fbpx

Лекарска комора: Стручниот надзор се врши според годишен план кој го одобрува министерот за здравство

-

Лекарската комора соопшти дека вршењето на редовниот стручен надзор во здравствените установи и здравствените работници, според Законот за здравствена заштита, го врши по однапред утврден годишен план за кој согласност дава министерот за здравство. Ова соопштение дојде повеќе денови откако беше објавен документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија во кој приватната клиника „Жан Митрев“ беше обвинета за злопутреба на процесот на хемофилтрација при лекувањето на пациенти болни од ковид-19.

„Вонреден стручен надзор може да се изврши на барање на државен орган, пациент или член на неговото семејство. За да се изврши вонреден надзор е потребно подносителот на барањето до Комората да достави писмена пријава и комплетна документација за случајот, која често се доставува некомплетна или со задоцнување, што може да биде една од причините за доцнење на надзорот“, наведено е во соопштението.

Лекарската комора информира дека од започнувањето на пандемијата, до нив се  поднесени поголем број барања за вонреден стручен надзор.

„На овие барања не може да се одговори со очекуваната динамика, бидејќи во комисиите кои треба да го направат надзорот се ангажираат лекари вработени во здравствените установи кои беа и се ангажирани со поголем интензитет на работните места поради зголемениот број на пациенти. За секоја пријава се формира посебна комисија која брои три члена, а изборот на специјалноста на лекарите кои се нејзини членови се прави врз основ на тоа за каков случај станува збор. Во комисиите поврзани со случаите со ковид 19 требаше да се вклучат инфектолози, пулмолози, анестезиолози, кои се дефицитарни специјалности и кога станува збор за лекување на пациентите, за лекарите тоа е приоритет во однос на ангажманот во стручниот надзор“, додаваат оттаму.

Во Комората нагласуваат дека треба да се разграничи дека стручниот надзор не е судско вештачење, односно тој не прави реконструкција на настаните, туку ја констатира состојбата врз основ на расположлива документација и замени изјави од доктори и други здравствени работници кои активно биле вклучени во лекувањето и третманот на пациентот и дава стручно мислење.

„Во однос на извршувањето на стручниот надзор во услови на пандемија, доставена е писмена информација до Министерството за здравство со кое сме во комуникација со цел изнаоѓање на решение кое ќе ја направи работата на комисиите побрза и поефикасна. Лекарската комора е одговорен партнер на Министерството за здравство во креирање подобри решенија за надминување на проблемите со цел, создавање на подобри услови за лекување на пациентите и работата на лекарите. Во таа насока, активно работиме на подобрување на постоечкиот механизам и правно доуредување на процедурата за формирање на комисиите, а со цел постапката да се одвива поефикасно“, стои во соопштението.

Оттаму додаваат дека одземањето на лиценца за работа на здравствените работници е сериозен чин поради што и Законот предвидува тоа да се прави само во случај на постоење на судска пресуда со која се докажува дека лекарот сторил кривично дело.

„Одземањето на лиценца не може да се прави по лично убедување на поединци без да се докажат поставените сомневање, бидејќи тоа би бил сериозен атак на професијата и можност за злоупотреби“, наведено е во соопштението на Лекарската комора.

Тие нагласуваат дека Лекарската комора во овој дел постапува максимално стручно и одговорно и ги процесира сите предмети за кои е добиена соодветна судска пресуда.

„Истакнуваме и дека системските проблеми кои постојат во здравствениот систем од каде најчесто произлегуваат причините за незадоволството на пациентите и пропустите во лекувањето, нема да дозволиме по правило да се препишуваат на стручноста на лекари и на раководството на Комората, бидејќи тоа е тенденциозно, неоправдано и што е најважно не носи решение за надминување на состојбите и спречување на можностите проблемите да се повторуваат“, стои во соопштението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Како порталот Спутник, гласноговорник на Кремљ, известуваше за македонските избори?

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во Северна Македонија низ призмата на проруски Спутник. Првиот е дека С. Македонија има притисоци...