Воведувањето железничка врска до Меѓународниот аеродром „Скопје“ би била дополнителна придобивка за патниците, поради што и компанијата што управува со македонските аеродроми, „ТАВ Македонија“ ја поддржува идејата за воведување на аеродромски воз. Сепак, од компанијата велат дека нивната дејност е во областа на аеродромските операции и немаат намера да влегуваат во други бизниси.
– Со оглед на тоа што ги следиме сугестиите, барањата и потребите на нашите патници, сигурни сме дека железницата ќе им биде од особена помош на патниците кои на Меѓународниот аеродром „Скопје“ доаѓаат од другите македонски градови кои се поврзани на постоечката македонска железница – велат за Мета.мк од „ТАВ Македонија“.
Од компанијата посочуваат дека не се компетентно тело за да коментираат кој би требало да биде инвеститор при реализацијата на проектот за железничко поврзување на скопскиот аеродром со Транспортен центар – Скопје.
Претходно, Градот Скопје не достави одговори на нашите прашања на темата за воведувањето на аеродромски воз, со образложение дека проектот се наоѓа надвор од територијата на главниот град и е надвор од нивните ингеренции.
Проектот за воведување на директен воз до Меѓународниот аеродром Скопје е вклучен во Националната транспортна стратегија 2018 – 2030 година. Инвестицијата би изнесувала 30 милиони евра, во чии рамки би се изградил нов железнички крак од самиот аеродром до постојната пруга Скопје – Куманово и би се извела железничка станица на самиот аеродром.
Со реализацијата на проектот за аеродромски воз во Скопје, патниците би ја минувале релацијата од центарот на градот до аеродромот двојно побрзо и по четири пати пониска цена за билетот во споредба со сегашната автобуска линија. Новата железничка врска и за над пет пати би можела да го зголеми капацитетот на транспортните средства за превезување на патници на релацијата до самиот аеродром, за кој самиот ТАВ најави дека веќе во 2022 година би можел да ја достигне бројката од три милиони превезени патници годишно.
Покрај за превезување на патници до Меѓународниот аеродром „Скопје“, идната железничка врска би можела да се вклопи во една од планираните линии на градско – приградската железница во Скопје, поаѓајќи од фактот што во непосредна близина се наоѓаат општините Петровец и Илинден, како и неколку индустриски зони со брзорастечки број на нови фабрики.