!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Димовски ќе бара од Уставниот суд да го поништи Законот за јазиците


Скопје, 16 јануари, 2018 - 12:35 (META) 

Пратеникот Илија Димовски денеска најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за поништување на Законот за употреба на јазиците.

Тој преку својот фејсбук-профил апелераше до претседателот на државата, Ѓорге Иванов да не го потпишува указот за прогласување на законот, а до неговите колеги во Собранието да не гласаат за овој закон кога тој повторно ќе се врати на седница во законодавниот дом.

„Доколку и покрај укажувањата на целокупната јавност пратениците на СДСМ повторно одлучат да гласаат за овој закон, најавувам дека ќе поведам иницијатива пред Уставниот суд на Република Македонија за поништување на овој закон“, напиша Димовски на „Фејсбук“.

Според него Законот за употреба на јазиците или како што го нарекува „Законот за двојазичност“ е штетен, дезинтегрирачки, дискриминирачки и целосно неуставен документ.

„Овој закон е донесен како плод на партиски пазарења помеѓу партиите, а не како плод на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на нашите сограѓани од помалубројните етнички заедници (Албанците, но и сите други помали заедници). Процедурата за донесување на овој закон во Собранието на Република Македонија беше целосно неделовничка и спротивна на основните демократски стандарди. Овој закон е донесен на сила. Овој закон ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Република Македонија, но и ја загрозува унитарноста и иднината на нашата држава“, пишува Димовски.


Рама: Без нас албанскиот немаше да биде официјален јазик во Македонија


Тирана, 14 јануари, 2018 - 21:58 (META) 

Премиерот на Албанија, Еди Рама усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија го оцени како голем настан, кој што пред неколку години не можел ни да се замисли. За време на конференцијата на Младинскиот форум на неговата Социјалистичка партија, тој изјави дека за изгласувањето на овој закон заслужна е неговата Влада, која имала сериозен пристап кон односите со Македонија, јави ТВ 21.

-Пред неколку дена, во македонското Собрание помина законот кој не можеше ни да се замисли пред некое време. Јас ви велам дека сите вие треба да бидете горди, треба да бидат горди сите тие што гласаа, ја поддржаа и веруваа во оваа партија, бидејќи без неа денеска немаше да постои официјален албански јазик во Македонија – изјави Рама, изразувајќи надеж дека Албанија нема да биде сама во европското семејството, туку заедно со другите земји од Балканот, како што рече, каде што најмногу живеат Албанци.


Ако Иванов не го потпише за седум дена, законот за јазиците ќе почека уште еден месец


Скопје, 11 јануари, 2018 - 19:31 (META) 

По денешното усвојување во Собранието, Законот за употреба на јазиците во следните седум дена е во рацете на претседателот на државата Ѓорге Иванов кој треба да го потпише указот за негово прогласување за да може законот да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи на сила.

Надлежностите на претседателот на државата и роковите за попишување на указите за прогласување на законите се регулирани во Уставот, Деловникот на Собранието и во Законот за Собрание.

Според Законот за Собранието, претседателот на законодавниот дом, во случајов Талат Џафери уште денеска треба да го достави законот кај Иванов заради потпишување на указот.

Иванов, според истиот закон, има рок од седум дена да го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот на државата има право да не го потпише законот, освен во случај кога е донесен со двотретинско мнозинство, за што треба писмено да го извести собранискиот спикер.

Во таков случај Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, стои во членот 75 од Уставот.

Постапката за повторно разгледување на законот е пропишана во Деловникот и во Законот за Собрание.

„Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“, стои во ставовите 3 и 4 од членот 38 од Законот за Собрание, како и во членот 173 од Деловникот на Собранието.


Рама и Мета го поздравија усвојувањето на Законот за употреба на јазиците


Тирана, 11 јануари, 2018 - 17:31 (META) 

Државниот врв на Албанија денеска преку социјалните мрежи го поздрави усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во македонското Собрание.

Албанскиот премиер, Еди Рама на „Твитер“ напиша дека усвојувањето на Законот за употреба на јазиците претставува „историско постигнување за Албанците, коj ја демократизира и зајакнува Македонија“.

Претседателот на Албанија, Илир Мета кој од денеска е во службена посета на Словенија, на „Фејсбук“ наведе дека станува збор за важен чин, не само за Албанците, туку и за европската иднина на Македонија.

„Драги пријатели, само што стигнав на аеродромот во Љубљана ја добив среќната вест дека македонскиот Парламент го усвоил законот за употребна на албанскиот јазик. Тоа е значаен акт не само за Албанците туку и за европската иднина на Македонија“, напиша Мета.


СДСМ: Законот за јазиците е уставен, реакциите на ВМРО-ДПМНЕ се кукавички и неосновани


Скопје, 11 јануари, 2018 - 17:15 (META) 

Измените на Законот за употреба на јазиците, што Собранието ги усвои денеска, се во согласност со Уставот на Република Македонија и амандманот 5, донесен пред 17 години, велат од СДСМ.

Со усвоените измени, додаваат од партијата, не се загрозува уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територијата, како и во меѓународните односи, а се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија.

Од владејачката партија ги оценуваат како „кукавички и неосновани“ реакциите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Доколку имаше било какви аргументи за лажните тврдења, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ можеа да присуствуваат и да ги бранат на денешната собраниската седница, наместо да бегаат. Останува фактот дека на овој начин ВМРО-ДПМНЕ покажува дека нема капацитет да ги надмине политиките на создавање вештачки поделби меѓу граѓаните“, стои во соопштението на СДСМ.


Ратификацијата на Договорот со Бугарија и законите за ОТА на 15 јануари пред пратениците


Скопје, 5 јануари, 2018 - 12:19 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за 15 јануари ја закажа седницата на која пратениците ќе го разгледуваат предлог-законот за ратификација на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија кој го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август минатата година во Скопје.

На истата седница, точки на дневен ред се и законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, во прво читање, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од извештаите на експертскиот тим на Европската комисија предводен од Рајнхард Прибе.

Пратениците на 15 јануари ќе расправаат и за законските решенија за Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, како и Законот за Народниот правобранител. Со измените на овие закони треба да се зајакнат контролните механизми врз работата на полицијата, односно предвидуваат формирање на посебни одделенија во Обвинителството и во судот за истражување и гонење на кривични дела сторени од полициски службеници и припадници на затворската полиција.

Инаку, Собранието со работа по Новогодишните празници ќе почне на 9 јануари, за кога се закажани продолженија на шест седници на ко дел од точките на дневен ред останаа незавршени од минатата година.

На дневен ред на една од ние е Законот за употреба на јазиците, како и именувањето на Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за судии во Уставниот суд.

Истиот ден Собранието треба да ги гласа и измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше Специјалното јавно обвинителство и законот со кој се укинува Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка.

За во вторник, следната недела е закажано и продолжението на седницата за интерпелациите на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, за финансии, за култура и за животна средина и просторно планирање, Љупчо Димовски, Мила Царовска, Драган Тевдовски, Роберт Алаѓозовски и Садула Дураку.


Беса нема да учествува во расправата за Законот за јазиците оти била „политички театар“


Скопје, 14 декември, 2017 - 13:53 (META) 

Пратениците на Беса нема да учествуваат на амандманската расправа за Законот за употреба на јазиците бидејќи за нив она што се случува во Собранието е „политички театар“.

– Нема да учествуваме во работата на Комисијата бидејќи сметаме дека ќе продолжи театарот и ние немаме намера да учествуваме во тој театар – изјави денеска пратеникот Фадил Зендели, пред почетокот на седницата на Комисијата за европски прашања.

Опозициската Беса бара да се гласа за нивните два амандмани. Со првиот партијата бара да се смени името на законот и да се вика закон за употреба на албанскиот јазик, а вториот е за целосна употреба на албанскиот јазик во државните институции.

Одговарајќи на новинарско прашање од Беса велат дека не добиле покана за учество во Владата.


„Тврдокорни“: ДПМНЕ има последна шанса да си го врати епитетот ВМРО


Скопје, 22 ноември, 2017 - 21:05 (META) 

Членови и претставници на здруженијата „Тврдокорни“, „Семакедонски национален совет“ и „Мост – Македонски обединети сили“ вечерва одржаа мирен протест пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, против законот за употреба на јазиците.

Горан Неделковски од „Тврдокорни“ пред седиштетот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека оваа партија ја има последната шанса да ја одбрани Македонија и да го заштити народот од законите што ги носи СДСМ.

– Со партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е завршено, нивниот морал е чиста нула. Никакви лаги повеќе не ги спасуваат. Не е важно колку Никола Груевски и Зоран Заев сега ја имаат политилката моќ, нивните политички неморални дела станаа толку длабоки што не постои начин тие да имаат иднина како почитувани субјекти. Македонската национална партија ДПМНЕ, доколку посака, лесно може да ги спречи овие антимакедонски дејства. Имаат последна шанса да му се вратат на народот и да ја одбранат Македонија – рече Неделковски, кој, одговарајќи на прашања на новинарите, рече дека ВМРО-ДПМНЕ го загубила епитетот ВМРО и дека не го залужува тоа име.

Претседателот на „Мост – Македонски обединети сили“, Љубиша Настов, предупреди на можна ескалација на состојбите доколку законот биде изгласан во Собранието.

Страшо Олумчев од „Семакедонскиот национален совет“ рече дека бил еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, но дека повеќе не се гледа во таа партија.

Тој рече дека ја почнале институционалната борба против законот за употреба на јазициите и потсети дека денеска здруженијата поднеле две барања, едното до Уставниот суд, со кое се оспорува донесувањето на законот, и другото до Јавното обвинителство за утврдување на кривична одговорност за пратениците во Собранието, „заради ставање во собраниска процедура на законот за двојазичност“.


Груби ја закажа седницата за законот за јазиците на Денот на албанската азбука


Скопје, 16 ноември, 2017 - 10:51 (META) 

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Артан Груби, како што најави, комисиската седница на која во второ читање ќе се расправа за предлог-законот за употреба на јазиците, ја закажа за 22 ноември – Денот на албанската азбука, потврдија од Комисијата за „Мета“.

Груби го најави тоа вчера, на прес-конференција во Собранието на Република Македонија, откако на продолжението на 15. собраниска седница, пратениците, со 66 гласа „за“ и 41 „против“, му  му дадоа виза на предлог-законот за употреба на јазиците на второ читање во надлежните комисии.

Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и таа на СДСМ рекоа дека ќе поднесат амандмани за законот, кои ќе се разгледуваат во матичната комисија.

Груби, пак, рече дека пратеничката група на ДУИ нема да поднесе амандмански предлози, оти нивните забелешки веќе се доставени до Венециската комисија.


ДОМ: Не гласавме за законот за јазиците, оти е тешко применлив и нефункционален


Скопје, 15 ноември, 2017 - 17:12 (META) 

Од партијата ДОМ велат дека нивните две пратенички во Собранието, Лилјана Поповска и Маја Морачанин во Собранието не гласале „за“ предлог-законот за употреба на јазиците во прво читање затоа што сметаат дека законот е „тешко применлив и нефункционален“.

„На денешното гласање за законот за употреба на јазиците во прво читање пратеничките од ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин, не гласаа ниту „за“ ниту „против“ законот. Тие ја поддржуваат идејата за унапредување на јазичните права на секој граѓанин во Република Македонија, но сметаат дека предложениот текст на законот е тешко применлив и нефункционален. Затоа во следниот период ќе се вклучат во амандманско подобрување на текстот“, се вели во партиското соопштение.

Според ДОМ, гласањето по овој закон го потврдил демократскиот капацитет на парламентарното мнозинство и правото на секој пратеник да гласа според свое лично убедување.