Основањето на Агенцијата за спроведување на Законот за употреба на јазиците сè уште е во почетна фаза. По назначувањето на Илбер Села за директор, во рок од две недели, според него, ќе биде изработен планот за систематизација, пишува „Порталб.мк“.
Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, ги објасни постапките за регистрација на Агенцијата во Централниот регистар.
– По назначувањето на директорот, следат други процедури за регистрација и функционирање на Агенцијата, како што е предвидено со закон. Пред регистрацијата, најнапред директорот на Агенцијата, Илбер Села, треба да изработи план за систематизација, со кој се предвидува определување на локација за Агенцијата. Откако ќе се определи локацијата, се отвора патот за регистрација во Централниот регистар – рече Хоџа.
Села извести дека во вторникот започнал со изработка на планот за систематизација.
– Сега сум во процес на изработка на планот за систематизација. Започнав во вторникот. Ова треба да заврши за максимум две недели, но не можам да говорам со сигурност – рече Села.
Бидејќи Македонија е во изборен процес, а со Изборниот законик е забрането вработување пред избори, професионалниот персонал на Агенцијата се очекува да се ангажира по завршување на претседателските избори. Нов претседател на Македонија може да имаме најрано на 6 мај, а дотогаш ќе поминат речиси четири месеци од влегувањето во сила на Законот за употреба на јазиците, кој ги обврзува институциите во рок од 6 месеци да започнат со користење на албанскиот јазик.
Со формирањето на Агенцијата за примена на албанскиот јазик, а со тоа и Законот за употреба на јазиците, започнува широката употреба на албанскиот јазик во Македонија, во институциите на централната власт и институциите на локалната самоуправа каде што Албанците се над 20 проценти. Покрај Агенцијата, со Законот за употреба на јазиците се предвидува и формирање на Инспекторат кој ќе се формира во рамки на Министерството за правда.