Асемина Проедру и Елеонора Венинова го отворија 8. издание на МФФ Киненова

Годинава за филмовите во главна конкуренција ќе одлучуваат членовите на меѓународното жири: Лех Мајевски, режисер, сценарист и кинематографер од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија

Фото: Киненова

Со слоганот „Прв филм, осмо сетило“ во текот на следните шест вечери во рамките на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“, во кината на Синеплекс ќе може да се почувствува моќта на филмот.

Фестивалот го отворија македонската режисерка Елеонора Венинова и грчката режисерка Асемина Проедру, која се заблагодари на честа да го отвори фестивалот со проекцијата на нејзиниот филм „Зад стоговите сено“.

Фото: Киненова

„Киненова е еден од ретките фестивали во Македонија и во регионот што ги слави првите, вторите и третите долгометражни филмови што за нас авторите е многу значајно. Ова е фестивал кој сака да ризикува и да открива нови филмски автори“, рече Венинова.

Следуваа проекции на краткиот филм на Ѓорче Ставревски „Дали си маж?“ и „Зад стоговите сено“ на Асемина Проедру, а на српскиот актер Бранислав Лечиќ му беше врачена наградата за особен придонес во филмската уметност.

„Нашиот лауреат оживеа многу ликови на филмското платно и со својот став и посебен актерски сензибилитет одбележа едно време на овие простори, беше речено при претставувањето на годинешниот лауреат на наградата за посебен придонес во филмската уметност, српскиот актер Бранислав Лечиќ.

Фото: Киненова

Наградата на лауреатот му ја врачи директорот на Фестивалот, Небојша Јовановиќ, кој раскажа дека улогите на Лечиќ ја одбележале неговата младост.

„Во својот уметнички живот кој брои 45 години сум добил многу награди, како млад, во средни години, и театарски, и филмски, и меѓународни, и на домашен терен, и не само во Србија, туку и во целиот регион, но, морам да ви кажам дека оваа награда за мене претставува нешто особено. Таа гласи за посебен придонес во филмската уметност и навистина ми е драго што во таа уметност, која многу ја ценам можам некако да придонесам. Македонија ја сакам и ги ценам вашите уметници бидејќи имате квалитетни филмски уметници и актери. Секогаш сум бил инспириран кога сум се среќавал во вашите уметници и во театар и на филм“, рече Лечиќ.

Присутните ги поздрави и Малгоржата Скулска, директорка на полскиот патувачки филмски фестивал „Вистула“, кој од минатата година соработува со Киненова и ја презентира полската кинематографија.

Годинава за филмовите во главна конкуренција ќе одлучуваат членовите на меѓународното жири: Лех Мајевски, режисер, сценарист и кинематографер од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија.