!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Шпанскиот Врховен суд почна процес против каталонските законодавци


Мадрид, 31 октомври, 2017 - 13:46 (META) 

Шпанскиот Врховен суд почна да го процесуира обвинението за бунт поднесено против претседателката на каталонскиот парламент, Кармен Форкадела, како и други високи законодавци од тој регион, соопшти денеска портпаролот на судот.

Шпанскиот државен обвинител, Хозе Мануел Маса, како што беше најавено во понеделникот, го обвини поранешниот лидер на Каталонија, Карлес Пучдемон, за побуна, измама и за злоупотреба на јавните фондови.

Сменетиот каталонски лидер е во Брисел и не се крие, рече неговиот адвокат Пол Бекарт, не отфрлајќи ја можноста Пучдемон да побара азил.

– Тој ги има сите права да биде таму, против него не се води постапка – рече Бекарт за фламанското државно радио.
Прашан дали Пучдемон планира да побара азил во Белгија, Бекарт рече дека сите опции се отворени и дека сè уште ништо не е одлучено.


Сашо Мијалков бил средно имотен, стои во обвиненијата на СЈО


Скопје, 26 септември, 2017 - 18:01 (META) 

Специјалното јавно обвинителство на својата нова интернет-страница ги објави обвинителните акти за сите 20 случаи што ги отвори, а кои се поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните разговори.

Единствено, како што може да се види, не е објавена содржината на обвинението за случаите „Таргет“ и „Тврдина“.

Во објавените обвиненија може се видат интересни моменти и куриозитет за обвинетите во случаите и начините на кои се вршени кривичните дела за кои се товарат.

Така, од обвинителниот акт за случајот „Тортура“ може да се прочита дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, е „средно имотен“, исто како и поранешниот командир на полициската единица „Алфа“, Ивица Анчевски – Пуки.


СЈО: Први јули не менува ништо, продолжуваме со истрагите


Скопје, 15 септември, 2017 - 15:15 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска го објави четвртиот шестмесечен извештај за својата работа во периодот од 15 март до 15 септември оваа година. Според извештајот, она што е карактеристично и што го разликува од претходните е што во овој период се поднесени обвиненија за повеќето истраги што ги отвори СЈО.

„Поднесени се вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период, отворени се вкупно седум нови истражни постапки против вкупно 25 физички и преземени се истражни дејства кон четири правни лица“, стои во извештајот.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во извештајот нагласува дека и покрај законската пречка, со која на 30 јуни оваа година заврши рокот од 18 месеци во кои СЈО може да поднесува обвиненија, ќе продолжи да води истраги.

„Во оваа насока морам да истакнам дека 1 јули не менува ништо во фактот што ова јавно обвинителство како професионална и независна институција има капацитет и ќе продолжи преку независни и темелни истраги за кривичните дела за кои е надлежно, во соодветни законски постапки да обезбеди остварување на кривичната правда и да создаде гаранции дека сторителите на кривичните дела нема да останат неказнети“, стои во извештајот.

Во него како исклучително важна се нагласува одлуката на Апелацискиот суд, прислушуваните разговори да можат да се користат како доказ во судскиот процес за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година.

„Одлуката на Апелацискиот суд Скопје го потврдува фактот дека со самото донесување на Законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, аудиозаписите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз основа на Законот, ова јавно обвинителство има надлежност, но и обврска да истражува кривични дела и да гони сторители на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, наведува Јанева.

Според извештајот, во изминатите шест месеци СЈО повело 142 нови предистражни постапки, од кои 49 по сопствена иницијатива, а 93 предмети биле формирани врз основа на пријави од други подносители. Вклучувајќи ги претходно отворените 50 активни предистражни постапки, во СЈО во моментот се работи на 99 активни предистражни постапки.

Во периодот од 15 март 2017 до 15 септември 2017 година, СЈО отворило седум нови истражни постапки, од кои за пет истраги се поднесени обвиненија.

Според извештајот заклучно со денеска, СЈО преслушало и ја анализирало содржината на 70 отсто од вкупниот број на аудио-фајлови со кои располага.

„Како што веќе беше наведено ова Јавно обвинителство поседува вкупно 606 555 аудио-фајлови. Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализираше содржината на 424.589 аудио-фајлови односно во обработка се 70 отсто од
вкупниот број на аудио-фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што изработени се 1039 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индиции дека е сторено кривично дело“, стои во извештајот.

Од анализираните разговори издвоени се 152.680 аудио фајлови за кои било утврдено дека станува збор за приватни разговори.


СЈО со нова интернет-страница ја најави двегодишнината од формирањето


Скопје, 12 септември, 2017 - 17:36 (META) 

Специјалното јавно обвинителство в петок полни две години од своето формирање, односно од донесувањето на Законот за СЈО и од изборот на Катица Јанева за специјална јавна обвинителка.

Според Законот за СЈО, Јанева в петок треба да го објави четвртиот шестмесечен извештај за работата на обвинителството и да го достави до Собранието и до Советот на јавни обвинители.

Во пресрет на извештајот, Специјалното јавно обвинителство денеска ја објави својата нова, редизајнирана интернет-страница.

Инаку, последната прес-конференција и воедно последно појавување на Катица Јанева во јавноста беше на 29 мај оваа година, кога СЈО поднесе 17 обвиненија за 18 случаи (случаите „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во еден предмет), против вкупно 94 лица и седум фирми.

Меѓу обвинетите се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, ексминистрите за внатрешни работи, култура и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска, Елизабета Канческа-Милевска и Миле Јанакиески, и други поранешни и актуелни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ.


За Ердоган е скандалозно поднесувањето обвиненија во САД против неговите телохранители


Анкара, 1 септември, 2017 - 10:07 (META) 

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска го оцени како „скандалозно“ поднесувањето обвинение во САД против неколку негови телохранители, обвинети за насилството во Вашингтон за време на неговата посета на градот.

– Тоа е скандал. Тоа е скандалозна демонстрација на начинот на кој функционира американското правосудство – рече Ердоган.

Вкупно 19 лица, вклучувајќи и 15 агенти на безбедносните служби и телохранители на Ердоган, се осомничени дека на 16 мај ги нападнале мирните курдски демонстранти во главниот град на САД.

Обвинението против тројца од нив е поднесено во вторникот.

Судирите избија на вечерта 16 мај, пред резиденцијата на турскиот амбасадор во САД, каде Ердоган бил по разговорите во Белата куќа со претседателот Доналд Трамп.

Во судирите се повредени 12 лица, меѓу кои и еден полицаец.


Стојаноски: СЈО се обидуваше со пари да дојде до лажни изјави


Скопје, 23 јули, 2017 - 11:22 (META) 

Обвиненијата на СЈО за сите отворени случаи се без никакви докази, а за да се врши политички прогон на ВМРО-ДПМНЕ инспириран од СДС, изјави денеска Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ пред просториите на СЈО.

– СЈО се обидуваше со пари да дојде до лажни изјави за да ги поткрепи монтираните случаи. Таму каде што не можеше да поткупи, СЈО се служеше со заплашување и со закани врз лицата за да потврдат нешто што не се случило никогаш. СЈО имаше и има само една единствена задача, а тоа е да истражува и да обвинува за непостоечки случаи, кои ги измислуваше Зоран Заев. Постапките на СЈО од неговиот почеток до денес, само го потврдуваат фактот дека тие служат за една употреба на СДС, за оцрнување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО е обична политичка алатка која има ограничен рок на траење – вели Стојаноски.

Според него, СЈО не смее да води истражни постапки по истекот на 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.


Апелација сè уште ги чека жалбите од СЈО


Скопје, 6 јули, 2017 - 13:27 (META) 

Во Апелацискиот суд Скопје досега не пристигнала ниту една од жалбите на Специјалното јавно обвинителство и на одбраната на обвинетите на одлуките на кривичните совети за одбиените барања на СЈО за притвори и за мерки за претпазливост, велат за „Мета“ од второстепениот суд.

Инаку, СЈО и обвинетите првин ги доставуваат жалбите до Основниот суд Скопје 1, од каде потоа се препраќаат во Апелацискиот суд.

На прашање на „Мета“ колку жалби досега пристигнале, од Кривичниот суд ни рекоа дека за тоа треба да се обратиме до Апелација бидејќи тие по автоматизам ги испраќале предметите таму.

– Досега кај нас не пристигнал предметот, не сме добиле ниту една жалба – ни изјави Сафет Кадрии, судија на Апелацискиот суд Скопје, задолжен за односи со јавноста.

Специјалното јавно обвинителство досега до Апелацискиот суд (преку Основниот суд) поднесе 25 жалби против одлуките на кривичните совети на Основниот суд Скопје 1, со кои беа одбиени барањата за притвор на 18 лица, опфатени во случаите за кои СЈО минатата недела поднесе обвиненија.

Жалби најави и одбраната на обвинетите, кои не се задоволни со решенијата на Кривичниот суд за одземање на пасошите и за наметнување обврска еднаш неделно обвинетите да се јавуваат кај службено лице во судот.


СЈО попладнево ќе ги поднесе првите жалби за одбиените притвори


Скопје, 4 јули, 2017 - 12:16 (META) 

Специјалното јавно обвинителство се очекува денеска попладне до Апелацискиот суд Скопје да ги поднесе првите жалби на одбиените барања за одредување мерка притвор на 18 лица, против кои минатата недела беа поднесени обвиненија, потврдија за „Мета“ од СЈО.

Жалби на одлуките на првостепениот суд, СЈО ќе поднесува и во наредните денови, во согласност со роковите (од три дена) кои почнаа да течат како што судот ги носеше решенијата, од кои првите беа во петокот минатата недела, а последните вчера.

Апелацискиот суд, откако ќе ги прими, има рок од 48 часа да донесе одлуки по жалбите.

Кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 ги одбија сите 18 барања за притвори што ги поднесе СЈО, а целосно или делумно ги прифатија оние предлози во кои се бараа мерки за претпазливост против дел од обвинетите.

Наместо притвори, судот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, на поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милеска, поранешниот вицепремиер, Владимир Пешевски, актуелниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, им ги одзеде пасошите и ги задолжи еднаш неделно да се јавуваат во судот.


Нè чека долга судска недела: Рокови, жалби, одлуки, претреси


Скопје, 3 јули, 2017 - 10:33 (META) 

Денеска Кривичниот суд во Скопје треба да ги соопшти и последните одлуки по барањата за притвори против функционери на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни министри, обвинети во случајот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство.

Станува збор за барањата за притвор на Никола Груевски, Мартин Протогер, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски. Одлуките, како што можеше да се заклучи од соопштението на судот, биле донесени викендов, но ќе бидат објавени денеска бидејќи се чекаше да бидат напишани и доставени до странките, односно до одбраната на обвинетите и до СЈО.

Ова е само првата фаза од процедурата по барањата на мерки за претпазливост од страна на СЈО, кое веќе од денеска најави жалби до Апелацискиот суд Скопје.

СЈО има рок од три дена да поднесе жалби за одбиените притвори, на кои Апелацискиот суд треба да одговори за 48 часа откако ќе ги добие и да донесе одлука.

Ова значи дека крајот на оваа недела ќе се знае дали некој сепак ќе заврши во притвор или не.

Инаку, за денеска е закажано и рочиште од судскиот процес за случајот „Тврдина 2“ на СЈО, во кој првообвинет за уништување на документацијата од незаконското прислушување е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски.

На претходното рочиште, кое се одржа на 23 мај, судијката Лидија Петровска ги прифати доказите на СЈО и за денеска закажа почеток на главната расправа, на која треба да бидат сослушувани сведоци.

Грујовски е обвинет и во случаите „Таргет“ и „Тврдина 2“, кои СЈО ги спои во едно обвинение. Тој беше и еден 18-те лица за кои СЈО бараше притвор, но судот го одби предлогот и му одреди мерки за претпазливост, односно му го одзеде пасошот и му наложи еднаш во неделата да се јавува во судот.


Мијалков остана без пасош, одлуките за притворите во „Титаник“ – утре


Скопје, 2 јули, 2017 - 11:32 (META) 

Кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 го отфрлија како неосновано и барањето на Специјалното јавно обвинителство за одредување мерка притвор за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој е првообвинет во случаите „Трагет“ и „Тврдина“, што СЈО ги спои во едно обвинение.

Бараната мерка притвор, како што соопшти денеска Кривичниот суд, е замената со мерки за претпазливост, односно на Мијалков му е одземен пасошот и наложено му е еднаш неделно да се јавува во судот.

Судот ги одбил барањата за притвор и за другите четворица обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, меѓу кои е и поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. И ним им се одземени пасошите и имаат обврска еднаш неделно да се јавуваат во судот.

Досега судот ги одби сите барања за притвор на СЈО, кое најави дека ќе поднесе жалби до Апелацискиот суд Скопје на одлуките на кривичните совети.

Рокот за поднесување на жалбите е три дена од донесувањето на одлуките.

Во врска со одлуките за случајот „Титаник“, каде СЈО бара да им бидат одредени притвори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, како што може да се заклучи од соопштението на судот, тие се донесени, но ќе бидат соопштени утре.

„Откако одлуките ќе бидат писмено изработени и доставени до странките, јавноста ќе биде известена во текот на утрешниот ден“, стои во соопштението.