Црногорка лежеше 117 часа, постави рекорд, победи двајца мажи и освои 350 евра

Годинава на натпреварот во излежување во Долна Брезна во Црна Гора соборен рекордот од 52 часа. Фото: Исечок од ТВ прилогот на РТЦГ

Дубравка Аксиќ од Подгорица е победник на традиционалниот натпревар во лежење што се одржува во Црна Гора. Таа помина 117 часа во лежење, со паузи за одење во тоалет, со што го сруши досегашниот рекорд, односно одлежа речиси двојно повеќе од претходниот рекорд од 52 часа непрекинато лежење, поставен пред две години, извести црногорскиот весник „Вијести“.

Таа можеби би лежела и подолго, оти како што велат двајцата жители на Никшиќ, тие и претходно ѝ предлагале да станат сите заедно и да ја поделат наградата, но таа не сакала. Сепак, пресуден бил дождот што паѓал вчера рано наутро, па првин двајцата конкуренти, обајцата од градот Никшиќ станале не сакајќи да се разболат, па и Дубравка станала само 5 минути по последниот конкурент. Претходниот станал 2 часа пред нив.

Натпреварот по десетти пат го организираше етно-селото „Монтенегро“ во Брезна. Новитет годинава беше тоа што на натпреварувачите им беше дозволено да прават пауза за тоалет. Еден од двајцата браќа организатори на натпреварот, Радоња Благојевиќ, вели дека не очекува дека натпреварувачите ќе лежат шест дена, па на победничката покрај ветената награда од 300 евра и додале уште 50 евра.

„Парите нема да ги искористам за нешто корисно, туку ќе ги потрошам со друштво и ќе си купам нешто за да се сеќавам на овој натпревар“, вели Дубравка за „Вијести“, објаснувајќи дека кога се пријавила не мислела дека е толку тешко постојано да се лежи, а дека сега уште помалку ќе се излежува.

Организаторот Радоња Благојевиќ  вели дека тој не би можел толку да лежи.

„Секоја им чест. Јас порадо би копал 120 часа, отколку што би лежел“, вели тој.

Натпреварот е организиран повеќе на шега, за да се стави акцент на популарното верување на Балканот дека Црногорците се најмрзливите луѓе, коишто порадо би лежеле отколку било што да сработат.