!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

На казахстанските олимпијци им се одземени медалите од Пекинг


Казахстан, 17 ноември, 2016 - 13:52 (META) 

Олимпискиот комитет на Казахстан денеска соопшти дека на тројца спортисти од земјата им се одземени олимписките медали по новите тестирања на примероците од Олимписките игри од Пекинг од 2008 година.

Без сребрени, односно бронзени медали останаа Ирина Некрасова и Марија Грабиветсаја, кои се натпреваруваа во кревање тегови, како и освојувачот на бронза во борење, Асет Мамбетов.

Покрај нив, поради допинг на игрите во Пекинг, ретроактивно се дисквалификувани и Владимир Седов и Маија Менеза, исто така натпреварувачи во кревање тегови, додека Алмас Утешов „падна“ поради користење недозволиви средства на годинешните игри во Рио де Жанеиро.


Иванов постхумно ги одликуваше полицајците што загинаа во настаните во Диво Насеље


Скопје, 5 мај, 2016 - 14:23 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска со „Орден за воени заслуги“ ги одликува Единицата за специјални задачи и Единицата за брзо распоредување при Министерството за внатрешни работи (МВР), а со „Медал за храброст“ постхумно ги одликува осумтемина припадници на МВР кои загинаа во настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и од 10 мај минатата година.

Иванов, во својот говор по повод доделувањето на одликувањата, рече дека припадниците на МВР, заедно со нивните браќа по оружје од Армијата на Република Македонија (АРМ), ја носат тежината на мигрантската криза, насилството на границата и се соочуваат со безбедносните закани од тероризмот и од насилниот екстремизам, насилните акти во градовите и со последиците од политичката криза.

– Денеска се собравме за да им се заблагодариме за сето она што го прават за Македонија во овие тешки времиња исполнети со предизвици, закани и со ризици. Без професионалниот ангажман и пожртвуваноста на Единицата за специјални задачи и на Единицата за брзо распоредување, постоеше постојана и директна закана во наредните денови по улиците на повеќе градови низ Македонија да се лее крв на невини цивили. Благодарение на храброста и на одлучноста на нашите безбедносни сили, беше избегнато светот и Македонија да се ужаснуваат од крвави сцени. Времето е и најдобар учител. Сите ние треба да ја научиме лекцијата од Куманово, која е многу скапо платена. А, тоа е дека поделбите и раздорот нè прават послаби и поранливи. Пожртвуваноста на нашите херои треба да биде предупредување до сите учесници во политичкиот живот на Македонија, но и фактор на обединување – рече Иванов.

Тој истакна дека е крајно време да го „отфрлиме духот на поделбите, нетрпеливоста и на омразата кон политичкиот противник и конечно да се помириме и да се сплотиме околу државниот интерес.“


Џудо-клубот „Сеишин“ – Прилеп се врати од Грција со пет медали


Прилеп, 30 јуни, 2015 - 14:10 (META) 

На 28 јуни, во Солун, во организација на џудо-клубот „Иркалис“- Солун, се одржа Меѓународен турнир во џудо „Итаки 2015 – Матсура куп“.

На турнирот учествуваа околу 110 натпреварувачи од 15 клубови од Грција, Македонија, Бугарија, Србија и од Велика Британија.

Џудо-клубот „Сеишин“ – Прилеп на овој турнир учествуваше со вкупно пет натпреварувачи, во сениорска конкуренција, а освоени се и вкупно пет медали (два сребрени и три бронзени).

Стручниот штаб на клубот е задоволен со остварените резултати, а со овој турнир се заокружува првата полусезона од натпреварувачката 2015 година.


Винарницата „Стоби“ со четири златни медали на најстариот вински натпревар во светот


Љубљана, 4 јуни, 2015 - 13:52 (META) 

Четири сортни вина на македонската винарска визба „Стоби“ добија златни медали на најстариот вински натпревар во светот „Вино Љубљана“, кој се одржа на крајот на мај во главниот град на Словенија. Овој престижен настан е рангиран меѓу десетте елитни вински случувања, а годинава беа оценувани 358 вина од 21 држава, меѓу кои и Јапонија, Уругвај, Нов Зеланд, Аргентина, како и Македонија.

Одлуката за тоа кои ќе бидат наградени, ја донесоа 40 критичари од 11 земји, а на „Стоби“ му припаднаа четири први места за „кабарне совињон 2012“, „сирах 2011“, „вранец веритас 2012“ и за „аминта 2013“. Македонската винарска визба и минатата година беше дел од „Вино Љубљана“, кога „шардоне барик 2013“ беше прогласено за севкупен шампион во категоријата бели суви вина.

Позитивните критики за македонските вина кои доаѓаат од Америка, каде „Стоби“ извесен период е присутен на пазарот. Престижниот весник „Волстрит џурнал“ пред околу еден месец ја рангираше македонската „жилавка“ меѓу најдобрите пет пролетни вина во светот, додека реномираниот „Вашингтон пост“ го препорача „вранец 2012“.

Винарската визба „Стоби“ е основана во 2008 година и годишно произведува околу 4,5 милиони литри висококвалитетно македонско вино, распределено во четири категории – премиум, елит, класик и традиционални. Најголемиот дел од виното се пласира на странските пазари, меѓу кои и во САД.