fbpx

Исламофобичниот популист Герт Вилдерс освои најмногу гласови на парламентарните избори во Холандија

Според предвидувањата, Партијата за слобода, како што се нарекува, освоила 37 пратенички места од можни 150

-

Десничарската Партија за слобода (PVV), предводена од Герт Вилдерс, освои најмногу гласови на вчерашните парламентарни избори во Холандија, освојувајќи 37 пратенички места од вкупно 150, известува Би-би-си, неофицијлано, според 94 отсто од пребројаните гласови. Герт Вилдерс долги години е присутен на холандската политичка сцена и е познат по своите цврсти анти-исламски ставови.

На второ место е левичарска коалиција предводена од бившиот европски комeсар Франс Тимерманс со 25 освоени пратенички места, a на трето место е партијата на Дилан Јешилгис, популарната и харизматичната кандидатка која е родена во Турција, со 24 освоени пратенички места.

Но, сè уште е нејасно како победникот Вилдерс ќе формира парламентарно мнозинство од 76 пратеници, имајќи предвид оти голем број од лидерите на другите партии не се расположени за соработка со него токму поради неговите контроверзни ставови. Пред изборите Тимерманс изјавил дека во никој случај не би формирал коалиција со десничарскиот Вилдерс, додека Јешилгис иницијално рекла дека не би соработувала со него, но после си го променила ставот.

Вилдерс, често наречен „холандскиот Доналд Трамп“, уште од кога првпат станал пратеник во 1998 година, е најпознат по своите исламофобични ставови. Се залага за „замрзнување“ на примањето на азиланти и за построга политика за имигранти.

Според Би-би-си, реториката на Вилдерс против азилантите имала плодна почва да стане популарна поради станбената криза со која се справува Холандија. Просечниот стан чини над 400.000 евра, а има околу девет пати повеќе луѓе кои бараат станови отколку што има станови. Истовремено, во 2022 година, како последица на војната во Украина, Холандија прифатила 223.000 азиланти, речиси двојно повеќе од претходната година.

Сепак, исламофобичните ставови на Вилдерс не се сведуваат само на анти-азилантски политики. Тој смета дека треба да се затворат сите џамии во Холандија, а во 2010 година, бил тужен за говор на омраза против етнички малцинства; бил ослободен од сите обвиненија.

Се има залагано Куранот да се забрани во Холандија, нарекувајќи го фашистички екстремистички текст; вели дека ваквата забрана има преседан, споредувајќи го тешкиот пристап до „Мајн кампф“ на Адолф Хитлер во Германија.

Вилдерс сè уште стои зад ставот дека треба да се забранат џамиите и муслиманските школи. Но, во неделите пред парламентарните избори, пратеникот рекол дека е подготвен тие политики да не бидат на врвен приоритет во неговата идна влада. Според Би-би-си, ваквото ублажување на своите ставови му помогнало да привлече повеќе гласачи.

Вилдерс се има залагано и за „Негзит“, холандска верзија на „Брегзит“, односно референдум за повлекување на членството во Европската унија. Според него, ЕУ сериозно го загрозува суверенитетот на Холандија. Сепак, има признаено дека можеби не постои расположение за ваков референдум во Холандија моментално.

Друг интересен факт за неговата партија, Партијата на слободата, која ја основал во 2006 година, е тоа што Вилдерс е нејзиниот единствен официјален член. Поради ова, таа не ги исполнува условите за добивање финансии од холандската влада, што значи дека партијата е воглавно финансирана од американски конзервативни организации и фирми, известува Политико. Дополнително, тоа што е единствен член на партијата му дава нему тотална контрола врз нејзините политики.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...