fbpx

Вистиномер: Ковид-19 не е последица на радијација од 5Г, туку на инфекција со коронавирусот

-

Постот  е невистинит и влегува во доменот на теориите на заговор, пласирани во текот на целата пандемија со ковид-19. Ова се прави со цел да се внесе недоверба во здравствениот систем како и во вакциналниот процес, нешто што може да биде фатално по индивидуалното здравје и штетно по колективното здравје. Коронавирусот не се пренесува преку 5Г мрежата, туку капљично, со кашлање, кивање, респираторно и поради тоа се препорачува носење маска, одржување дистанца и често миење раце. Светската здравствена организација уште во февруари 2020 година соопшти дека не е откриено влијание  на оваа мрежа врз јавното здравје, пишува Вистиномер.мк. 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се изнесени повеќе невистинити информации односно податоци за кои нема научна поткрепа, а се однесуваат на коронавирусот и пандемијата со ковид-19. Постот се состои од текст и видео материјал во времетраење од осум минути.  Со оглед на обемноста на материјалот, ќе се осврнеме на главните и основни тврдења изнесени во него.

Најнапред, во постот се тврди дека електромагнетните полиња (Electromagnetic Fields, скратено EMF) пречат на човековото енергетско поле што може да доведе до несвестица, рак, промена на човековата ДНК, по што страдаат сите органи и се создава долг ковид. Потоа во постот се додава дека од ова страдаат сите органи во содејство со таканаречениот „инјектиран графен оксид”. 

ЕМФ РФ 5Г И ПЛАНдемија~ НАЈОПАСНО ВОЕНО ОРУЖЈЕ НА НАШАТА ПЛАНЕТА, пишува во постот што го рецензираме.

Потоа се вели:

Многу луѓе тврдат дека имаат проблеми, кои се резултат на изложеноста на Wi-Fi. Симптомите се бројни и варираат од проблеми со отчукувања на срцето (аритмија, тахикардија, дури и срцев застој), вртоглавица, главоболка, лоша концентрација до дигестивни проблеми и депресија.

Мобилните оператори кои нудат 5Г мрежа која, пак, значи побрзи конекции, долго време се таргет на скептици кои велат дека 5Г мрежата има негативни ефекти на здравјето. Но, таа не е поврзана со коронавирусот.

Не ми е познато за каков било доказ дека изложеноста на емисии од 5Г има каков било негативен ефект врз имунолошкиот систем, вели Ричард Тел, претседател на Комитетот за радијација на Институт за електроинженерство за „Ју Ес Еј Тудеј“.

Спротивно на изнесеното во постот што го рецензираме, долгиот ковид не е последица на електромагнетно зрачење, ниту пак, има графен оксид во вакцините против ковид-19.

Ковид-19 е болест предизвикана од коронавирусот кој е изолиран и врз основа на тој изолат, направени се повеќе вакцини. Познато во научната медицинска литература и во медицинската пракса, е дека често вирусот остава и последици, односно симптомите може да перзистираат или да предизвикаат пореметувања во организмот, коишто траат со месеци, откако пациентот ќе стане негативен на вирусот и таа состојба се нарекува долг ковид. Од долг ковид се лекуваат голем број лица и во Македонија и во светот, а за најразличен дијапазон на проблеми и последици од коронавирусот сведочат и самите пациенти кои го прележале вирусот. Понатаму, доколку ковид-19 беше последица на електромагнетно зрачење, а не на коронавирусот, тогаш симптомите кои за авторот на постот се идентични, немаше да се појавуваат во светски размери, во точни прецизни временски дефинирани бранови, туку само во географските површини каде има електромагнетно зрачење.

Коронавирусот не се пренесува преку 5Г, туку капљично, со кашлање, кивање, респираторно и поради тоа се препорачува носење маска, одржување дистанца и често миење раце.

Понатаму, небулозно е она што се изнесува во постот, дека преку вакцините против ковид-19 се внесува графен оксид, по што се создава долг ковид. Ова тврдење веднаш се гледа дека стои на стаклени нозе, зашто долг ковид развиваат и невакцинираните.

 

Не е докажан негативен ефект на 5Г врз имунолошкиот систем

Во телекомуникациите, 5Г е петтата генерација мобилна мрежа. Користи високофреквентни радиобранови и поблиску дистрибуирани безжични (wireless) точки за да се создадат побрзи, посигурни интернет врски. Радиобрановите се форма на електромагнетна радијација. Експертите велат дека терминот опишува неколку различни видови на енергија на електромагнетниот спектар.

Од биолошки аспект, најважната разлика во видовите на електромагнетна радијација се случува кога енергијата има допрено до ултравиолетовиот регион од спектарот и подалеку. Во овој дел од спектарот, ултравиолетови и повисоки енергии имаат доволно сила да ги оттргнат електроните од атомите. Тој процес се нарекува јонизација и ја менува хемијата на атомите и молекулите. Изложеноста на јонизирачко зрачење како рентген и гама зраците може да создаде оштетување и мутација во човековите клетки што може да резултира во канцер и други здравствени проблеми. вели за „Ју Ес Еј Тудеј“, Џеролд Бушберг, потпретседател на Националниот совет за радијација, заштита и мерење. 

Меѓутоа 5Г и ова зрачење се многу различни!

Негативен ефект на 5Г врз имунолошкиот систем не е докажан, зашто како што велат експертите, радијациските сигнали имаат многу плитко ниво на пенетрација во човековите ткива, не можат да навлезат во човековото тело доволно длабоко да би предизвикале штети. Со други зборови, електромагнетното зрачење на енергии пониски од ултравиолетовиот дел од спектарот, како радио и светлосните зраци, се нејонизирачки, бидејќи не можат да предизвикаат јонизација. Тоа е многу важна разлика меѓу двата региони на електромагнетниот спектар. На пример, мобилниот оператор од САД Верајзон, вели дека нивната 5Г мрежа работи на фреквенции од 28 гигахерци до 39 гигахерци, што спаѓа во радио спектарот а не во ултравиолетовиот дел од спектарот.

Во април 2021 година, Шведската агенција за заштита од радијација не најде каузална (причинско-последична) врска меѓу изложеноста на електромагнетните полиња и здравствени ризици.

 

Купишта паушални тврдења

Потоа во постот е споделен и видеоматеријалот, во кој има неколку тврдења кои не кореспондираат со фактите.

Во седмата минута од видеото, се вели дека:

Докторите не виделе дека зрачењето е причинител на ковид-19 и дека графен оксидот воведен во вакцините кој ги зголемува радијациските штети врз телото.

Но, ова е невозможно, бидејќи и да имало графен оксид во вакцините (а го нема), тогаш тој не би можел да е внесен во организмот во 2019 година кога првпат се појави коронавирусот, бидејќи тогаш немаше вакцини!

Во 7 минута и 45 секунда, пак, се тврди дека коронавирусот се појавува во Вухан во исто време кога таму почнала да се инсталира 5Г технологијата, но и ова е побиено од странски проверувачи на факти.

Нема докази дека 5Г технологијата е штетна за луѓето. Податоците се пренесуваат преку 5Г технологијата со радио бранови, кои претставуваат мал дел од електромагнетниот спектар. Радиобрановите се нејонизирачки, што значи дека не ја оштетуваат ДНК во организмот како што тоа го прават гама и УВ зраците. 5Г, иако е на повисоки фреквенции од претходните мрежи, сè уште е во радио делот на електромагнетниот спектар.

Центарот за јавно здравје на Англија вели дека нема уверливи докази дека изложеноста на нејонизирачко зрачење може да предизвика несакани појави по здравјето. Фреквенцијата на 5Г мрежата се мери во десетици гигахерци, а до 300 гигахерци зрачењето се смета за неопасно.

Во видеото всушност, се тврди дека симптомите на коронавирусот не се од вирусот, туку се последица на електромагнетно зрачење. Така, од 27 до 47 секунда во видеото, а потоа и од 6 минута и 50 секунда до 7 минута во видеото, говорникот вели дека графен оксидот во вакцините ги покачува фреквенциите во телото на човекот, по што се создава акутен синдром на озраченост, кој има иста клиничка слика и симптоми како ковид, а долгорочното вакво зрачење сега наместо радијација се нарекува долг ковид. Ова едноставно не е точно.

Според Светската здравствена организација, мора физички да дојдете во контакт со коронавирусот за да се инфицирате, а бидејќи електромагнетните полиња од 5Г не можат да носат со себе вируси, не можат да ве доведат во контакт ни со вирусот! Онкологот Нарек Шавердиан од Слон Летеринг Центарот за канцер, вели дека пневмонијата од радијација нема ништо со коронавирусот бидејќи е предизвикана од различна етиологија.

Светската здравствена организација (СЗО) уште во февруари 2020 година соопшти дека не е откриено влијание  на оваа мрежа врз јавното здравје.

И по многу направени истражувања, досега не е забележано ниту едно штетно влијание врз здравјето кое е предизвикано од изложување на безжичната технологија, се наведува во објаснувањето на СЗО.

Професорот по инженеринг и радиологија на Њујорк Универзитетот, Теодор Рапапорт, во интервју за „Ју Ес Еј Тудеј“ изјави дека луѓето треба да се позагрижени да ставаат крема со заштитен фактор против сончеви УВ зраци, отколку за 5Г мрежата и нивните мобилни телефони.

Важно е луѓето да сфатат дека ултравиолетовите зраци од сонцето се со илјадници пати повисока фреквенција отколку 5Г, вели тој.

Интернационалната комисија за заштита од радијација објави дека тврдењето оти 5Г мрежата може да предизвика ковид-19 и да ги засили неговите симптоми не е научно докажано, дури ни со најслаби докази и дека таквото тврдење не е возможно.

Изложеноста на 5Г уреди не предизвикува ковид-19 ниту пак има било какво влијание на процесот на развој на болеста, ниту на исходот од истата. Како што напомена СЗО, треба да се дојде во физички контакт со коронавирусот за да станете инфицирани, а 5Г не може да биде носител на вируси, ниту пак може да ве доведе до контакт со истите, напишаа оттаму во официјално соопштение.

Проверувачите на факти на „Политифакт“ пишуваат дека и во региони со мала изложеност на 5Г сепак се случуваат инфекции со коронавирусот.

Труењето со радијација, како што пишува Мајо Клиниката во САД, е многу ретко, иако е многу сериозно и честопати фатално. Предизвикано е од големи дози радијација врз организмот, а апсорбираната доза одредува колкав ќе биде степенот на болеста.

Понатаму во видеото од 56 секунда до 2 минута и 22 секунда се изнесува дека неколку епидемии, како на пример, таа на шпански грип од 1918, се појавува баш кога почнале за првпат да се емитуваат радиобранови во светот. Говорникот во овој временски интервал од видеото тврди дека секојпат кога има технолошки скок на микробрановите зрачења, се создава епидемија или пандемија, па така свинскиот грип се појавил во исто време кога се емитувала 4Г мрежата.

Меѓутоа, како што објаснува „Ројтерс“, не се вистинити тврдењата дека разните болести се поврзани со зрачење од 3Г, 4Г и 5Г.

Иако 3Г, 4Г и 5Г мрежите почнуваат со функционирање на слични датуми со САРС, свинскиот грип и новиот коронавирус, нивните стартни датуми не се совпаѓаат!

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека постот што е предмет на нашата рецензија е невистинит. Тој влегува во доменот на теориите на заговор, пласирани во текот на целата пандемија со ковид-19 со цел да се внесе недоверба во здравствениот систем како и во вакциналниот процес, нешто што може да биде фатално по индивидуалното здравје и штетно по колективното здравје.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.