fbpx

Манипулација со настапот на холандската министерка за одбрана на форумот за безбедност во Варшава

Но, холандската министерка за одбрана само зборува за тоа коешто дипломатските кругови со месеци го зборуваат, а и самиот претседател на Украина, Володимир Зеленски, го напомена, дека доколку Украина не добие доволна поддршка да продолжи да се брани од Русија, тогаш војната би можело да се прелее во други држави од НАТО алијансата што никој не го посакува

-

Наспроти тврдењето во објавата, кога ќе се слушне оригиналната изјава на министерката за одбрана на Холандија, Касја Олонгрен дадена на форумот за безбедност во Варшава, станува јасно дека таа не зборува за поттикнување на војната, туку продолжување на поддршката на Украина која се соочува со територијалните претензии на Русија и на режимот на Путин. Невистинито е и тврдењето во објавата дека гробиштата во Украина „се преполни со евтини жртви на неразумната политика на колективниот запад”. Kолективниот запад и НАТО ниту се бори против Русија, ниту пак, ја нападна Русија. Напротив, Русија е таа која почна неиспровоцирана воена инвазија врз независна и суверена држава и гробиштата во Украина се полни со жртви благодарение на тој чекор на лидерот на руската федерација, Владимир Путин, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео во кое зборува министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен, на форумот за безбедност во Варшава кој се одржа на 3 и 4 октомври 2023 година. Во објавата нејзината изјава е извадена од контекст и со извртени тези е презентирана со следниот опис:

Поддршката на Украина е ефтин начин НАТО да се одбрани од руската закана, вели министерката за одбрана на Холандија. Гробиштата во Украина се преполни со ,,ефтини” жртви на неразумната политика на колективниот запад. Тоа е се што треба да занете за западната ,,демократија”.

Но, кога ќе се слушне оригиналната изјава на министерката за одбрана на Холандија, Олонгрен дадена на форумот за безбедност во Варшава, тогаш станува јасно дека таа не зборува за поттикнување на војната, туку продолжување на поддршката на Украина која се соочува со територијалните претензии на Русија и на режимот на Путин.

Многу е во наш интерес да ја поддржиме Украина, бидејќи тие ја водат оваа војна, а не ние. Мислам дека треба да влеземе во дијалог со нашите американски колеги и пријатели, бидејќи тие имаат ист интерес. Во смисла, да се поддржи Украина е многу евтин начин да се осигура дека Русија со овој режим не претставува закана за НАТО алијансата. И витално е да ја продолжиме таа поддршка.

Исто така, во споделеното видео со холандската министерка Олонгрен, во долниот дел од кајронот, се гледаат гробишта на украински војници и притоа се креира погрешна перцепција дека Холандија преку нејзината министерка за одбрана се бори против Русија на грбот на украинските војници. Но, холандската министерка за одбрана само зборува за тоа коешто дипломатските кругови со месеци го зборуваат, а и самиот претседател на Украина, Володимир Зеленски, го напомена, дека доколку Украина не добие доволна поддршка да продолжи да се брани од Русија, тогаш војната би можело да се прелее во други држави од НАТО алијансата што никој не го посакува.

Оттаму и во тој контекст е и изјавата на министерката за одбрана на Холандија, Олонгрен. Но, она што се наведува во вториот дел од објавата што ја рецензираме – дека гробиштата во Украина „се преполни со евтини жртви на неразумната политика на колективниот запад”, e невистина.

Имено, колективниот запад и НАТО ниту се бори против Русија, ниту пак, ја нападна Русија. Напротив, Русија е таа која почна неиспровоцирана воена инвазија врз независна и суверена држава, односно во Украина и гробиштата се полни со жртви благодарение на тој чекор на лидерот на Руската Федерација, Владимир Путин. Откако Украина реши да возврати, односно да се брани од територијалните претензии на Русија и откако Украина побара помош за да се одбрани од Русија, тука почна улогата на колективниот Запад. Во спротивно, Украина би морала да се предаде и да дозволи да биде окупирана. Да се каже дека колективниот Запад има неразумни политики кои довеле до евтини жртви во Украина е проруска пропаганда, затоа што ниту колективниот Запад, ниту Украина не ја почнаа војната.

Претседателот на Украина, Зеленски во ист тон како и во неговите претходни изјави, повтори дека ако на Русија ѝ се дозволи да се приспособи, тогаш до 2028 година ќе го врати воениот потенцијал кој Украина го уништи и ќе биде доволно силна да ги нападне земјите во фокусот на нејзиното проширување.

Покрај Украина, тоа се дефинитивно балтичките земји и другите земји каде што се присутни руски контингенти. Нашите разузнавачки податоци се јасни. Русија се обидува да ја замрзне ситуацијата и да се приспособи. Учи од своите грешки и се подготвува да продолжи напред, рече Зеленски и додаде дека најопасниот непријател е оној кој донел заклучоци за да го подготви следниот напад.

Tој рече дека агресорот најефективно се неутрализира со пораз во војна.

Токму сега во Украина имаме можност суштински да ја победиме руската агресија. Заедно, веќе постигнавме работи за кои многумина мислеа дека се невозможни. Заедно ја одбранивме Украина. Европа е понезависна од Русија од кога било досега. Европа навистина го докажа своето право да биде глобален центар за заштита на слободата и меѓународното право. Што и да се случува во другите делови на светот, без оглед на политичките торнада со кои се соочуваат нашите партнери, Европа мора да биде силна, подвлече украинскиот претседател.

Тој потсети дека неодамна беше во посета на Америка и оти разговараше со американскиот претседател Бајден.

Благодарение на Украина, вашите војници во моментов не се борат против Русија. Не се сомневаме во силата на НАТО. Но, никој од вас не сака да дознае како би било доколку НАТО мора да брани еден од вас. Мора да победиме во Украина за да не може Путин да ја прошири својата агресија. Не смееме да дозволиме Путин да дестабилизира кој било друг дел од светот и нашите партнери за да ја уништи моќта на Европа. Мора да го зголемиме политичкиот притисок и санкциите, за да не може Русија да шири хаос. Присуството на Русија, нејзината војска или полномошници на територијата на која било друга земја е закана за сите нас. Мора да работиме заедно за да ја истиснеме Русија од територијата на други земји, рече украинскиот претседател.

Доколку Русија се повлече од Украина, војната би можела да заврши уште утре. Но, тоа не се случува. Одбраната на Украина од руската агресија и нејзиниот одговор на обидите да се анектираат украински територии, никогаш немаше да се потребни ни да се случат доколку Русија не почнеше неиспровоциран напад.

Дојче Веле во една своја анализа има забележано дека поддршката од Украина од страна на западните партнери преку финансиска помош и достава на оружје се користи од Путин за неговото омилено тврдење дека „Украина е контролирана од надвор“ и дека е „засилена од вооружени сили на НАТО земји и напумпана со најмодерно оружје“.

За одбележување е и тоа дека на средината на 2022 година, откако Русија веќе беше длабоко навлезена во својата воена инвазија на Украина, Сергеј Киријенко изјави дека „НАТО се бори против Русија до последниот Украинец“, наратив што во основа постои и во оваа објава на Фејсбук, само е изразен на поинаков начин.

Станува збор за извртување на вистината, односно се користи тактиката да се обвини Западот дека војува против Русија, кога Русија е таа што војува против Украина во обид да заземе што поголем дел од нејзината суверена територија, кршејќи го меѓународното право, а како последица на воената агресија има и голем број на жртви.

Поради сите горенаведени факти објавата ја оценуваме како невистинита. Не е точно дека жртвите во Украина се поради неразумни политики на колективниот Запад.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За една година, бројот на случаи на морбили во светот речиси се удвоил

Бројот на случаи на мали сипаници ширум светот речиси се удвоил од 2022 до 2023 година, покажува ново истражување, што претставува предизвик за напорите за елиминација во многу земји,...