!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полјакот Старнавски нурна до 240 метри во пештерата Врело и го урна сопствениот рекорд


Скопје, 19 август, 2017 - 14:38 (META) 

Светски познатиот спелеолошки нуркач Криштоф Старнавски од Полска се спушти на длабочина од 240 метри во подводната пештера Врело на Матка, соборувајќи го минатогодишниот сопствен рекорд од 230 метри.

Старнавски во придружба на неговиот тим и со логистичка поддршка од домашните спелео- нуркачи од клубовите „Акватек“ и „Врело“ од Скопје, по повеќе од пет часа успеа да се спушти на оваа длабочина, користејќи специјален систем за подводно нуркање наречен „ребридер“.

– Подводната пештера Врело е извонредна, со кристално чиста вода и огромни галерии. Сакам да изразам голема благодарност до мојот како и до македонскиот тим од нуркачи, со кои успеавме да направиме истражување на пештерата до 240 метри во длабочина и над 800 метри во должина. Она што е најважно е што утврдивме дека постојат уште многу можности за понатамошно истражување во следна експедиција. Јас како човек и нуркач сум во потрага по најдлабоката истражена пештера во светот, а Врело има голем потенцијал да стане токму тоа – кажа Старнавски.

Минатата година Старнавски стигна до 230 метри длабочина со што го сруши рекордот на нуркачот Луиџи Касати кој во 2010 година стигна до 212 метри длабочина.

Пештерата Врело на Матка неколкупати досега е истражувана од страна на домашни и странски нуркачки експедиции и истражен е само дел од нејзината внатрешност.Не се знае точно до каде се простира и на колку метри е нејзиното дно.

Со 200.000 денари, Градот Скопје финансиски ги поддржа сите истражувања на подводната пештера Врело преку здружението „Акватек“.


Температурниот рекорд за Азија за јуни соборен – во Иран измерени 53,7 Целзиусови степени


Техеран, 30 јуни, 2017 - 18:20 (META) 

Во Иран вчера беше забележана највисоката температура во јуни во Азија откако се води евиденција – неверојатни 53,7 Целзиусови степени измерени во југозападниот град Ахваз.

Претходниот рекорд за јуни за Иран изнесувал 53 Целзиусови степени. Но, ако се земе предвид топлинскиот индекс, кој ја зема предвид и влажноста на воздухот, температурата одговарала на 61,1 Целзиусови степени.

Ако, пак, се земе предвид само топлинскиот индекс, тогаш во иранскиот град Бандар Махшахр на луѓето им било пожешко – живееле како да се изложени на температура од 73,8 Целзиусови степени.


Во Франција запленето рекордно количество дрога


Париз, 2 септември, 2016 - 20:08 (META) 

Француските цариници заплениле рекордно количество метаморфин на аеродромот „Роиси“ во Париз.

Запленетата дрога тежела околу 51 килограм и тоа е најголото количество наркотична супстанца откриена на територијата на Франција.

Во соопштението на француските царински служби се наведува дека цариниците провериле две кутии на кои пишувало дека содржат храна која потекнува од Камерун, а пратката требало да заврши во Малезија.

Нема податоци за уапсени лица кои биле вмешани во транспортот на дрогата.


Полјакот Старнавски нурна до 230 метри во пештерата Врело и го урна рекордот на Казати


Скопје, 2 септември, 2016 - 13:38 (META) 

Спелеолошкиот нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска го урна рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати и успеа да се спушти на длабочина од 230 метри во пештерата Врело на Матка.

Овој подвиг на Старнавски траеше шест часа, а дел од неговата експедиција беа и домашните нуркачи сертифицирани за пешетерско нуркање од нуркачкиот клуб „Акаватек“ и од спелео-нуркачкиот клуб „Врело“.

–  Почнавме од 188 метри, по што најдлабоката точка до која дојдовме беше 230 метри. Оттука пуштивме сонда со која измеривме уште други 20 метри во длабочина, по што следува голема кривина која не можевме да ја испитаме на овој начин. Според моите проценки, по оваа кривина сигурно има уште некои 30-тина метри, кои се надевам ќе можеме да ги истражиме во нашата следна експедиција. Теренот понатаму е многу тесен и полн со кривини, па ќе ни треба повеќе време и поинаква опрема за да го совладаме – вели Старнавски и додава дека е горд на домашните нуркачи, кои се покажаа достојни на задачата и му е чест што имал можност да нурка со професионалци како нив.

Во организација и на покана на „Акватек“ и на „Врело“, Старнавски неколку денови, заедно со тимот од домашните нуркачи, ги правеше подготовките и го проверуваше теренот за подлабоките нуркањата во пешерата Врело, по што во четвртокот го урна рекордот на Казати, кој во 2010 година се спушти на 212 метри длабочина.

Експедицијата имаше цел да прибере информации од неоткриените делови на подводната пештера, дали постојат нови краци кои се двојат од основната патека и да откријат до каде таа се простира.


Полски нуркач ќе го урива рекордот за спуштање од 212 метри во пештерата Врело


Скопје, 31 август, 2016 - 13:26 (META) 

Спелеолошкиот нуркач Кшиштоф Старнавски од Полска ќе се обиде да го надмине рекордот на италијанскиот нуркач Луиџи Казати, кој во 2010 година се спушти на длабочина од 212 метри во пештерата Врело на Матка.

Во организација и на покана на нуркачкиот клуб „Акаватек“ и спелео-нуркачкиот клуб „Врело“, Старнавски веќе неколку денови, заедно со тим од домашни нуркачи, ги прави подготовките и нуркањата во пешерата Врело, по што ќе се обиде да го урне рекордот на Казати.

Подвигот на Старнавски ќе трае окулу десет часа и, како што велат домашните нуркачи, за него е потребна многу голема концентрација и психо-физичка подготвеност.

Старнавски во вторникот се спушти на длабочина од 188 метри и ги провери премините и условите за подлабоките нуркања, и со помош на домашните нуркачи го постави хабитатот потребен за декомпресија.

Во 2010 година Казети се симна до длабочина од 212 метри во десниот крак на пештерата Врело, а се претпоставува дека оттаму кракот повторно се дели на две нови патеки, кои продолжуваат понатаму во длабочина.

Оваа пештера досега неколкупати ја истражувале домашни и странски нуркачки експедиции, при што е испитан само дел од нејзината внатрешност и не се знае до каде точно се простира и на колку метри длабочина е нејзиното дно.

Според неофицијални информации, се смета дека длабочината на Врело е 330 метри, што ја прави најдлабоката пештера во светот.


Јули 2016 година бил најтоплиот месец во последните 137 години


Силвер Спринг, 17 август, 2016 - 20:43 (META) 

Месецот јули,  годинава бил најтоплиот месец во модерната историја, со рекордна температура на копното и на океаните во последните 137 години, соопшти денеска американската Агенција за океани и атмосфера.

„Просечната глобална температура на површината на копното и на океаните во јули 2016 година била највисока, не само за месецот јули, туку и воопшто во однос на информациите за времето од 1880 година досега“, наведуваат од Агенцијата.

Претходниот рекорд бил забележан во јули 2015 година. Инаку месецот јули вообичаено е најтоплиот месец во годината на планетата Земја.

Просечната температура на копното и на океаните во јули, годинава изнесувала 16,67 Целзиусови степени, или за 0,87 степени повеќе од просекот за 20. век. Во јули 2015 година температурата била повисока за 0,06 степени од просечната.


Април 2016 година – нов глобален температурен рекорд


Вашингтон, 16 мај, 2016 - 16:08 (META) 

Температурата во април годинава на глобално ниво била повисока за 0,25 Целзиусови степени од онаа измерена истиот месец во 2010 година, што е нов глобален температурен рекорд, покажуваат податоците на американската агенција за аеронаутика и вселена – НАСА.

Со ова, како што пренесува „Би-би-си“, април е седмиот месец по ред што ги урива досегашните глобални температурни рекорди.

Претходно месеците февруари и март покажаа поголеми отстапувања во температурата од таа што се зема како норма.

„Сите овие уривања на температурни рекорди и придружни последици што ги имавме, како рекордно зголемениот број на пожари, на пример, како и сушите во Индија, се потсетник дека не можеме да си дозволиме ништо друго освен забрзување на агендата на решенија – апсолутно немаме друга опција освен да забрзаме со агендата“, изјавила извршната секретарка на нацрт-конвенцијата за климатски промени на Обединетите нации, Кристијана Фигуерес.

Неколку северни региони, вклучително и американската сојузна држава Аљаска, забележале многу висока температура во април, ситуација која како по шема е забележена и претходните месеци.


Голден стејт постигна нов рекорд во НБА-лигата


Оукленд, 25 ноември, 2015 - 12:00 (META) 

Кошаркарите на Голден стејт вориорс, со резултат од 16 победи и ниту еден изгубен меч, поставија нов рекорд за најдобар почеток на сезоната во историјата на НБА-лигата, така што синоќа на домашен терен го совладаа Лос Анџелес лејкерс, со резултат 111 – 77.

Актулениот НБА-шампион со тоа го урна досегашниот рекорд од 15 – 0 во победи, што го држеа тимовите на Вашингтон од сезоната 1948-1949 и Хјустон од сезоната 1993-1994.

Тимот на Голден стејт, до значајниот триумф, го предводеше Стефон Кари, кој мечот го заврши со постигнати 24 поени и со 9 асистенции.

„Овој рекорд е навистина нешто особено. Многу великани на кошарката играле во оваа лига, многу големи тимови, но никој не го постигнал ова. Мораме да бидеме горди. Малку ќе славиме, а потоа продолжуваме понатаму. Многу ни значи поддршката што ја добиваме овде, ова се најдобрите навивачи во лигата“, изјави Кари по мечот.


УНХЦР: Во октомври околу 218.000 бегалци стигнале во Европа преку Медитеранот


Женева, 2 ноември, 2015 - 18:26 (META) 

Повеќе од 218.000 бегалци пристигнале во Европа преку Средоземно Море во октомври, што е рекорден број на месечно ниво, соопшти денеска Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР).

– Во октомври беше забележан рекорден број на бегалци на месечно ниво. Во септември беа регистрирани 172.843 бегалци, а во октомври – 218.394 луѓе – изјави портпаролот на УНХЦР, Адријан Едвардс.

И покрај лошите временски услови, бегалците продолжиле да пристигнуваат во Европа преку Медитеранот. Најголем број, околу 210.000 бегалци, пристигнале од Грција, претежно од островот Лезбос.

Во Италија пристигнале 8.129 луѓе, додал Едвардс, наведувајќи дека бегалците сега одлучуваат да стигнат во Европа преку Турција и Грција.

Од почетокот на годината, околу 3.400 бегалци се обиделе преку Средоземно Море да дојдат до Европа, но тие или загинале или се водат како исчезнати.


Чепишевски постави државен рекорд на 50 метри грбно


Гвангжу, 6 јули, 2015 - 20:03 (META) 

Македонскиот пливач Горазд Чепишевски постави државен рекорд на Летните универзитетски игри во Гвангжу, кога за време на квалификациите, патеката на 50 метри грбно ја исплива за 27,99 секунди.

Ова постигнато време на Чепишевски е за 16 стотинки подобар резултат од досегашниот рекорд на Љупчо Ангеловски, кој го постави на Летните европски олимписки игри во Баку.

Чепишевски заврши на второто мсто во групата и како 39. од вкупно 52 пливачи.