fbpx

Зеленски: Во ракетен напад уништен е Центар за трансфузија на крв

„Ова воено злосторство само кажува сè за руската агресија“, рече Зеленски

-

Руска ракета погоди центар за трансфузија на крв во североисточна Украина, при што загинаа две лица, а четворица беа повредени, соопштија украинските власти, пренесе Би-би-си.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави слика од зградата која гори како резултат на нападот во саботата вечерта во околината на Купијанск, во регионот Харков.

„Ова воено злосторство само кажува сè за руската агресија“, рече тој. Русија не коментираше, а претходно ги негираше сите наводи за таргетирање цивили – или воени злосторства.

Би-Би-Си не можеше да го потврди извештајот.

Градот Купијанск и блиските населби беа заземени од руските трупи во првите неколку дена од целосната инвазија на Москва на Украина, започната во февруари 2022 година.

Областа беше ослободена за време на украинската контраофанзива минатиот септември, но секојдневно е под проектили и гранатирање.

Во објава на социјалните мрежи, Зеленски ги опиша сторителите како „ѕверови“. „Поразот на терористите е прашање на чест за секој кој го цени животот“, додаде тој.

Зеленски не даде детали за жртвите. Но, локалните власти подоцна ја објавија истата слика додавајќи детали за нападот на, како што ја опишаа, нестанбена зграда.

Претседателот Зеленски, исто така, рече дека Русија во саботата одделно извршила ракетен напад, чија цел била воздухопловна компанија управувана од групата Мотор Сич во западниот регион Хмелницки.

Во неделата руската противвоздушна одбрана уништи беспилотно летало додека се приближуваше до Москва, изјави градоначалникот на градот Сергеј Собјанин.

Минатата недела, канцелариски блок на московски облакодер беше погоден два дена по ред од украински беспилотни летала, соопштија руските власти.

Украина јавно не призна дека извршила такви напади.

Москва, исто така, ја обвини Украина во саботата дека удрила руски танкер со 11 членови на екипажот во Црното Море – втор таков напад со морски беспилотни летала во исто толку дена.

Руските поморски власти соопштија дека моторниот простор на танкерот Сиг бил оштетен во нападот во теснецот Керч. Никој не е повреден.

Теснецот Керч ги поврзува Црното Море и Азовското Море, одвојувајќи ги Крим – полуостровот на Украина анектиран од Москва во 2014 година – и рускиот полуостров Таман.

Украина јавно не коментираше. Но, извор од украинската служба за безбедност изјави за Би-Би-Си дека бил користен морски дрон.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...