fbpx

Вистиномер: Не е точно дека министерката Петровска изјавила оти во македонската армија биле откриени руски шпиони

-

Министерката за одбрана Славјанка Петровска воопшто не дала ваква изјава, ниту, пак, навистина биле откриени руски шпиуни во редовите на македонската армија. Доколку се посети оригиналната страница од каде потекнува написот, се доаѓа до заклучокот дека станува збор за сатиричен напис, што е јасно обележано на крајот од текстот, каде се додава дека сите сличности со реалноста се случајни. Но, во постот што го рецензираме, оваа измислена вест е споделена како вистинска, со што читателите се доведени во заблуда, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се тврди дека руски шпиони биле откриени во македонската армија. За поверодостојно да се пласира ваквата дезинформација, во состав на постот, споделена е и фотографија (принтскрин) од наводна изјава што ја дала министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Линк до написот во кој се цитира Петровска нема, па така за читателите останува скриен фактот дека станува збор за сатиричен напис.

Руски шпиони во северџанистанската армија. Интересно! Агенти од кои странски служби ја контролираат разузнавачката служба на северџанистан? Агенти од кои странски служби ја контролираат целата држава и работат против интересите на Македонскиот народ со цел да си ги остварат своите геополитички цели?, се вели во постот кој го рецензираме.

Од самиот принтскрин претставен во постот што го рецензираме, се гледа само изјава што наводно ја дала министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Славјанка: Пронајдовме шпиони од Русија во редовите на македонската армија, стои во насловот.

Меѓутоа, министерката воопшто не дала ваква изјава, ниту пак навистина биле откриени руски шпиони во редовите на македонската армија. Доколку се посети оригиналната страница од каде потекнува написот, се доаѓа до заклучокот дека станува збор за сатиричен напис, што е јасно обележано на крајот од текстот, каде се додава дека сите сличности со реалноста се случајни.

Меѓутоа, во постот што го рецензираме, не може да се дојде до информацијата дека текстот кој е споделен е сатиричен. Без постоењето на оригиналниот линк кој води до сатиричната објава односно напис, и за читателите односно следбениците на постот, станува потешко да дојдат до таквото сознание. Доколку тие самите не го пребараат написот за да го проверат, најверојатно ќе бидат измамени да поверуваат дека Петровска навистина дала таква изјава и дека во македонската армија биле откриени руски шпиуни. Од друга страна, пак, доколку тоа беше навистина случај, тогаш таквата информација ќе добиеше широко медиумско влијание, што се разбира не се случи. Меѓутоа од коментарите под постот што го рецензираме, јасно е дека дел од читателите поверувале дека информацијата за инфилтрирани руски шпиони во македонската армија е вистинита, и покрај тоа што станува збор за сатира.

Целосната измислена, сатирична изјава во текстот која ѝ е шеговито препишана на Петровска гласи:

Како министерка за одбрана на нашата земја сакам да ве информирам дека пронајдовме шпиони од Русија кои некако успеале да се инфилтрираат во редовите на нашата армија. Нашата темелна истрага докажа дека шпионите од Русија успеале да се инфилтрираат во готвачката дивизија на АРМ и притоа нашите војници започнале да ги хранат со Сибирски кнедли, Ленинградски палачинки, Руска салата, и Путинов стек. Целата погоре наведена храна која што се готви само во Русија е мошне опасна за нашата армија затоа што може да предизвика војниците да потпаднат под руско влијание а ние сме земја членка на НАТО. Готвачите шпиони од Русија веќе се приведени и ќе им бидат поднесени соодветни пријави и казни од страна на судовите на нашата земја.

Поради тоа што во постот што го рецензираме, не е поставен линк до оригиналниот напис, и поради тоа што авторот на постот не напоменал дека станува збор за сатира, измислената изјава се презентира и доживува како да е вистинита, а на таков начин во заблуда се доведуваат корисниците на социјалните мрежи.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина изнесеното во постот, дека руски шпиони биле откриени во македонската армија. Станува збор за сатиричен напис кој на корисниците на социјалната мрежа Фејсбук им е претставен како да е реален.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...