!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Еуровингс“ воведе авиолинија на релација Скопје – Минхен


Скопје, 17 август, 2017 - 12:38 (META) 

Нискобуџетната авиокомпанија „Еуровингс“ (Eurowings), членка на групацијата „Луфтханза“, ќе воведе нова линија Скопје – Минхен, поврзувајќи го скопскиот аеродром „Александар Велики“ со меѓународниот аеродром во Минхен, „Франц Јозеф Штраус“, информираат од „ТАВ Македонија“.

Линијата Скопје – Минхен ќе биде воспоставена од октомври, два пати неделно, односно, секој вторник и петок.

Официјалните претставници на авиокомпанијата најавија, најниските цени за авионските билети ќе почнуваат од 39,99 евра и веќе се во продажба преку веб-страницата на авиокомпанијата eurowings.com.

– Скопскиот аеродром „Александар Велики“ ќе биде поврзан со главниот аеродром во Минхен, што ќе претставува одличен избор и можност за продлабочување на комуникацијата меѓу двата града. Нашите патници, не само од Македонија, туку и од регионот, ќе имаат дополнителни конекции и во Европа и интерконтинентално – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

„Еуровингс“ неодамна најави 10 нови прекуокеански летови од аеродромот во Минхен. Сообраќа на повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји низ Европа и е добро позната по одличната мрежа на авиолинии до атрактивни туристички локации. Лета во многу држави во регионот, како што се Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Турција.


Поради Супер купот на 7, 8 и 9 август патниците на аеродром да дојдат 4 часа порано


Скопје, 4 август, 2017 - 15:53 (META) 

Поради Супер купот на УЕФА, сите патници што на 7, 8 и 9 август ќе патуваат од скопскиот аеродром треба да пристигнат на аеродромот три до четири часа пред полетувањето.

„Сите патници што имаат летови од скопскиот аеродром „Александар Велики“, на 7, 8 и 9 август 2017 година, треба да пристигнат на аеродромот три до четири часа порано од времето на полетување, поради дополнителните безбедносни мерки кои ќе бидат применети на аеродромот по повод одржувањето на Супер купот на УЕФА“, информираат од „ТАВ Македонија“.

Супер купот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“ ќе се игра на 8 август на скопската арена „Филип Втори“.

Се очекува да стигнат илјадници обожаватели на двата фудбалски клубови, како и највисоките претставници на УЕФА. На „Александар Велики“ досега се најавени 17 вонредни летови, на 7 и на 8 август, а дел од гостите ќе пристигнат со патнички и со мали бизнис-авиони.


Полски новинари ја промовираат Македонија како туристичка дестинација


Скопје, 31 јули, 2017 - 11:37 (META) 

Петмина новинари од Полска ја посетија Македонија за да ги откријат убавините на земјата и да ја промовираат како туристичка дестинација помеѓу полските туристи.

Новинарите, кои во Македонија престојуваа од 17 до 22 јули на покана и во органазија на „ТАВ Македонија“, ги посетиле Скопскиот и Битолскиот Регион, како и Охрид.

– Имплементирајќи ја неодамнешната успешна маркетинг-активност со турските блогери за промоција на Македонија помеѓу турските граѓани, презедовме многу слична маркетинг-иницијатива, за да ја промовираме Македонија како интересна туристичка дестинација меѓу туристичките агенции и тур-оператори од Полска, како и самите патници од оваа земја – изјави генералениот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.


Македонија на листата на земји за кои важи олеснителен визен режим за влез во Катар


Скопје, 18 јули, 2017 - 12:50 (META) 

Новата авиолинија помеѓу Доха и Скопје на авиокомпанијата „Катар ервејс“ е уште еден значаен момент за развој на воздушниот сообраќај во Македонија, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, на денешната прес-конференција по повод воспоставувањето на првата авиолинија со Катар.

Сугарески рече дека на овој начин се отвораат бројни можности за значајно унапредување на соработката во економијата, туризмот, културата, инвестициите, како и во други области кои се од заеднички интерес на двете држави.

– Она што сакам да го нагласам е дека оваа линија е од огромно значење и за македонските граѓани кои живеат во Катар. Моментално повеќе од 1.000 државјани на Република Македонија кои живеат и работат во Катар се етаблирани во тамошното општество и претставуваат исклучителен потенцијал за градење на меѓусебните врски. Исто така, во авиокомпанијата „Катар ервејс“ работат повеќе од 100 млади лица кои се дел од професионалниот кадар на оваа компанија – изјави Сугарески.

Тој додаде дека Македонија е ставена на листата земји за кои важи олеснителен визен режим за влез во Катар.

– Имено граѓаните на Македонија, виза ќе можат да добијат при пристигнување на аеродромот во Доха со што сметаме дека е огромна придобивка за сите што ќе патуваат во оваа земја – додаде Сугарески.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, изјави дека за Македонија е од големо значење што престижна авиокомпанија како „Катар ервјес“ влегува на пазарот. Тоа, според него, е голем поттик и за другите компании, а е добро и за развојот на туризмот и на бизнисот помеѓу двете држави.

„Катар ервејс“ ќе лета четирипати во неделата, а преку Доха ќе се овозможи и поврзување со бројни дестинации низ целиот свет.


Холандските туристи ја отворија летната сезона во Охрид


Охрид, 2 мај, 2017 - 13:32 (META) 

Првиот сезонски чартер-лет со 180 патници од Амстердам, кои допатуваа со авиокомпанијата „Корендон“ на аеродромот „Св. Апостол Павле“, ја отвори летната сезона во Охрид.

– Покрај редовните линии кои ги имаме преку целата година на охридскиот аеродром – за Базел, Цирих и за Лондон, како и традиционалните чартер-летови од Холандија, ова лето ќе продолжат сезонските летови кои ги отворивме во 2016 година од Белград, Брисел и од Тел Авив, додека нови чартер-летови од Полска ќе почнат од 22 јуни. Еднаш неделно 200 полски туристи ќе доаѓаат на Охридското Езеро, благодарение на договорот што го потпишавме со еден од најголемите полски тур-оператори – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Ова лето на охридскиот аеродром се очекува да слетаат 183 авиони од Амстердам, со авиокомпаниите „Корендон“ и ТУИ, кои ќе донесат повеќе од 28.000 холандски туристи, информираат од компанијата.

Во исто време, од мај до октомври 2017 година, со сезонските летови, на охридскиот аеродром се очекуваат околу 2.000 патници од Брисел со „Томас Кук“, потоа 2.300 патници од Белград со „Ер Србија“ и околу 2.600 патници од Тел Авив со „Аркиа“.


„Виз ер“ од денеска со летови од Скопје до Будимпешта


Скопје, 5 април, 2017 - 13:53 (META) 

Компанијата „ТАВ Македонија“ денеска го пречека авионот на „Виз ер“ кој на скопскиот аеродром „Александар Велики“ слета од Будимпешта, одбележувајќи го отворањето на новата рута Будимпешта – Скопје – Будимпешта.

Авиокомпанијата ќе сообраќа двапати неделно, односно секоја среда и недела, со пристигнување на скопскиот аеродром од Будимпешта во 12.25 часот и заминување од Скопје за Будимпешта во 13 часот.

– Воведувањето на оваа линија меѓу Скопје и Будимпешта од страна на „Виз ер“ денеска е важен чекор напред за македонското воздухопловство, бидејќи со ова се исполнува побарувачката на пазарот што остана отворена во изминативе пет години, односно од февруари 2012 година. Очекуваме оваа линија да придонесе за пораст на туризмот, како и за бизнис-размената меѓу двете земји, Македонија и Унгарија – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.

Лани, „Виз ер“ превезе преку еден милион патници на нискотарифните линии од Македонија, што претставува пораст од 27 проценти на годишно ниво.


Алп Ер Тунга Ерсој е нов генерален директор на „ТАВ Македонија“


Скопје, 4 јануари, 2017 - 19:00 (META) 

Алп Ер Тунга Ерсој е нов генерален директор на „ТАВ Македонија“ и доаѓа на местото на Зоран Крстевски, кој, пак, е назначен за член на одборот на директори, информираат од компанијата.

Алп Ер Тунга Ерсој беше заменик генерален директор на „ТАВ Македонија“, од влегувањето на „ТАВ Аеродроми“ на македонскиот пазар.

„ТАВ Македонија“ ги заврши првите 11 месеци од 2016 година со 16 проценти зголемување на бројот на патниците, достигнувајќи вкупно 1.661.010 патници. Во истиот период, од јануари до ноември, бројот на летови се зголеми за 10 проценти.


„ТАВ Македонија“: Аеродромот „Александар Велики“ е отворен и функционира нормално


Скопје, 24 ноември, 2016 - 9:22 (META) 

Аеродромот „Александар Велики“ е отворен и ависообраќајот се одвива нормално по синоќешното одложување на летот од Скопје за Истанбул на „Туркиш ерлајнс“, соопшти „ТАВ Македонија“.

Од компанијата соопштуваат дека вчера, во текот на редовната безбедносна контрола на авионот за вечерниот лет кон Истанбул, бил пронајден оставен мобилен телефон, по што била извршена дополнителна контрола и по неколку часа авионот полетал.

„Поради безбедносните правила на авиокомпанијата и одлуката на капетанот, леталото се врати во позиција на паркирање за да се изврши дополнителна контрола. Ова е стандардна меѓународна процедура што се спроведува во име на безбедноста на леталата и на патниците. Поради неа, летот беше одложен. Откако сите услови беа исполнети, капетанот одлучи да продолжи со летот и авионот во 22.56 часот полета кон Истанбул“, велат од „ТАВ Македонија“.

Со авионот на „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул требало да отпатува и делегација предводена од претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Од кабинетот на шефот на државата информираат дека поради безбедносните процедури, претседателот Иванов и членовите на делегацијата не отпатувале за Истанбул, од каде требало да заминат за Мадагаскар на Самит на франкофонијата.


Израелски туристи ќе уживаат во Охрид


Охрид, 8 јуни, 2016 - 11:11 (META) 

Првата група на израелски туристи утре ќе пристигнат во Охрид. Од „ТАВ Македонија“ информираат  дека групите туристи од Израел во Охрид ќе престојуваат со посредство на израелскиот туристички оператор „Аркиа интернационал“.

Израелските туристи на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ ќе бидат пречекани од министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, генералниот менаџер на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, и од директорот за маркетинг и за продажба во „Аркиа интернационал“, Анат Ахаром.


Се обновува редовната авиолинија Скопје-Прага


Скопје, 20 мај, 2016 - 11:31 (META) 

„Чех ерланјс“ ќе лета Скопје-Прага-Скопје двапати неделно со што по пауза од четири години се обновува редовната линија. Летовите од Скопје ќе бидат понеделник и петок во раните утрински часови, а од Прага се четврток и недела, навечер. Од 28 јуни компанијата ќе додаде уште еден термин така што фрекфенцијата до и од претстолнината на Чешка ќе биде трипати неделно.

– Очекуваме поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија, повеќе чешки туристи и зголемување на карго-превозот – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Зоран Крстевски.

Според директорот за комерција, врски и маркетинг во „Чех ерлајнс“, Јан Тот, развојот на рутата се движи во рамките на нивните очекувања.

– На патниците им нудиме привлечни денови за летање, што опфаќа утрински полетувања од Скопје и вечерни заминувања од Прага. Се обезбедува максимално искористување на времето за престој во Чешка- истакна Тот.

Цените на билетите почнуваат од 75 евра во еден и 144 евра во два правци, со сите вклучени такси.

„Чех ерлајнс“ освен редовните летови ќе ги обнови и своите активности и во сегметнот чартер-превоз на македонскиот пазар.

Почнувајќи од 1 јули и траејќи до 9 септември, компанијата секој петок ќе овозможи чартер летови за „АСА-тур“ и за други локални оператори меѓу Скопје и Хераклион на Крит.