Анти-исламскиот популист Герт Вилдерс се откажа од премиерската позиција во Холандија поради немање доволно поддршка

Одбивањето на потенцијалните коалиционери да прифатат некои од поекстремните ветувања на Вилдерс, веќе го принуди да се откаже од антиуставните мерки, вклучително и од забраната на џамии, Куранот и исламските шамии, како и од референдумот „Некзит“ (Nexit) за излегување од Европската Унија

Фото: Wouter Engler, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Герт Вилдерс, чија екстремно десничарска Партија на слободата (ПВВ) ја шокираше Холандија со освојувањето најмногу гласови на изборите што се одржаа кон крајот на минатата година, призна дека нема да биде следниот холандски премиер, затоа што неговите потенцијални коалициски партнери не го поддржуваат.

„Можам да станам премиер само ако сите партии во коалицијата го поддржат тоа. Тоа не беше случај“, напиша вчеравечер Вилдерс на социјалната мрежа „Х“, а пренесе Гардијан.

„Би сакал десничарски кабинет. Помалку азил и имиграција. Холандија на прво место. Љубовта кон мојата земја и гласачите е голема и поважна од мојата сопствена позиција“, вели Вилдерс.

Тој подоцна додаде уште една објава во која вели дека сепак ќе станел премиер на Холандија еден ден.

„Со поддршка на уште повеќе Холанѓани. Ако не утре, тогаш задутре. Ќе се слушне гласот на милиони Холанѓани“, вели Вилдерс во својата објава.

Популистичката ПВВ освои 37 места – многу повеќе од предвиденото, но многу помалку од потребното мнозинство во парламентот со 150 места. Од изборите во ноември, оваа партија води разговори за коалицирање со тројца потенцијални десничарски сојузници.

Нивното одбивање да прифатат некои од поекстремните ветувања на Вилдерс, веќе го принуди да се откаже од антиуставните мерки, вклучително и од забраната на џамии, Куранот и исламските шамии, како и од референдумот „Некзит“ (Nexit) за излегување од Европската Унија.

Најавата на исламофобичниот популист Вилдерс дека нема да стане премиер доаѓа еден ден пред посредникот во коалициските преговори Ким Путерс да го претстави извештајот за напредокот на преговорите.

Холандскиот национален радиодифузер „НОС“ (NOS) претходно објави дека четворицата потенцијални партнери размислуваат за сценарио во кое партиските лидери ќе останат во парламентот и нема да се приклучат на новата влада. Наместо тоа, би можел да биде назначен таканаречен „вонпарламентарен“ кабинет од искусни политичари и експерти надвор од политиката, кои не се сметаат за блиски сојузници на ниту една од владејачките партии, и кои би имале тесна соработка со парламентот.

Путерс рече дека четирите партии – ПВВ, либерално-конзервативната ВВД, популистичкото Движење Земјоделци-Граѓани (БББ) и Нов социјален договор (НСЦ) се подготвени да го направат „следниот чекор“ по два дена интензивни разговори.