се решава на различни начини преку ефикасни правни механизми, рече денеска заменик-министерката за правда, Викторија Аврамоска Мадиќ на обуката „Ефективни практики за еколошка правда“, финансирана од ЕУ во рамките на проектот „Зелена претставка за еколошка правда“.

Аврамоска Мадиќ се осврна на измените во Кривичниот законик поврзани со кривичните дела против животната средина, за кои рече дека Министерството работи подолго време.

„Со цел да се направи инкорпорирање на стандардите на ЕУ за животна средина, измените пропишуваат ново кривично дело во нашето законодавство „Екоцид“ – член 218-б, согласно кое тој што спротивно на закон, со намера да предизвика штета на животната средина, ќе преземе дејствие или ќе пропушти да преземе дејствие поради кое ќе настане сериозна или широко распространета или долготрајна штета на животната средина, ќе се казни со казна затвор од најмалку 10 години. Во Законот за изменување и дополнување на КЗ се кватифицира и дејствието на извршување на загадување на одредено количество поголемо од максималното дозволено со закон или меѓународен договор со цел полесно докажување на прекршоците во тој дел“, рече Аврамоска Мадиќ.

Таа додаде дека во процесот на превенирање и решавање на проблемот се гледа најголемата корист од главниот европски инструмент за заштита на животната средина – Директивата на Европскиот парламент и на Советот (2008) за заштита на животната средина преку кривичното право, каде клучно е барањето за криминализација на незаконско однесување што предизвикува или најверојатно ќе предизвика штета врз животната средина.