!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Ванхауте постизборно напиша „Поуки за Македонија – демократија во изработка“


Брисел, 18 декември, 2016 - 14:59 (META) 

Поранешниот посредник на ЕУ во Договорот од Пржино, белгискиот експерт Питер Ванхауте, денеска на својот блог, по предвремените парламентарни избори од 11 декември, објави текст насловен „Поуки за Македонија – демократија во изработка (прв дел)“.

Во текстот тој наведува дека неважно е да сте најголема партија по изборите, особено во демократии со пропорционален систем и во ситуација кога немате мнозинство.

„По изборите од 11 декември, никој во Македонија нема апсолутно мнозинство, дури и партијата која се однесува како да има, не, нема! Уште полошо: партиите кои во изминатите години формираа влада изгубија голем дел од поддршката, вкупно 19 пратенички седишта. Во нормални демократии, ова не би се сметало за победа туку за голем пораз – сериозна изборна казна. Како резултат на тоа, ќе се повлечеш и ќе оставиш вистинските победници да формираат влада. Затоа што никој нема апсолутно мнозинство, ќе можеш само да се обидеш да формираш мнозинство со други партии. Тоа значи дека треба да бараш коалициони партнери, кои ќе сакаат да ти се придружат и да формираат мнозинство“, пишува Ванхауте.

Тој наведува дека партнери би можеле бидат некои од партиите кои претходно биле во владата, имајќи предвид дека се неопходни за стабилно мнозинство, но оти неопходно е да се изработи заедничка програма која нема да биде одраз на индивидуалните желби и да се направи соодветна поделба на власта.

„Мора да се согласуваш со своите коалициони партнери. Затоа мора заедно да напишете програма за која ќе се согласувате. Програмата не би требало да вклучува лични идеи, туку главните причини зошто граѓаните гласале за вас и нивните приоритети. Политичарите и нивните партии треба да им служат на граѓаните, а не на своите сопствени интереси. И на крај, треба да се поделат работните места: кој кое министерство ќе го добие, кој ќе биде премиер, а кој ќе биде претседател на Собранието. Неопходен е баланс меѓу политичките партии на власт: не можете да добиете сè. Не е здраво да ги соберете трите главни позиции (претседател, премиер и претседател на Собрание)“, смета Ванхауте.

Во однос на актуелната состојба по изборите, белгискиот експерт советува да се внимава со кого ќе се коалицира.
„Конкретното прашање во Македонија е: дали сакате да формирате влада со партија која им се заканува на граѓаните, која повикува на линч на луѓе кои имаат различно мислење или која е сведок на неправилности во изборите, која врши притисок на институциите, не дозволувајќи им нормално да функционираат? Која ви е гаранцијата дека оваа партија нема да ви се заканува на некој начин откако ќе формирате влада?“, пишува Ванхауте.

Тој, исто така, ги анализира двете опции, односно формирање влада од мали партии и формирање влада со голема партија.
„Можен заклучок од перспектива на малите партии: да формираме влада со малку помали партии. Барем, помалите партии во коалицијата ќе нè слушаат и ќе имаме постабилна влада, каде ќе имаме поголемо влијание, врз база на заедничката програма. Големите партии – „слонови“, имаат тенденција да ги прегазат малите партии и да им наметнат свои ставови за сè „затоа што ние сме најголеми“, што беше случај и со претходната влада“, вели белгискиот експерт.

Според олеснувачот, најздрава опција, по ваквите изборни резултати е најголемата партија да замине во опозиција за да се консолидира и да размисли што и како понатаму.

„Значи ли дека најголемата партија треба да отиде во опозиција? Да, тоа е сосема возможно. Опозицискиот лек вообичаено е здрава вежба за скромност и ви овозможува добро да размислите за своите позиции“, смета Ванхауте.


Ванхауте до ДУИ: Не учествувајте во влада каде што сте целосно замолчени


Брисел, 13 декември, 2016 - 18:27 (META) 

Белгискиот експерт и поранешен посредник во работните групи за имплементација на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, во своето обраќање по изборите, им честиташе на сите граѓани кои, како што рече, гласале за промена и кои имале храброст да се изборат за вистинска демократија.

– Како резултати од овие избори, вашата земја заслужува свеж почеток со нова влада и нови лица. Оние кои веруваат дека може да продолжат да се однесуваат како досега се лажат. Оние кои мислат дека можат да продолжат со авторитарниот пат, се лажат. Вие покажавте дека се грижите за иднината на вашата земја, со вашиот глас покажавте дека сакате да живеете во слободна и просперитетна земја со иднина, за вас и за вашите деца – вели Ванхауте.

Според белгискиот експерт, aлбанската заедница ќе одлучи што ќе се случи понатаму. Тој им порача на пратениците на ДУИ да не учествуваат во влада во која се целосно замолчени и дека доколку го направат вистинскиот избор, тој ќе поддржи преговори со Грција за да се реши проблемот за името.

– Топката сега е во кампот на албанската заедница, тие ќе одлучат што ќе се случи наредно. Не губете веќе време. Не учествувајте во влада каде што сте целосно замолчени. За сите важни одлуки бевте надгласувани од вашиот коалициски партнер. Време е за промена, време да се изборите за своите права како заедница, време да почнете повторно да работите на интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Се работи за вашата иднина. Ја имате мојата посветеност дека ако го направите вистинскиот избор, јас сум подготвен да поддржам преговори со Грција да се стави крај на проблемот за името. Затоа што со разумни луѓе, можно е решение – заклучува Ванхауте.


Ванхауте за изборите: Партијата ви дава трошки, а бега со тортата


Брисел, 9 декември, 2016 - 18:52 (META) 

Изборот на искрени политичари кои не биле поврзани со корупција е првиот чекор во градење на вашата демократија, порача белгискиот експерт и поранешен посредник во работните групи за имплементација на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте.

Ванхауте вели дека изборите сепак не се крајната цел, туку почетокот на потребните промени. Тој предупреди дека овие избори не смеат да бидат референдум за, како што рече, одредени политичари или политички партии да продолжат во поткопувањето на демократијата.

– Додека бев во Македонија, се сретнав со членови на вашата влада, политичари и претставници на партии кои слепо поддржуваат сериозни криминални дела и како политичари се вклучени во корупција, ги крадат вашите пари и ги ставаат на нивните лични банкарски сметки надвор од државата, имаат врски со организиран криминал и не сакаат да прифатат одговорност за нивните дела. Поради ова тие успешно го контролираат судството и бегаат од судење и од затвор. Видов новинари и уредници кои беа отпуштени или принудени да дадат отказ само затоа што биле критички настроени спрема власта – вели Ванхауте.

Белгискиот експерт вели дека бил сведок како партијата ги контролира граѓаните и ги тера да ѝ дадат поддршка.

– Истата партија сега ветува многу проекти, вели дека ќе вработува, дека ќе живеете во рај. Ова е далеку од вистината. Тие не дозволуваат критика, не дозволуваат да живеете слободно. Наместо тоа ви даваат трошки за да ве држат среќни, а тие бегаат со тортата – категоричен е Ванхауте.

Ванхауте ги повика граѓаните да излезат да гласаат в недела и да не се плашат дека ќе ја изгубат работата доколку се смени власта. Тој им упати порака на граѓаните да мислат на нивната иднина и на идната на нивните деца.


Ванхојте: Рокот од 18 месеци во Законот за СЈО го договорија Груевски и Заев без преговори


Скопје, 27 октомври, 2016 - 14:26 (META) 

Странците предлагале да нема рок, СДСМ предлагал рок од околу две години, а Груевски 18 месеци, по што Груевски и Заев се договориле да останат само 18 месеци за истраги и за обвиненија од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Ова за „Вистиномер“ го сведочи тогашниот посредник во преговорите за излез од политичката криза, Питер Ванхауте.

Партиите, пак, иако двапати беа прашани од „Мета“, не одговорија на прашањето како дошло до тој рок.

Еден од најупатените во неколкумесечните преговори меѓу политичките партии, посредникот Ванхауте, за „Вистиномер“ го разјаснува не само тој момент, туку и неколку други поврзани со Специјалното јавно обвинителство.

(Целиот текст од „Вистиномер“ можете да го прочитате и да го преземете ТУКА)


Ванхауте: Рокот од 18 месеци во Законот за СЈО го договорија Груевски и Заев без преговори


Скопје, 27 октомври, 2016 - 14:09 (META) 

Странците предлагале да нема рок, СДСМ предлагал рок од околу две години, а Груевски 18 месеци, по што Груевски и Заев се договориле да останат само 18 месеци за истраги и за обвиненија од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Ова за „Вистиномер“ го сведочи тогашниот посредник во преговорите за излез од политичката криза, Питер Ванхауте.

Партиите, пак, иако двапати беа прашани од „Мета“, не одговорија на прашањето како дошло до тој рок.

Еден од најупатените во неколкумесечните преговори меѓу политичките партии, посредникот Ванхауте, за „Вистиномер“ го разјаснува не само тој момент, туку и неколку други поврзани со Специјалното јавно обвинителство.

Целиот текст можете да го прочитате ТУКА.


ВМРО-ДПМНЕ: Можеби и нема да одиме на избори, можеби ќе излеземе од Владата…


Скопје, 9 мај, 2016 - 15:31 (META) 

Во тек се интензивни – посредни и засега неплодни  – контакти меѓу партиите, кои ги координира меѓународната заедница преку амбасадорите во земјава за да може до задутре, кога истекува рокот за поднесување кандидатски листи за пратеници, да се најде некакво решение за излез од политичката криза.

Од опциите што се во игра, ниту една не е прифатлива за владејачката партија.

– Ние нема што да калкулираме. Законот е јасен, Собранието е распуштено и избори мора да има – вели официјално за „Мета“, Иво Котевски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

За разлика од него, извор од партијата на власт ги остава отворени и другите опции.

– Можеби и ние нема да учествуваме на изборите, ќе се откажеме, па ќе учествува некој трет, ќе освои 10.000 гласа и изборите ќе пропаднат. Или, ако странците инсистираат на некакво неповолно решение, можеби ќе излеземе од Владата, па СДСМ нека прави малцинска влада со кого сака – вели неофицијално извор од вадејачката партија.

И белгискиот експерт и поранешен посредник во преговорите помеѓу партиите, Питер Вахауте, денеска на својот профил на Твитер „откри“ дека се водат тајни преговори.

„Политиката и уметноста на тајното преговарање. „Тишина! Разговараме, но не им кажувајте на граѓаните, колку помалку знаат, толку подобро. Моите услови се едноставни: ветете дека ќе ме обожувате и дека ќе ги исполните сите мои барања. Потпишите сега овде“, напиша Ванхауте на „Твитер“.


Ванхауте: Не очекувам дека ќе има избори на 5 јуни


Скопје, 23 април, 2016 - 17:20 (META) 

Белгискиот експерт и поранешен посредник во работните групи за имплементација на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, вели дека не очекува избори на 5 јуни.

Тој во својот говор на конференцијата за друштвени медиуми „Енгејџ 2016“, рече дека треба да помине подолго време за да се создадат услови за фер и демократски избори.

Ванхауте смета дека е демократско право на луѓето да излезат на улица, да протестираат и да бараат да се запре корупцијата.

– Ова ќе биде тежок пат, работите нема да бидат лесни и совршени од утре. Но, ве уверувам дека во еден момент работите ќе се сменат. Повторно ќе бидете во можност да живеете во слободно и демократско општество, во кое нема да мора да ја напуштите земјата и каде што луѓето ќе можат и ќе бидат среќни. Тоа е од суштинско значење – рече Ванхауте.

За неговите твитови вели дека се саркастични, но и дека ваквата реакција е дел од белгискиот менталитет. Тој вели дека пораките ги разбираат тие што се запознаени со состојбите во државата, а дека на властите им е тешко да ја примат пораката и да реагираат на неа.

Во однос на неговите конкретни работни ангажмани, посочи дека во моментов е само турист во земјава, но очекува наскоро да се смени тоа.


Ванхауте: Честито, штотуку што ја убивте демократијата!


Скопје, 12 април, 2016 - 19:02 (META) 

Белгискиот експерт и поранешен посредник во работните групи за имплементација на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, денеска со нови твитер-објави изреагира на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги прекине судските процеси против политичарите.

„Фундаменталната ЕУ-вредност е пуштена низ вода. Нема демократија без неа“, напиша белгискиот олеснувач.

Според Ванхауте, ова претставува уривање на демократијата во земјата. „Нема повеќе отчетност за шефовите“, напиша Ванхауте на „Твитер“, објавувајќи фотографија на која пишува „Честито: Штотуку ја убивте демократијата!

Во третиот твит, тој оцени дека со ваквата одлука, Иванов ја запечатил европската иднина на Македонија.

„Само народот може да ја врати европската иднина“, напиша белгискиот експерт, поткрепувајќи го твитот со фотографија на која пишува: „Збогум Македонијо. Без правда, ова е крај на ЕУ-интеграциите“.

Иванов денеска во своето обраќање до нацијата, рече дека политичката криза во Македонија е увезена од странство и оти Договорот од Пржино не ги дал саканите резултати. Од тие причини, тој, сам одлучил да донесе таква одлука која треба да стави крај на кризата.


Законот за медиуми на ЗНМ и на ССНМ не помина во Собрание


Скопје, 4 април, 2016 - 13:11 (META) 

Прaтениците не гo усвoијa предлoг-зaкoнoт зa реформа вo медиумите, кoј нa предлoг нa Здружението на новинари и на Синдикатот на новинари и медиумски работници гo предлoжи СДСМ.

Овој предлог-закон беше направен според предлозите на посредникот Питер Ванхауте.

Предлог-решението предвидуваше реформи во програмскиот совет на МРТ и во советот на Агенцијата за медиуми, како и целосно финасирање на МРТ од државниот буџет.

 


Ванхауте: Изборите ќе бидат погреб на демократската држава


Скопје, 3 април, 2016 - 10:56 (META) 

Со непочитување на основните демократски принципи, јасно е дека со изборите нема да се подобори демократијата, туку тоа ќе биде погреб на остатоците на она што некогаш беше една демократска држава, вели белгискиот експерт и поранешен олеснувач во преговорите за Договорот од Пржино, Питер Ванхауте во пост објавен на неговиот фејсбук-профил. Во постот тој ги коментира последните случувања на политичката сцена во земјава, по повлекувањето и оставките на министрите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) од Владата.

Ванхауте вели дека тоа што во една ваква ситуација премиерот воопшто не реагира, а неговата улога ја презема претседателот на најголемата партија „не е нешто нормално за една демократска држава“.

„Замислете, една Влада, каде што еден од коалициските партнери си поднесува оставка. Премиерот молчи. Претседателот на најголемата партија тврди дека: „Тие можат да ги пополнат отворените места кога сакаат… Заклучок: Влада без ДУИ е Влада без мнозинство. Што ќе се случи во нормален демократски систем? Премиерот дава изјава за јавноста, признавајќи дека постои политичка криза. Премиерот веднаш се упатува кон Парламентот и ја нуди оставката на Владата или премиерот бара гласање на доверба за да се види дали има мнозинство во парламентот кое сè уште ја поддржува владата. Фактот дека премиерот не реагира воопшто, не е нешто нормално за една демократска држава, бидејќи кризата е негова основна одговорност. Дека претседателот на партијата ја презема де-факто неговата улога, е многу загрижувачки и докажува дека земјата ја води партијата, а не Владата. Принципот на одвојување на партијата од државата не се почитува“, пишува Ванхауте.

Вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изјави дека според неговите информации ДУИ не ја напушта Владата туку само ќе изврши замена на своите кадри.

На ова реагираше Артан Груби, шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кој на својот фејсбук-профил напиша дека „одлуката за следните чекори на Демократската унија за интеграција по повлекувањето на министрите и замениците-министри е екслузивно само во рацете на претседателот Али Ахмети“.

Три дена по одлуката на ДУИ сè уште нема реакција од Европската унија и амбасадите на земјите вклучени во процесот на решавање на политичката криза.