Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на дебатата за уставните измени во државата, на прашање на Порталб.мк во врска со предлогот за заменa на „20 отсто“ со „албански јазик“ во Уставот, кажа дека тоа воопшто не го загрижува бидејќи според него, тоа е нешто природно.
Во склоп на уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот, опозициската партија Движење Беса побарала од Министерството за правда да се измени петтиот амандман, во кој се бара албанскиот јазик да биде службен како и македонскиот, а не да се смета како јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните.
За ова, од Министерството за правда соопштија дека го примиле барањето на оваа партија и дека сите барања во врска со уставните измени ќе ги разгледа работната група.
Претседателот на државата се изјасни дека би подржал вакво нешто.
„Јас сум го кажал тоа многупати и тоа две-три години наназад, и тоа апсолутно не ми пречи. Прв би поддржал такво нешто бидејќи мислам дека тоа е природна, нормална работа. Зошто нечиј етнички идентитет, кој е јасен и неспорен за секого, би го криеле зад бројки?“, рече Пендаровски.
За тоа, дали е планирана средба со партиите во врска со уставните измени со цел да се забрза овој процес, тој рече дека во моментов нема такво нешто, но дека е отворен за такви средби.
„Јас продолжувам да велам дека сум отворен за таков вид на форум или средба, но треба да има договор меѓу две, три, пет, наводно засегнати страни. Ваква согласност во моментов нема“, додаде тој.
Прашан од кого нема согласност, претседателот рече дека зависи како се формулира прашањето.
„Некој сака да го дискутира хрватскиот модел, друга страна вели дека сме го решиле тоа прашање пред 20 години. Ако првата страна вели да дискутираме за Бугарите во Уставот, зошто да не, бидејќи ова е главното за да се продолжи кон Европа, другата страна вели не. Затоа, не можеш да натераш некого со сила“, истакна Пендаровски.
Во меѓувреме, заменик-премиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ изјави дека работната група на Министерството за правда за уставните измени, во кои Бугарите и другите помали заедници ќе бидат вклучени во преамбулата на Уставот, ќе ја одржи првата средба по Велигденските празници и ќе започне со формулирање на предлозите за амандмани, за кои потоа ќе биде отворена јавна дискусија.
Вчера, заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ оцени дека вклучувањето на другите етнитети во преамбулата на Уставот преку уставните измени, нема да му нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ.
Таа истакна дека наскоро работната група за уставните измени ќе биде дополнета со експерти, одредувајќи ја и работната методологија. Со согласноста на 80 пратеници на Собранието, постапката на уставни измени ќе биде започната во Комисијата за уставни прашања. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потврди дека неговата партија нема да учествува во овој процес. Тој оцени дека Владата сака да го политизира процесот.
Претседателот на опозициското Движење Беса, Билал Касами, изјавил дека не е против вклучувањето на Бугарите во Уставот, но дека ќе подржат такви измени доколку формулирањето „јазикот што се зборува од 20 проценти на граѓаните“, се замени со „албанскиот јазик“. Сличен е и ставот на фракцијата на ДУИ, раководена од таканаречената „Огнена група“, која побара да бидат дел од работната група за уставните измени.
Да се потсетиме дека преговорите со ЕУ нема да започнат додека не се реализираат уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот од страна на Северна Македонија, кои за да се изгласаат во Собрание потребни се две третини од пратениците, кои мнозинството ги нема. Затоа е потребна поддршка од македонската опозиција. Но, ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да гласаат за уставните измени.
Ако не се направат уставните измени до октомври оваа година, процесот на евроинтеграции за земјава е во опасност повторно да биде блокиран. Пред да се повлече ветото, почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија постојано се блокираше од страна на Бугарија преку поставување на вето.