Белгискиот експерт и поранешен посредник во работните групи за имплементација на Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, денеска со нови твитер-објави изреагира на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги прекине судските процеси против политичарите.

„Фундаменталната ЕУ-вредност е пуштена низ вода. Нема демократија без неа“, напиша белгискиот олеснувач.

Според Ванхауте, ова претставува уривање на демократијата во земјата. „Нема повеќе отчетност за шефовите“, напиша Ванхауте на „Твитер“, објавувајќи фотографија на која пишува „Честито: Штотуку ја убивте демократијата!

Во третиот твит, тој оцени дека со ваквата одлука, Иванов ја запечатил европската иднина на Македонија.

„Само народот може да ја врати европската иднина“, напиша белгискиот експерт, поткрепувајќи го твитот со фотографија на која пишува: „Збогум Македонијо. Без правда, ова е крај на ЕУ-интеграциите“.

Иванов денеска во своето обраќање до нацијата, рече дека политичката криза во Македонија е увезена од странство и оти Договорот од Пржино не ги дал саканите резултати. Од тие причини, тој, сам одлучил да донесе таква одлука која треба да стави крај на кризата.