„Виз ер“ воспостави новата директна линија Виена-Охрид-Виена, а летови ќе има во текот на целата година.
За почеток два пати неделно, односно секој вторник и секоја сабота, со време на пристигнување на аеродромот Св. Апостол Павле во 17 часот и време на заминување кон Меѓународниот аеродром Виена во 17.30 часот.
„Од 4 декември, времето на пристигнување во Охрид ќе се промени во 12.30 часот, додека времето на заминување назад кон Виена во 13 часот, во истите денови. Од 20 декември пак, „Виз ер“ ќе ја зголеми фреквенцијата на оваа линија, односно ќе има лет и во четврток, со време на пристигнување на аеродромот во Охрид во 12.40 часот, а време на заминување кон аеродромот во Виена, 13.10 часот“, информираат од „ТАВ Македонија“
Генерален директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој рече дека компанијата и понатаму ќе ги промовира Охрид и Македонија како прекрасни туристички дестинацији на авиокомпаниите и на тур-операторите, со цел тие да воведуваат нови авионски линии и да отвораат нови туристички дојдовни пазари. Тоа, како што рече, би било од полза за развој на туризмот и економијата.
Со додавањето на Виена како нова дестинација, на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле сега има три редовни линии, Виена, Базел и Цирих, како и осум сезонски дестинации до Амстердам, Брисел, Тел Авив, Варшава, Катовице, Истанбул, Ајндховен и Талин, со 11 авиокомпании.
Од јануари до октомври 2018 година, повеќе од 2 милиона патници патувале преку двата македонски аеродрома, Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што е пораст од 17 проценти на годишно ниво. Во исто време, вкупниот број на летови е 17.017, што е 11 проценти пораст споредено со истиот период минатата година.