fbpx

Порталб: Нема одговорност за патните табли за Албанија од времето на Енвер Хоџа и за непочитувањето на двојазичноста

-

Иако поминаа неколку години од усвојувањето на Законот за двојазичност во земјава, којшто гарантира употреба на албанскиот јазик во сите органи на централната власт, неговото спроведување е на незадоволително ниво. Непримената на законот се забележува на информативните табли по патиштата, во градовите со албанско мнозинство, па сè до администрацијата и судството. Загрижува фактот што после толку години на некои информативни табли кај Свети Наум, Албанија сè уште е наведена како „Народна република“ и никој не одговара за тоа, пишува Порталб.мк.

Спроведувањето на двојазичноста во Република Северна Македонија (РСМ) е еден од клучните елементи во зајакнувањето на соработката со соседна Албанија. На заедничката средба на владите на Македонија и Албанија, во 2017 година, премиерот на Албанија, меѓу другото, ја истакна важноста од проширување на албанскиот јазик на целата територија на земјава.

„Се надевам дека законот за проширување на албанскиот јазик во Македонија ќе биде одобрен и имплементиран што е можно поскоро. Битолската азбука (н.з. – Музеј на албанската азбука) треба да се трансформира во културно-уметнички центар. Симболиката зборува многу за сите заеднички. Сме работеле и ќе работиме за благосостојба и целосно обезбедување на потенцијалот на македонското малцинство во Албанија“, рече претседателот на албанската влада, Еди Рама.

На 11 јануари 2018 година, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за употреба на јазиците на етничките заедници, со кој се унапредува официјалната употреба на албанскиот јазик во сите тела на централната власт. Законот помина со 69 гласа „за“, додека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, нарекувајќи го законот противуставен, го бојкотираше гласањето.

Пред две години, претседателот на парламентот на Северна Македонија го потпиша Законот за употреба на јазиците. Законот за јазиците предвидува целосна употреба на албанскиот јазик, или како што е речено, јазикот што го зборуваат повеќе од 20 проценти од населението, различен од македонскиот, во Владата, Собранието, судството, јавната администрација и други претпријатија и институции. По усвојувањето на Законот, неговата имплементација ќе започне една година по неговото влегување во сила и сите институции мора да донесат подзаконски акти за спроведување на Законот за јазиците. За институциите кои нема да го почитуваат законот за јазици, предвидени се казни од 4 илјади до 5 илјади евра, додека за службеници или администратори кои не го почитуваат ова начело, ќе им бидат одземени 30 отсто од платата.

 

Празнини во спроведувањето на предметниот закон се забележуваат во различни форми

Спроведувањето на Законот за двојазичност во практиката речиси и не се остварува. Празнини во спроведувањето на предметниот закон се забележуваат во различни форми, од промена на информативните табли, таблите пред/на институциите, во судството, меморандуми, печати, логоа, веб-страници и други. Дури и по две години, законот за двојазичност не се спроведува целосно ниту во места каде што има албанско мнозинство, ниту на граничните премини со соседна Албанија.

Недостиг на волја за соработка на македонските власти е особено забележлив на граничниот премин „Свети Наум“. На информативните табли на оваа област, Албанија сè уште е наведена како „Народна Република Албанија“. Порталб.мк ја посети оваа област и забележа дека на четири различни табли, освен што воопшто нема опис на албански јазик, Албанија сè уште е претставена како комунистичка република.

Иако медиумите во земјава со години го покренуваат прашањето во врска со небрежноста на властите да ги сменат овие табли, до денес ништо не е сторено. Од друга страна, на граничниот премин „Ќафасан“, информативната табла дека сте на граничниот премин е само на македонски и англиски јазик. Што се однесува до информативните табли покрај патот што води до овој граничен премин, тие се скоро непостоечки. Друга заедничка карактеристика на двете погранични зони е многу лошата патна инфраструктура.

Фото: Порталб.мк

За небрежност при промена на таблите, особено оние во Свети Наум, нашата редакција побара одговор од Јавното претпријатие за државни патишта. На прашањето зошто и по толку години информативните табли во Свети Наум, каде Албанија сè уште се појавува како комунистичка република, не се променети, од ЈП за државни патишта, врз основа на фотографиите што им ги испративме, ни беше кажано дека е локален пат и дека тие немаат никакви овластувања.

Нашата редакција се обрати и до Јавното претпријатие „Македонија пат“, во чија активност, меѓу другото, се наведува: ЈП „Македонијапат“ има повеќе должности и обврски, меѓу кои: проектирање, обработка и регулирање на хоризонтална и вертикална сигнализација на патот.

Од ЈП „Македонија пат“ нè упатија да контактираме со раководителот на секторот за сигнализација, Јорго Османли, кој за време на телефонски разговор ни рече дека за работата што треба да ја направат, прво мора да имаат програма за работа и барање од ЈП за државни патишта. Нашата редакција испрати повторно барање за информации до ова јавно претпријатие, од каде сè уште немаме одговор. (Нашата редакција ќе ги ажурира вестите штом ќе добие одговор од ЈП за државни патишта).

Фото: Порталб.мк

Во меѓувреме, во врска со недостигот на информативни табли и основна сигнализација на автопатот Струга-Ќафасан од ЈП за државни патишта ни рекоа дека овој проблем ќе се реши заедно со санацијата на патот Подмоље-Струга-Ќафасан.

 

Агенција за примена на јазикот на РСМ: Постојат празнини во спроведувањето на Законот за двојазичност

Од Агенција за примена на јазикот на РСМ (АПЈ) за Порталб.мк потврдија дека има пропусти во спроведувањето на Законот за двојазичност, но без да дадат повеќе детали, ни рекоа дека има напредок.

„Агенцијата за примена на јазикот на РСМ го финализира Годишниот извештај за 2020 година, кој ќе открие детални податоци за спроведувањето на Законот за употреба на јазиците. Таму ќе можете да ја видите фактичката состојба. Во извештајот што го подготвуваме во врска со работата на нашата агенција во текот на 2020 година, според податоците што успеавме да ги собереме, може да се каже дека има пропусти, но има и напредок. Сепак, подетално ќе знаете по објавувањето на крајот на март“, рекоа од АПЈ.

Во својот извештај за 2019 година, АПЈ наведе дека доставила вкупно 641 анкетни прашалници со низа структурирани прашања упатени до институциите од јавниот сектор, а сепак добиле одговори од само 183 институции. Едно од прашањата било: Дали сте ги исполниле своите обврски во согласност со член 7 од овој закон, и ако не сте ги исполниле целосно, до која фаза сте достигнале со промена на таблите, меморандумите, печатите, логоата и веб-страниците на институцијата?

– 147 институции одговориле дека ги смениле таблите, 36 не;

– 119 институции одговориле дека ги смениле меморандумите, 64 не;

– 151 институција одговориле дека ги смениле печатите, 32 не;

– 110 институции одговориле дека ги смениле логоата, 73 не;

– 113 институции одговориле дека ги измениле своите веб-страници, 70 не.

Повеќето институции кои одговориле на истражувањето на АПЈ наведуваат дека за 2020 година не предвиделе финансиски средства за нови преведувачи и лектори.

-43 институции одговориле дека обезбедиле финансиски средства;

– 96 институции одговориле дека не обезбедиле финансиски средства;

– 4 институции одговориле дека не можат да одговорат на ова прашање;

– 41 институција не дале никаков одговор во врска со ова прашање.

Од вкупно 183 добиени одговори:

– 131 институција одговориле само на македонски јазик;

– 4 институции одговориле само на албански јазик;

– 48 институции одговориле и на македонски и на албански јазик.

 

Дали им се изречени казни на оние што не го спровеле Законот за двојазичност?

Инспекторатот за употреба на јазиците (ИУЈ), како орган во состав на Министерството за правда, има надлежност за надгледување на целосна и точна примена на одредбите од Законот за употреба на јазиците. Но, во моментов, овој инспекторат не може да изрекува казни за оние што го кршат законот. Од ИУЈ информираат дека во моментов се во фаза на добивање лиценца за инспектор, што значи дека немаат ниту лиценцирани инспектори ниту право да излезат на терен за да извршат инспекциски надзор.

„Според Законот за инспекциски надзор, член 42 и 43, обуката за добивање лиценца за инспектор се спроведува врз основа на програмата за обука и се состои од два дела со вкупно времетраење од 12 месеци, и тоа: три месеци интерактивна обука и девет месеци практична работа под надзор на ментор од инспекциската служба каде што е вработен. Општиот дел од испитот го организира и спроведува Инспекцискиот совет. Практичниот дел од испитот го организира и спроведува инспекциската служба каде што е вработен кандидатот за инспектор. Сепак, со оглед на фактот дека вработените во Инспекторатот за употреба на јазиците кои се надлежни за инспекциски надзор, односно инспекторите, сè уште немаат лиценца за вршење инспекциски надзор над употребата на јазиците, односно се во фаза на добивање лиценца, односно, инспекторите го поминале првиот дел, односно интерактивната обука и се во процес на вториот дел или практичниот дел од испитот организиран и спроведен од инспекциската служба каде што е вработен кандидатот за инспектор. Во фазата во која се наоѓаме како Инспекторат, не можеме да дадеме конкретни проценки во однос на фактичката и реалната состојба на спроведувањето на Законот за употреба на јазиците од страна на надлежните државни институции“, изјавија од Инспекторатот за употреба на јазиците.

 

Таблите на „Свети Наум“ вознемирувачки за Албанците

Експертите за меѓународни прашања од Албанија проценуваат дека непочитувањето на Законот за двојазичност не само што претставува повреда на закон, туку и дава порака дека овој закон се користи од политички причини.

„Институциите на Северна Македонија мора јасно да се вклучат во почитување на Уставот на земјата. Секој недостиг на волја за почитување на законот за двојазичност не само што претставува повреда, туку исто така ќе даде погрешна порака дека законот е усвоен не толку за да им се даде право на албанските граѓани, туку да се искористи за политички причини “, рече за Порталб.мк Лорен Коцолари од албанскиот Институт за меѓународни студии.

Неменувањето на информативните табли, на коишто Албанија и по толку години е претставена како комунистичка република, според Коцолари зборува дека во одредени моменти од различни влади можеби е игнорирана албанската држава.

„Мора да се разбере дали небрежноста на институциите во Северна Македонија е самоволна или не, за да се каже потоа дали е ова прашање загрижувачко. За предметниот случај се чини дека е донекаде тешко да се помисли дека сиве овие години, никој не забележал таков проблем. Во одредени моменти, различни влади можеби сакаа да ја дадат својата порака преку своето непостапување, со што ја игнорираа албанската држава. Но, од друга страна, односот помеѓу двете актуелни влади е во добар момент или добар однос, така што она што можеше да биде самоволност и небрежност во минатото, веројатно еволуирало во заборав, што сепак ќе мора да најде решение што е можно побрзо. Колку и да изгледа симболично, за повеќето Албанци, Народна Република Албанија е име што носи трагични спомени и ги враќа кошмарите на диктатурата која остави уништувачки последици на многу правци. Затоа, албанската влада треба да упати формално барање ова прашање да се реши што е можно побрзо“, велат, меѓу другото, од албанскиот Институт за меѓународни студии.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...