Земјотрес со јачина од 5,4 степени во Црна Гора, почувствуван и во Македонија и регионот

Од црногорскиот завод подоцна информираа дека по главниот земјотрес, следувале уште 30 помали

Фото: Shefali Lincoln на Unsplash

Земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала утрово околу 4 часот ги разбуди граѓаните на Црна Гора, а беше почувствуван во повеќе држави во регионот.

Црногорскиот Завод за хидрометеорологија и сеизмологија извести дека бил регистриран силен земјотрес со епицентар на пет километри југозападно од Чараѓе во Општина Никшиќ, јави црногорскиот весник „Побједа“.

Засега нема податоци за евентуална штета, а според информации од заводот, штета можеби настанала во епицентралното подрачје.

Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ) претходно јави за земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтер. Во истото подрачје околу 4 часот и 30 минути биле регистрирани уште два послаби земјотреса со јачина од 3,1 степен.

Од црногорскиот завод подоцна информираа дека по главниот земјотрес, следувале уште 30 помали.

Земјотресот бил почувствуван и во Босна и Херцеговина и Хрватска.

Српска „Нова.рс“ јави дека земјотресот ги вознемирил и граѓаните на Белград, особено оние кои живеат на повисоките катови во зградите.

Земјотресот со епицентар во Црна Гора бил почувствуван и во Македонија, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје.

Според податоците со кои располага опсерваторијата, земјотресот бил почувствуван во северните и југозападните делови од земјава, односно во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Охрид, Струга, Ресен, Скопје, Куманово и Велес.