fbpx

Вистиномер: Непристојните забелешки кон министерката за одбрана како ферментиран отпор кон Преспанскиот договор

-

Влезот во НАТО како основа го имаше Преспанскиот договор. Критиката на овој Договор, пак, e основата на која опозицијата сака да го придобиe дел од јавното мислење, без да се споменува НАТО. Со актуелните случувања околу Украина се спојуваат сите фрагменти на отпорот кон Договорот од Преспа, па во јавната комуникација добиваме реченица од типот „мислевме дека НАТО ќе не брани нас, а сега ние ќе го браниме НАТО“, а во согласност со искривената логика дека постојат добивки без сопствен влог во нив, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Пишува: Љубомир Костовски

Грижливите читатели на медиумите, вклучувајќи ги тука и оние кои не се во мејнстрим ареалот, веројатно досега забележале дека критичарите на Преспанскиот договор ретко кога го ставале овој документ во контекст на една од придобивките со овој чин: влезот во НАТО, како неспорен огромен чекор на земјава кон својата безбедност. Нормално, се очекуваше дека тоа ќе го забрза и нашиот пат кон ЕУ, но за тоа што истото не се случи, постојат многу надворешни причини, а ниту една за каква било форма на злорадост, која се забележува кај новинарите и уредниците, водителите на т.н. трибини или пак и интервјуа во кои се констатира онаа реторичка патерица – „жртвувавме многу, а не добивме ништо“.

За да не излеземе од контекстот на темата, да појасниме дека зад оваа „дефиниција“ се крие матрицата на критиката на најголемата опозициона партија кон политичкиот противник во стилот „дадовме – не добивме“, при што секогаш се криело како цел името на НАТО! Ова заради голиот факт дека споменувањето на воено-безбедносната организација го расипувало впечатокот.

Практично – ние како мала и незаштитена земја, со привремено име кое најмалку значи потврда на идентитетот, со влезот во НАТО направивме комплетна заштита на својот идентитет и ја отстранивме опасноста по своите граници, што е основа за комплетна деструкција на тезите на оние „кои го бранат името“.

Во одреден момент, што на некој аналитички центар му се чинел најдобар, белким не заради некакво дневно пролизгување, името на НАТО се издвојува во дневниот вокабулар во делот од јавно мислење, кој се уште не е сигурен дали е за или против нашето членство во Алијансата. И тоа преку критика, или поточно – исмејување на новопоставената министерка за одбрана. Но, заради кои околности:

  •  се одбегнува вклученост на опозицискиот политички врв во критиката, а акцијата се остава на веќе познати медиумски кербери со нивниот препознатлив уличен вокабулар;
  •  акцентот се става на изместена цел: не се критикува колективната безбедност на земјата во пазувите на НАТО, туку таа, безбедноста, се става наспроти една велесила – Русија. При ова се истопорчува нашата маленкост, со што пак, се избегнува директното споменување на НАТО како стожер на одбраната, па се прави слика за нашата небезбедност и тоа во карикатурални формати од типот „Славјанка против Путин“!
  •  да се обезвреднува една независна држава како Украина (во дефиницијата за независна држава влегува и изборот на надворешните партнери, нели), а да се отвора широк простор за постоењето на претставата за „мајка Русија која ќе ги обедини сите Словени“.

Оваа добро смислена тактика, добра секако како форма на лесно освојување на јавното мислење, кое и онака е форматирано за критика на оваа власт, претходно и како опозиција, но сега и како дел од дизгините на правата и обврските на членство во колективитети од типот на Алијансата, ама и ЕУ, каде, исто така, извираат не само права (пари од разни фондови, на пример) туку и обврски;

А министерката Славјанка Петровска со својата изјава, предмет на гореспоменатите исмејувања, само го рече она што е вистина. Таа во ијзвата за ТВ Телма истакна дека „целосно го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина“ и потоа додаде дека „како членка на НАТО ја поддржуваме и се залагаме за политиката на отворени врати и правото на секоја земја, па и на Украина за самоопределување“. Потоа додаде дека преку каналите за комуникација со НАТО сме во тек со дипломатските обиди за решавање на спорот.и дека тие напори, на преговорите, се поздравени и поддржани од наша страна.

Во основа, кај неа посебно внимание предизивикува овој дел на една нејзина изјава (одново за Телма):

Ангажманот на нашата Армија, како и на армиите на сите други земји членки на НАТО, се дефинира на конференциите за генерирање на сили кои конкретно за оваа тема се одржуваат под координација на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО во Минск. На овие конференции секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно сопствените можности. Во овој момент, нашата армија како дел од тие структури има обврска и веќе изготвува анализи за можностите за потенцијално наше учество, односно ангажман. Одлуката за евентуално учество е пропишана во која процедура се носи, тука е потребна одлука на Владата. Таквата одлука сè уште не е донесена, истакна Петровска.

Одеднаш, преку веќе споменатите критики или поточно – злобни, цинични изјави, тоа се ротира во некаква варијанта, која како конструкт гласи – „ние мислевме дека НАТО ќе не брани нас, а не ние НАТО!“. Таа размисла ги разоткрива противниците на Преспанскиот договор и влезот на земјава во НАТО, како и нивната неможност или несакање да разберат дека членување во мултилатерална меѓународна организација со себе носи и права и обврски. Да не говориме за фактот дека за нас е многу подобро ние да браниме некого, отколку да се најдеме во ситуација да бидеме нападнати, па да треба НАТО да не брани нас, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Путин: Немаме намера да нападнеме земји членки на НАТО

Русија нема планови за напад на земјите членки на НАТО и нема да ги нападне Полска, балтичките земји или Чешка, но доколку Западот испорача ловци Ф-16 на Украина, тогаш...