fbpx

СЈО: Први јули не менува ништо, продолжуваме со истрагите

-

Специјалното јавно обвинителство денеска го објави четвртиот шестмесечен извештај за својата работа во периодот од 15 март до 15 септември оваа година. Според извештајот, она што е карактеристично и што го разликува од претходните е што во овој период се поднесени обвиненија за повеќето истраги што ги отвори СЈО.

„Поднесени се вкупно 18 обвиненија за 19 предмети против 120 лица за 168 кривични дела. Во текот на извештајниот период, отворени се вкупно седум нови истражни постапки против вкупно 25 физички и преземени се истражни дејства кон четири правни лица“, стои во извештајот.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во извештајот нагласува дека и покрај законската пречка, со која на 30 јуни оваа година заврши рокот од 18 месеци во кои СЈО може да поднесува обвиненија, ќе продолжи да води истраги.

„Во оваа насока морам да истакнам дека 1 јули не менува ништо во фактот што ова јавно обвинителство како професионална и независна институција има капацитет и ќе продолжи преку независни и темелни истраги за кривичните дела за кои е надлежно, во соодветни законски постапки да обезбеди остварување на кривичната правда и да создаде гаранции дека сторителите на кривичните дела нема да останат неказнети“, стои во извештајот.

Во него како исклучително важна се нагласува одлуката на Апелацискиот суд, прислушуваните разговори да можат да се користат како доказ во судскиот процес за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година.

„Одлуката на Апелацискиот суд Скопје го потврдува фактот дека со самото донесување на Законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, аудиозаписите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз основа на Законот, ова јавно обвинителство има надлежност, но и обврска да истражува кривични дела и да гони сторители на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, наведува Јанева.

Според извештајот, во изминатите шест месеци СЈО повело 142 нови предистражни постапки, од кои 49 по сопствена иницијатива, а 93 предмети биле формирани врз основа на пријави од други подносители. Вклучувајќи ги претходно отворените 50 активни предистражни постапки, во СЈО во моментот се работи на 99 активни предистражни постапки.

Во периодот од 15 март 2017 до 15 септември 2017 година, СЈО отворило седум нови истражни постапки, од кои за пет истраги се поднесени обвиненија.

Според извештајот заклучно со денеска, СЈО преслушало и ја анализирало содржината на 70 отсто од вкупниот број на аудио-фајлови со кои располага.

„Како што веќе беше наведено ова Јавно обвинителство поседува вкупно 606 555 аудио-фајлови. Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализираше содржината на 424.589 аудио-фајлови односно во обработка се 70 отсто од
вкупниот број на аудио-фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што изработени се 1039 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори има индиции дека е сторено кривично дело“, стои во извештајот.

Од анализираните разговори издвоени се 152.680 аудио фајлови за кои било утврдено дека станува збор за приватни разговори.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Посебен сообраќаен режим в недела заради атлетска трка на Средно Водно

Во недела, со почеток во 9 часот, поради атлетска трка на 10 километри, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот...