Првпат од 1990 година, лани Македонија угостила повеќе од еден милион туристи. Податоците покажуваат дека само во првите 11 месеци од минатата година вкупниот број на туристи (и странски и домашни) изнесува еден милион и 79 илјади, што е повеќе од 13 отсто пораст во однос на периодот јануари – ноември 2017 година.
А, ако се гледа, пак, целата 2017 година, тогаш бројката од еден милион не беше достигната, зашто недостигаа само 1.159 туристи. Годинава оваа бројка беше достигната за само 11 месеци.
Сепак, иако ова е најголем број туристи во самостојна Македонија во една година, не е најголем број воопшто во историјата на Македонија. Имено, рекордот се уште го држи 1987 година, кога бројот на туристи изнесуваше еден милион и 183 илјади. Но со оглед на фактот што новата статистика – еден милион и 79 илјади туристи во 11 месеци, можно е да се надмине и бројката од 1987 година, па 2018 да биде година со апсолутно најголем број туристи од 1956 година, откако е почнато мерењето.
А, дури и ако тоа не се случи со бројките од 2018, сигурно ќе се случи со годинашниве бројки, ако се има предвид каков раст има туризмот во изминативе години, што нема причина да не продолжи и годинава.