Во пожарот во Грција загинаа 81 лице, бројот на исчезнати непознат


Атина, 26 јули, 2018 - 11:01 (META) 

Во катастрофалниот пожар што ја зафати областа Атика кај Атина, до сега загинаа најмалку 81 лице, а бројот на исчезнати се уште е непознат.

Опожарените населби ги посети министерот за одбрана Панос Каменос, кој го пречекале гневни граѓани.

Две девојчиња низ плач и со гнев му раскажале како го преживеале пожарот и што се случувало, пливале четири часа за да се спасат.

„Човечката болка не се заменува. Не можам да ги вратам децата назад. Ја гледам ќерка ми и го гледам  деветгодишното девојче што го бараме и се чувствувам како да е мое дете“ рекол Каменос.

Тој дополнил дека армијата се обидува да помогне, колку е можно повеќе.


Шекеринска: Голем дел од парите за исхрана на војниците не се искористувале


Скопје, 9 јули, 2018 - 14:37 (META) 

Ќе направиме нов правилник за исхрана на војниците во АРМ, а голем дел од парите наменети за нивна исхрана досега не се искористувале, поради што ќе мора да преземеме одредени промени, за што веќе разговарав со Генералштабот на АРМ, објасни министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Одговарајќи на новинарско прашање на денешниот брифинг со уредниците и новинарите за самитот на НАТО, таа рече дека за жал се случуваат ситуации кога не може да се изврши достава на храна на војници што даваат стража на објекти, па поради тоа тие се хранат само со конзерви и леб, но, според неа, веќе се работи на тоа целосно да се промени исхраната на војниците.

– Ќе подготвиме нов правилник за тоа каква храна ќе се дава, на колку време ќе се менува, а ќе мора да преземеме и други мерки, бидејќи голем дел од парите за исхрана на војниците не се искористувале. Ќе мора да направиме промени, вклучително и некои кадровски, за војниците да добиваат соодветна исхрана – рече министерката за одбрана.


Шекеринска во Стејт Департментот: Македонија е подготвена за членство во НАТО


Вашингтон, 28 април, 2018 - 12:21 (META) 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на вториот ден од официјалната посета на САД се сретна со заменик – помошникот на секретарот за одбрана Лора Купер и со високи официјални лица во Стејт Департментот.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата со првиот заменик – помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард, министерката Шекеринска ги образложила аргументите поради кои Македонија го заслужува членството во НАТО – зголемувањето на буџетот и платите за Армијата, одбранбените реформи, зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, но и на поширок план – враќањето на критичките и слободни медиуми, владеењето на правото, активната транспарентност на која се обврза Владата како една од алатките против корупцијата.

Високата претставничка на Стејт Департментот Милард, се посочува, оддаде признание за напредокот, кој го постигна земјата само една година по кризните настани во Собранието, и потенцираше дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата.

Во Стејт Департментот министерката Шекеринска се сретна и со заменик – помошник секретарот Метју Палмер, кој истакна дека работите во Македонија се одвиваат многу бргу, а земјата е подготвена не само да биде членка на НАТО, туку членка која активно придонесува во Алијансата.


Албанија и Бугарија ќе се залагаат Македонија поскоро да влезе во НАТО


Охрид, 1 декември, 2017 - 19:27 (META) 

Албанскиот заменик-министер за одбрана, Петро Кочи, порача дека Албанија и Бугарија ќе бидат силни поборници Македонија што е можно поскоро да стане членка на НАТО и дека тоа не е важно само за народот на земјата, туку и за регионот во целина. Кочи беше на трилатерална средба во Охрид со македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и со министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов.

– Денеска ја изразивме нашата политичка волја да ја зајакнеме соработката во поглед на одбраната на ова трилатерално ниво и нашите тимови веднаш ќе почнат да подготвуваат планови за 2018 година. Кога се разговара, се наоѓаат и решенија и убедени сме дека и оваа трилатерала ќе ги помогне иницијативите што ги прават нашите влади – рече министерката Шекеринска по средбата.

Бугарскиот министер за одбрана, Каракачанов, рече дека потесната соработка меѓу Бугарија, Македонија и Албанија не ја опфаќа само економската соработка во однос на коридорот 8, туку може да се прошири и во областа на одбраната.

– Соработката во областа на безбедноста и на одбраната меѓу Бугарија и Албанија, кои се членки на НАТО, и Македонија, која сè уште не е, би докажала пред другите земји членки на НАТО дека Македонија е подготвена за членство во Алијансата и дека тоа треба да се оствари без одложување односно Македонија да стане 30. земја членка. Оваа соработка е и од економски интерес, а исто така би придонела и за поголема сигурност и безбедност на Балканот – рече Каракачанов.


Шекеринска во Брисел разговарала со помошниците на генералниот секретар на НАТО


Брисел, 10 ноември, 2017 - 14:18 (META) 

Македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, при посетата на Брисел на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО и земјите-учесници во мисијата „Одлучна поддршка“, во НАТО штабот во Брисел имала средби со помошник-генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Алехандро Алваргонзалез и помошник-генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Хајнрих Браус.

Како што соопшти македонското министерство за одбрана, на средбите се разговарало за спроведувањето на планот 3-6-9 на Владата на Република Македонија како и за реформите во судството, во разузнавачките и безбедносните служби, слободата на медиумите и транспарентноста и за реформските процеси во одбраната.

На состанокот на министрите вчера во Брисел, Шекеринска ги нагласила стратешките цели на Македонија за членство во НАТО и најавила засилено темпо и реформи кон исполнување на критериумите и стандардите на Алијансата.


Кој и под кои услови во Македонија може да нареди прислушување на дипломати


Скопје, 23 август, 2017 - 9:34 (META) 

Прислушувањето на странски дипломати, во чии редови без исклучок има и разузнавачи, според Законот за следење на комуникации се врши на барање на министрите за внатрешни работи и за одбрана, а го одобрува судија на Врховен суд.

Во Законот за следење на комуникациите условите и постапката за прислушување е уредена во две глави. Едната се однесува на сторители на кривични дела, а другата (Глава 3) на услови и постапка за следење на комуникациите за заради заштита на интересите на безбедноста и на одбраната на земјата, под која, наверојатно може да се стават евентуалните „законски“ следења на комуникациите на странските претставници.

Во тој случај, според членот 29 од Законот, судот може да нареди следење на комуникациите кога постојат основи на сомневање дека се подготвува извршување на кривично дело против државата, против вооружените сили или против човечноста и меѓународното право.

„Освен во случаите од ставот 1 на овој член, судот може да нареди следење на комуникациите и кога се подготвува, поттикнува, организира или учествува во вооружен напад против Република Македонија или во онеспособување на нејзиниот безбедносен систем да ги врши своите функции, кога на друг начин не можат да се обезбедат податоци за таквата активност или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии за да се спречи извршувањето на кривичното дело, вооружениот напад или онеспособувањето на безбедносниот систем“, стои во членот 29.

Барањето за донесување наредба за прислушување може да поднесе:

  • Министерот за внатрешни работи
  • Министерот за одбрана

или

  • Лице овластено од нив.

Барањето се доставува до:

  • Државниот јавен обвинител
  • Тој потоа го поднесува до судија на Врховниот суд кој дава наредба за прислушување
  • Судијата може да дозволи следење на комуникациите не подолго од шест месеци.

Сето ова се однесува на домашното законодавство, а однесувањето на дипломатите и на органите во земјата во која службуваат е уредено и со Виенската конвенција која го штити нивното дејствување на „туѓа“ територија.

По повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата на Србија во Македонија на итни консултации во Белград, српските власти соопштија дека тоа е направено бидејќи имало докази за „многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија во Македонија“. Српските медиуми објавија дека српските дипломати во Македонија биле следени, прислушувани и застрашувани од македонските служби.

На ваквите тврдења, министерот за надворешни работи, Никола Димитров на прес-конференција изјави дека Владата ниту имала намера, ниту пак дала наредби да се вршат разузнавачки активности против и на штета на некоја од соседните држави, вклучувајќи ја и Србија и дека чекаат официјални информации од Белград за ваквите тврдења.


Трамп го избра генералот Џејмс Мед Дог Матис за нов министер за одбрана на САД


Синсинати, 2 декември, 2016 - 10:48 (META) 

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го избра генералот Џејмс Матис, поранешен маринец кој служел во Ирак и во Авганистан, за нов министер за одбрана, јавува „Би-би-си“.

„Тој е нашиот најдобар избор“, истакнал Трамп, при промоцијата на неговиот избор за министер за одбрана за време на говор во сојузната држава Охајо.

Генералот Матис, кој е познат по прекарот Мед Дог (Mad Dog, во превод на македонски – Бесно Куче) беше еден од најжестоките критичари за политиката на администрацијата на актуелениот претседател Барак Обама кон Блискиот Исток, особено кон Иран.

Според генералот Матис Иран, е „единствената континуирана закана за стабилноста и за мирот на Блискиот Исток“.

Својот избор за министер за одбрана, Трамп го објави во градот Синсинати, од каде ја почна својата турнеја „Ти благодарам САД 2016“.

„Ќе го назначиме Мед Дог Матис за наш министер за одбрана… Велат дека тој е најблиското нешто што го имаме до генералот Џорџ Патон (командант во американските војска за време на Втората светска војна н.з.)“, рекол Трамп пред своите поддржувачи во Охајо.


Анте Готовина назначен за советник на хрватскиот министер за одбрана


Загреб, 17 ноември, 2016 - 17:59 (META) 

Поранешниот генерал на хрватската војска, Анте Готовина, е назначен за советник на министерот за одбрана на Хрватска, Дамир Крстичевиќ, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“. Ваквата одлука ја донела Владата на Хрватска на седница одржана во Вуковар, а неа ја потврдил и министерот Крстичевиќ на својот фејсбук-профил.

„Мило ми е што мојот голем пријател и наш херој го прифати мојот предлог и споменатиот ангажман и уверен сум дека генералот со своето знаење и способности значајно ќе придонесе за националната безбедност и за развојот на вооружените сили. Добро ни дојдовте генерале“, напишал Крстичевиќ.

Готовина, иако има право на финансиски надомест за вршењето на функцијата, ја одбил платата.

Пред четири години Хашкиот суд за воени злосторства на просторите на поранешна Југославија, донесе пресуда со која од одговорност ги ослободи генералите Анте Готовина и Младен Маркач. Судот на 16 ноември 2012 година ги отфрли заклучоците и во најголем дел ја поништи првостепената пресуда со која Готовина и Маркач беа осудени на 24, односно на 18 години затвор за воени злосторства извршени за време и по акцијата „Бура“ во 1995 година.


Израел планира смртни казни за палестинските екстремисти


Ерусалим, 21 мај, 2016 - 14:50 (META) 

Идниот министер за одбрана на Израел, Авигдор Либерман, инаку лидер на ултранационалистичката партија „Израел наш дом“ како клучен услов за негово влегување во владејчката коалција го поставил воведувањето смртна казна за палестинските екстремисти, јавуваат светските медиуми.

Извори блиски на неговата и на владејчката партија Ликуд навеле дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се согласил со барањето на Либерман.

Во Израел досега на смртна казна е осудено и погубено само едно лице – архитектот на т.н. „конечно решение“ на нацистичка Германија во Втората светска војна, Адолф Ајхман. Тој во 1962 година беше осуден и обесен за геноцид.

Според договорот меѓу Либерман и Нетанјаху, пишуваат изралеските медиуми, просто мнозинство од двајца судии во воениот суд ќе биде доволно да му се одреди смртна казна на Палестинец кој извршил смртоносен напад.

Во Израел и досега постоеше можност за изрекување на смртна казна, но обвинителите не ја бараа бидејќи за тоа беше потребно сите судии во судскиот совет да бидат едногласни во одлуката.


Јолевски: Заслужуваме да бидеме дел од НАТО


Вашингтон, 6 февруари, 2016 - 11:54 (META) 

За време на посетата на Вашингтон, САД, македонскиот министер за одбрана, Зоран Јолевски, се сретна со Целесте Валандер, специјален советник на претседателот Барак Обама и директор во Советот за безбедност на САД, а во Стејт Департмент со Хојт Ји, заменик помошник секретар за Европа и за Евроазија.

Министерство за одбрана на Македонија соопшти дека на одвоените средби Јолевски и соговорниците размениле мислења за интеграцијата на Македонија во НАТО, за реформските процеси во Армијата, како и за безбедносната состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко. На средба во Пентагон со директорот за Русија, Украина и за Евроазија, Лаура Грос, станало збор за реформските активности во Министерството за одбрана.

„Македонија е стабилен партнер и долгогодишен контрибутор кон светскиот мир. Ние сме одговорен член на меѓународната заедница и заслужуваме да бидеме дел од Алијансата за која сме подготвени од 2008 година“, истакнал Јолевски.