Со цел да се ублажат социо-економските последици од влијанието на ковид-19 врз ранливите групи, Фондацијата Отворено општество – Македонија обезбеди 148.000 долари локална поддршка преку регионалниот проект „Одговор на социо-економските ефекти од ковид-19 преку поддршка на ранливите групи, нископлатените работници, работниците од неформалната економија и повремено вработените.“
Проектот се спроведува во земјите од Западен Балкан, со поддршка од Заедничкиот фонд за брз одговор на ковид-19 на Фондациите Отворено општество.
„Проектот има за цел да даде свој придонес кон подоброто разбирање на ефектот од владините политики врз ранливите групи, а преку спроведените активности да придонесе за ублажување на социо-економските последици за нив. Воедно, проектот ќе промовира подолгорочни мерки за ублажување на ефектите и ќе тестира и развива нови модели и иницијативи за развој во регионот, конкретно за вработување на лицата од ранливите групи. Локалната грант-поддршката за трите здруженија и трите тинк-тенк организации, преку спроведените активности во рамките на проектот, ќе овозможи директна поддршка за организациите кои ги застапуваат ранливите категории граѓани, за да креираат конкретни модели и интервенции за заштита од последиците од кризата и да стимулираат вработување, како и директна поддршка на ранливите групи граѓани,“ информираат од ФООМ.
Поддршката исто така ќе опфати анализа на реалната социо-економска состојба, со што ќе се овозможи следење и креирање јавни политики кои се темелат на факти, како и обезбедување неутрални и независни препораки за владата, опозицијата, медиумите и за јавна дебата; подобрување на капацитетите за застапување на здруженијата, но и на најранливите групи, со што ќе се овозможи нивно директно влијание врз креирањето на долгорочните политики, и придонес кон формирањето регионална платформа за јавен дијалог за да се дискутира за ефектите од кризата врз економските сектори и да се изгради стратегиска визија за развојот на земјите од Западен Балкан по завршувањето на кризата со ковид-19.
„Ние во Фондацијата Отворено општество – Македонија се залагаме за достоинство за сите граѓани подеднакво и продолжуваме и натаму брзо и флексибилно да реагираме на сите закани за отвореното општество,“ се додава во соопштението.