Човечка грешка предизвика паника на Хаваи со лажен аларм за напад со балистички ракети


Хонолулу, 14 јануари, 2018 - 11:53 (META) 

Поради човечка грешка, повеќе од милион и половина жители на Хаваи и туристи вчера беа вџашени и крајно вознемирени откако на своите мобилни телефони добија порака дека балистички ракети се упатени кон Хаваи и сите мора да се засолнат, со напомена дека не станува збор за грешка.

За среќа, алармот испратен вчера претпладне по локално време беше лажен, а станувало збор за грешка на еден вработен во службата за тревожење на Хаваи.

Жителите на островите по тревогата биле зафатени од паника и хистерија и огромен број од нив итале да се засолнат. Некои од нив влегувале во шахти и ги затворале капаците над себе.

Раководството на сојузната држава се извини за лажната тревога.

Причината е стискање на погрешно копче од страна на вработен Агенцијата за справување со итни состојби (ЕМА) на Хаваи,кога требало да ја предаде смената.

Дури 18 минути по лажната тревога исправка била испратена по електронска пошта, а нова порака со исправка на мобилните телефони на граѓаните стасала друи 38 минути подоцна.


Русија испрати фрегата со ракети кон американските бродови кај Сирија


Москва, 7 април, 2017 - 21:37 (META) 

Русија испрати една фрегата вооружена со ракети во Средоземното Море, од каде два разурнувачи на САД рано утрово испукаа ракети на сириска воена база.

Руската новинска агенција ТАСС јави дека фрегатата од класата „Адмирал Григорович“ е упатена кон Средоземното Море на „рутинска мисија“. Американската телевизија „Фокс Њуз“ повикувајќи се на неименуван извор од одбранбените сили на САД, јави дека руски воен брод низ Босфорот се упатил во правец на двата американски воени бродови.

ТАСС, цитирајќи „воено-дипломатски извор“ известува дека „Адмирал Григорович“ ќе посети логистичка база во Сирија.

„Рускиот брод вооружен со крстосувачки ракети „Калибр“ ќе ја посети логистичката база во Тартус, Сирија“, пренесува ТАСС. Агенцијата јави и дека Министерството за одбрана на Русија од утре ќе ја прекине „црвената линија“ со Пентагон.

Според изјава на висок претставник на Министерството за одбрана на САД, во нападот биле уништени 20 авиони.

Рано утрово американските разурнувачи „Портер“ и „Рос“ лансираа 59 крстосувачки ракети „Томахавк“ на сириската воздухопловна база „Ал Шајрат“. Нападот според САД е одмазда против режимот на Башар ал Асад за нападот со хемиско оружје во вторникот, во кој загинаа најмалку 70 луѓе.


Тројца загинати во ракетен напад на мисијата на ОН во Мали


Бамако, 28 ноември, 2015 - 13:37 (META) 

Три лица загинале во ракетен напад на база на мировната мисија на Обединетите нации (ОН) во северниот дел на Мали, соопштија ОН.

Според информациите, во нападот се убиени двајца мировници од Гвинеа и цивил ангажиран во мисијата.

Мировната мисија на ОН во Мали беше одобрена, минатата година, по воената кампања на Франција против исламистичките милитанти во северниот дел на земјата.

Мисијата на ОН, по името Минусма ангажира околу 10.000 војници од повеќе земји, од кои поголемиот дел се од соседните африкански држави.

Минатата недела, во вооружен напад во хотелот „Радисон блу“ во главниот град на Мали, Бамако, загинаа 20 луѓе.

Одговoрноста за нападот ја презеде терористичката џихадистичка група Ал мурабитун што ја сочинуваат државјани од северните региони на Мали, а на нејзино чело се наоѓа поранешниот припадник на Ал каеда, Мухтур Белмухтар.