Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, односно од БиХ на север, до Грција на југ.
Српскиот сервис за борба против дезинформациите istinomer.rs анализираше тврдење на српскиот министер за здравје Златибор Лончар, дека Светската здравствена организација (СЗО) не дозволува обдукции на починатите од корона вирусот и оцени дека станува збор за невистина.
– Сакаме само конечно да разјасниме една работа. Постојано се поставува прашањето, не само кај нас, туку се поставува и кај многумина, дали некој умрел од корона или не умрел од корона. За да се утврди дали некој умрел од која било болест, и која е причината, единствено што е меродавно – е обдукцијата. А Светската здравствена организација рече дека не може да се прави обдукција – изјавил Лончар на 17 јули.
Истражувањето на istinomer.rs довело до ситуација на спротивставени ставови, односно обидувајќи се да утврдат дали во Србија се правени обдукции на починати од ковид-19, наишле и инакви тврдења од тие на српскиот министер за здравје, Златибор Лончар.
Сепак, најбитниот аргумент на „Истиномер“ за да ја прогласи изјавата на Лончар за невистинита е самата СЗО. Имено, во март светската организација објавила насоки за безбедносни мерки при вршење обдукции на пациенти што починале од корона вирусот, но во документот никаде не се наведува дека обдукциите се забранети, туку се даваат совети и насоки за дополнителна безбедност при аутопсирањето – како соодветен проток на воздух, детално опишана заштитна опрема и учество на минимален број персонал.