Владата и ТАВ Македонија во наредниот период ќе склучат анекс на договорот за концесија на македонските аеродроми, со што средствата предвидени за изградба на карго-аеродромот во Штип ќе се пренаменат за проекти од јавен интерес на државата. За ова информираше министерот за економија Крешник Бектеши, откако денеска оствари работен состанок со менаџментот на ТАВ Македонија.
Министерот Бектеши информираше дека во текот на минатата година Министерството за економија направило измени на Законот за јавно-приватно партнерство, со кој се отвора можноста средствата предвидени во договорот за концесија со ТАВ Македонија, наменети за изградба на карго -аеродром во Штип да се пренаменат за проекти од јавен интерес на државата.
Министерот информираше дека од следната година ќе започне реализацијата на проектите.
– Анализите покажуваат дека изградбата на карго-аеродромот во Штип не е економски оправдана и сакаме тие средства да ги пренамениме за проекти од јавен интерес за подобрување на животот на сите граѓани како што се училишта, градинки, водоводи, канализации и реконструкција на општински згради се со цел да се олесни пристапот до услуги за граѓаните. Се работи за сума од 49,7 милиони евра – кажа Бектеши.
Министерот информираше дека општините веќе минатата година доставија свои проекти кои се приоритетни за реализација.
– Владата има список на проекти кои се приоритетни за реализација, а се доставени од општините. Кога ќе се потпише анекс-договорот ќе бидат објавени и проектите кои што ќе се реализираат и динамиката за нивна реализација – информираше министерот Бектеши.
Изградбата на карго аеродромот во Штип беше вметната како обврска за турски ТАВ во договорот за концесија за двата македонски аеродрома, којшто беше потпишан во 2008 година. Со откажувањето на неговата изградба, ТАВ Македонија средствата предвидени за штипскиот аеродром всушност ќе ги вложи во изведба на инфраструктурни проекти низ земјава.