Лудвиг Агрен го сруши рекордот со најмногу претплатници на Twitch, стримувајќи 31 ден без престан

Лудвиг Агрен
Гледачите во изминатите 31 ден имале можност да го набљудуваат Агрен додека играл видео игри, се допишувал, готвел и јадел /фото: Принтскрин, Twitch

Јутјуберот и стример Лудвиг Агрен го постигна новиот рекорд за најголем број претплатници на Twitch, надминувајќи ја бројката од 282.000 претплатници, откако 31 ден без престан стримуваше на платформата.

Таканаречениот „субатон“ – претплатнички маратон, Лудвиг го започнал на 14 март и во тој момент неговиот канал броел само 1.730 претплатници. Оттогаш, секој нов претплатник додавал нови 10 секунди на стриминг часовникот на Лудвиг.

Според „Њујорк тајмс“, првичниот план на Лудвиг бил тој да стримува во наредните 24 до 48 часа, но со зголемувањето на бројките на часовникот постојано се продолжувало и времетраењето на стримингот.

Гледачите во изминатите 31 ден имале можност да го набљудуваат Агрен додека играл видео игри, разговарал и се допишувал, готвел и јадел, а во еден момент додека спиел неговиот канал бил најгледаниот на целата веб страница на Twitch. Во периодот кога се туширал, пак, неговите модератори стримувале разни видеа или филмови на каналот.

Во моментот кога го завршил стримувањето на 14 април, тој имал вкупно 282.000 претплатници, број кој оттогаш постојано расте.

За да опише колку долг период се 31 ден, Лудвиг на Твитер издвои дел од најважните настани кои се случија во светот во изминатиот месец, но и се пошегува.

„Откако почнав да стримувам почина принцот Филип, Суецкиот канал се блокираше па се облокираше“, напиша, меѓу другото, Лудвиг на Твитер.

Лудвиг брои и над 2,7 милиони следбеници кои бесплатно го следат на Twitch, но доколку публиката сака да го поддржи, ќе биде потребно да се претплати на неговиот канал по цена од 5 американски долари.

На последниот ден од стримувањето, Лудвиг објави дека дел од средствата добиени преку претплатниците ќе ги донира на организацијата „Human Society“, која се грижи за благосостојбата на животните и на болницата „Сент Џудс“, додека по еден долар од секој претплатник ќе биде наменет и за добротоворната организација „No Kid Hungry“.

Инаку, претходниот рекорд со најмногу претплатници на Twitch беше поставен во 2018 година од страна на Тајлер Блевинс, познат како „Нинџа“, кој тогаш собра 269.154 претплатници, или за околу 13.000 помалку од Лудвиг.