Војната во Украина: Борбата за Северодонецк сè повеќе наликува на Мариупол

Извор на фотографија: Укринформ

По еден месец борби за окупирање на градот Северодонецк во Луганскиот регион, борбите сè повеќе наликуваат на страдањата кои ги доживеа пристанишниот град Мариупол изминатава пролет. Русија соопшти дека утрово ќе отвори хуманитарен коридор за извлекување на цивилите и украинските борци од хемиската фабрика Азот лоцирана во Северодонецк. Би-би-си јавува дека хуманитарниот коридор води кон територија контролирана од руските сили.

Во досегашните борби од руските сили беа уништени сите мостови кои водат кон територијата под контрола на украинските сили. Рокот за извлекување на цивилите и за предавање на украинските војници е во времетраење од 12 часа. Би-би-си ги пренесува податоците на британското Министерство за одбрана, кое потврдува дека поголемиот дел од Северодонецк е под контрола на руските сили. Тие проценуваат дека неколку стотици граѓани се кријат во подземните бункери на хемиската фабрика Азот. Во самиот град Северодонецк, од некогашните 100.000 жители, проценките се дека во моментов останале да живеат околу 12.000 жители кои секојдневно беа изложени на жестоки борби и гранатирања.

Укринформ јавува за загинати и повредени лица во дејствувањата на руската војска и во други делови од Украина. Најмалку четири цивили загинале во гранатирањето на градот Апостолове во Днипропетровскиот регион. Во изминативе два дена, шест жители на Лисичанск и два цивила од Золоте биле хоспитализирани како резултат на руското гранатирање на овие градови.

Во Донецкиот регион, руските сили се фокусирани на офанзивата кон градот Словјанск. Тие употребуваат артилериски и воздушни напади врз населени места, при што обидите за пробив кај Бохородучне и Долуна биле одбиени од украинските сили, но руските сили напредуваат од правецот на Краснопилиа, јавува Укринформ.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја трпи болни загуби во Донбас. Тој им порача на западните сојузници дека на Украина ѝ е потребно  модерно противракетно оружје за да ја одбрани својата територија. Зеленски изјави дека е витално важно да се одбрани Донбас и дека клучно ќе биде кој ќе доминира во текот на наредните недели, јавува Би-би-си.