Вкупно 480.845 патници патувале преку двата аеродрома – Меѓународен Аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што е пораст за седум проценти во првите три месеци од годината, споредено со истиот период лани.
Меѓународниот Аеродром Скопје опслужи 454.448 патници во првиот квартал од 2019 година, со 5,6 проценти пораст на годишно ниво, додека на аеродромот Св. Апостол Павле Охрид биле опслужени 26.397 патници, што е 63,9 проценти годишен пораст.
-Скопскиот аеродром ја забележа очекуваната стапка на пораст од 5,6 проценти, што ќе биде и повисока во вториот и третиот квартал од годината, поради отворањето на четирите нови дестинации, Баден-Баден и Бремен отворени во март оваа година, како и Ларнака и Турку, кои што ќе бидат отворени во јули 2019 година. На охридскиот аеродром забележавме неверојатен пораст во бројот на патници од 64 проценти, како резултат на трите нови авиолинии отворени во последните шест месеци – Виена во ноември 2018 година, Малме и Милано – во март 2019 година“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.
Тој очекува дека со дополнителните четири нови дестинации што ќе се отворат ова лето – Меминген, Дортмунд, Штутгарт и Дизелдорф, очекуваат да ја одржат високата стапка на пораст на бројот на патници на аеродромот во Охрид.
Најфрекфентни дестинации за прите три месеци од Меѓународниот Аеродром Скопје се Истанбул, Цирих, Базел, Малме, Виена, Меминген. Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Визе ер“ има превезено најголем број од патниците со 67,4 отсто пазарен удел.
Меѓународниот Аеродром Скопје ги поврзува патниците со вкупно 42 редовни дестинации, до кои сообраќаат 13 авиокомпании. На Aеродромот Св. Апостол Павле Охрид во моментов 11 авиокомпании опслужуваат пет редовни и осум сезонски дестинации.