fbpx

Анализа на Порталб.мк: Општините ќе добијат поголема комоција за трошење – дали ќе се зголемат одговорноста и отчетноста?

-

Ниту ги реализирале планираните приходи, ниту ги оствариле планираните трошења. Најновите податоци за финансиите на општините покажуваат дека вкупно сите единици на локалната самоуправа прикажале значајно пониски и расходи и приходи во 2020 година, пишува „Порталб.мк“. Со законски измени власта планира да ја зголеми комоцијата на општините за трошење. Дали ќе се зголеми и одговорноста како ќе се трошат парите?

Во предворје на локалните избори, со законски измени Владата им ја зголемува слободата на општините, да може да планираат повисоки приходи во локалните буџети, што подразбира и зголемување на трошењата. Дополнувањата на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа веќе е во собраниска процедура.

„Сопствените приходи на основниот буџет на општината може да се планираат со пораст од најмногу 50 отсто од просечно остварените приходи во последните три години, според податоците од трезорската евиденција“ – се наведува во предложените законски дополнувања.

Според власта, на ваков начин ќе им се помогне на општините да ја „преживеат“ економската криза.

2Измената се прави со цел да се олесни работењето на општините во време на ковид-19, токму и затоа е предвидено одредбите од членот 22-а од овој закон да се применуваат во периодот од 1 јануари 2021 година до 31 декември 2021 година“ – образложуваат од Владата.

За опозицијата овој потег е предизборно мотивиран и претставува закана за нови идни задолжувања на општините кои нема да можат да ги сервисираат.

„Сложеноста ја гледам во немањето принципиелност за овој предлог закон, а ова е заради следново. На 13 ноември 2018 година носите ваков закон каде го лимитирате максималниот износ на планираниот пораст од најмногу 10 отсто на сопствените приходи на основниот буџет, во однос на просечно остварените приходи во последните три години. Во време кога нема ковид криза, на која се повикувате во образложението, на 20 ноември 2019 години, една година подоцна, носите нов закон каде го лимитирате максималниот закон на планиран износ во пораст од најмногу 30 отсто, и сега доставувате дополнување за пораст од 50 отсто“ – изјави Бети Стаменковска Трајкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Досегашните „лимитирања“ за зголемување на општинските буџети требаше да ја зголемат дисциплината во трошење на локално ниво и да ги намалат долговите на општините, а како дел од овој пакет беа и десетиици милиони евра од државниот Буџет со кои се покриваа долговите на општините.

Најновите податоци од Министерството за финансии покажуваат дека општините во земјава и натаму пријавуваат милионски долгови – доспеани, а неплатени обрврски. На крајот од 2020 година вкупно сите општини имаат доспеани, неплатени обврски во износ од 60,1 милион евра. Доспеани долгови пријавиле и јавните пртпријатија основани и менаџирани од локалните власти.

Доспеани неплатени долгови   Недоспеани долгови (во милиони евра):

Општини         60,1                      7, 8

Општински ЈП 48,1                       4,4

И натаму меѓу најголемите должници на должничката листа се токму општините – дел од нив, во однос на 2019, сепак успеале да го намалат долгот, не само со поддршка на парите од државниот буџет, туку и како резултат на договорите со доверителите за исплата на главница на долг, а со намалување или отпис на каматите за долгот.

Во првите десет најголеми должници повторно се трите општини: Тетово, со долг од 9,8 милиони евра, Охрид со доспеани, а неплатени обврски во износ од 6,9 милиони евра и Карпош со пријавени неподмирени обврски од 4,9 милиони евра на крајот од 2020. Првите шест на листата општини со доспеани, а неплатени обврски за 2020 година се: Тетово со 9,8 милиони евра, Охрид 6,9, Карпош 4,9, Гостивар 3,5, Струга 3,4 и Делчево со 3,1 милион евра.

Освен што во законските измени се предлага општините да можат да ги зголемат приходите и расходите, во игра е и решение за отпис на долгови на Јавните претпријатија основани од општините. Од Министерството за локална самоуправа најавуваат дека процесот на децентрализација ќе продолжи и ќе се засили, за да се овозможи што поголема финансиска независност на општините.

„Првата насока во децентрализацијата ќе биде обезбедување на поголема финансиска независност на локалната власт. Јасно беше порачано дека општините нема да прифатат нови надлежности, доколку не се обезбеди стабилизирање на финансиското работење на локалната власт и на нејзините институции и дека нема да бидат прифатени нови надлежности без обезбедување на адекватни финансиски средства за нивна реализација. Вториот пакет ќе биде насочен кон утврдување на можностите за преземање на нови надлежности и третиот пакет би се однесувал на организациската поставеност на работењето на локалната власт“ – посочил министерот Горан Милевски на средбата со градоначалниците во рамките на ЗЕЛС.

Сепак, останува отворено прашањето, дали ќе треба и ќе мора да зајакне контролата врз трошењата на локално ниво, со оглед на тоа што дел од нив ќе располагаат со повисоки износи на средства и ќе имаат можност за нови задолжувања.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција...