Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на вториот ден од официјалната посета на САД се сретна со заменик – помошникот на секретарот за одбрана Лора Купер и со високи официјални лица во Стејт Департментот.

Како што соопшти Министерството за одбрана, на средбата со првиот заменик – помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард, министерката Шекеринска ги образложила аргументите поради кои Македонија го заслужува членството во НАТО – зголемувањето на буџетот и платите за Армијата, одбранбените реформи, зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, но и на поширок план – враќањето на критичките и слободни медиуми, владеењето на правото, активната транспарентност на која се обврза Владата како една од алатките против корупцијата.

Високата претставничка на Стејт Департментот Милард, се посочува, оддаде признание за напредокот, кој го постигна земјата само една година по кризните настани во Собранието, и потенцираше дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата.

Во Стејт Департментот министерката Шекеринска се сретна и со заменик – помошник секретарот Метју Палмер, кој истакна дека работите во Македонија се одвиваат многу бргу, а земјата е подготвена не само да биде членка на НАТО, туку членка која активно придонесува во Алијансата.