Прислушувањето на странски дипломати, во чии редови без исклучок има и разузнавачи, според Законот за следење на комуникации се врши на барање на министрите за внатрешни работи и за одбрана, а го одобрува судија на Врховен суд.

Во Законот за следење на комуникациите условите и постапката за прислушување е уредена во две глави. Едната се однесува на сторители на кривични дела, а другата (Глава 3) на услови и постапка за следење на комуникациите за заради заштита на интересите на безбедноста и на одбраната на земјата, под која, наверојатно може да се стават евентуалните „законски“ следења на комуникациите на странските претставници.

Во тој случај, според членот 29 од Законот, судот може да нареди следење на комуникациите кога постојат основи на сомневање дека се подготвува извршување на кривично дело против државата, против вооружените сили или против човечноста и меѓународното право.

„Освен во случаите од ставот 1 на овој член, судот може да нареди следење на комуникациите и кога се подготвува, поттикнува, организира или учествува во вооружен напад против Република Македонија или во онеспособување на нејзиниот безбедносен систем да ги врши своите функции, кога на друг начин не можат да се обезбедат податоци за таквата активност или нивното обезбедување би било сврзано со поголеми тешкотии за да се спречи извршувањето на кривичното дело, вооружениот напад или онеспособувањето на безбедносниот систем“, стои во членот 29.

Барањето за донесување наредба за прислушување може да поднесе:

  • Министерот за внатрешни работи
  • Министерот за одбрана

или

  • Лице овластено од нив.

Барањето се доставува до:

  • Државниот јавен обвинител
  • Тој потоа го поднесува до судија на Врховниот суд кој дава наредба за прислушување
  • Судијата може да дозволи следење на комуникациите не подолго од шест месеци.

Сето ова се однесува на домашното законодавство, а однесувањето на дипломатите и на органите во земјата во која службуваат е уредено и со Виенската конвенција која го штити нивното дејствување на „туѓа“ територија.

По повлекувањето на целокупниот персонал од амбасадата на Србија во Македонија на итни консултации во Белград, српските власти соопштија дека тоа е направено бидејќи имало докази за „многу офанзивни разузнавачки активности против органите и институциите на Србија во Македонија“. Српските медиуми објавија дека српските дипломати во Македонија биле следени, прислушувани и застрашувани од македонските служби.

На ваквите тврдења, министерот за надворешни работи, Никола Димитров на прес-конференција изјави дека Владата ниту имала намера, ниту пак дала наредби да се вршат разузнавачки активности против и на штета на некоја од соседните држави, вклучувајќи ја и Србија и дека чекаат официјални информации од Белград за ваквите тврдења.