!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Вучиќ: Барањето на БИХ за ревизија на пресудата во Хаг е неодговорен потег


       
Белград, 24 февруари, 2017 - 14:41 (META) 

Највисоките државни функционери на Србија како „неодговорен потег“ го оценија и го осудија отворањето на постапката за ревизија на пресудата на Меѓународсниот суд на правдата во Хаг по тужба на Босна и Херцеговина против Србија за геноцид и предупредија дека со ваквиот чекор целиот регион се враќа во минатото.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека барањето на БИХ е неодговорен потег со кој се создава многу лоша атмосфера, а тешко градените односи на Србија и на БИХ се враќаат во минатото. Вучиќ оцени дека со поднесувањето на барањето за ревизија потресена е стабилноста на целиот регион. Тој повтори дека Србија секогаш ќе го почитува интегритетот на БИХ и ќе се залага за зачувување на мирот и на стабилноста, но дека по ниедна цена нема да дозволи да бидат загрозени српските државни и национални интереси.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, рече дека потегот на членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ, е во длабока спротивност со настојувањата за постигнување сеопфатно помирување во регионот. Тој додаде дека Србија ќе ги преземе сите мерки да ги заштити своите и интересите на српскиот народ во БИХ.

Министерката за правда на Србија, Нела Кубуровиќ, изјави дека поднесувањето на барањето за ревизија на тужбата против Србија кое доаѓа по волјата на еден човек, а не на институциите на БИХ, го наметнува прашањето за легитимноста на самото барање. Кубуровиќ додава оти се надева дека во новата постапка Меѓународниот суд на правдата во Хаг ќе знае да ги одвои правото и правдата од политичката пропаганда.