Учениците кои освоија медали на Oлимпијадата по природни науки во Доха на средба со премиерот

Премиерот Оливер Спасовски денес ги прими учениците, основци кои во рамки на 16 – тата Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, во декември во Доха, главниот град на Катар, освоија две сребрени и три бронзени медали.

Спасовски на учениците, кои беа придружувани од нивните ментори, како и од претставник на родителите, им честиташе за големиот успех, потенцирајќи дека образованието е едно од најважните прашања, на кое треба да му се посветиме со огромно внимание и низ разговори да се решаваат сите пречки, за напредок и остварување понатамошен успех.

– Чест ми е што се среќавам со вас, олимпијци кои го покажувате вашиот квалитет на меѓународни натпревари. Нè правите горди, ни покажувате дека имаме потенцијал, за кој вреди да се бориме да го задржиме тука, во нашата земја – им се обрати Спасовски на учениците Матеј, Теона, Стефан, Никола, Емилија и Мајкл.

На средбата беше констатирано дека се потребни соодветни системски решенија во областа на образованието, кои, како што беше нагласено од заменичката на министерот за образование Елизабета Наумовска, веќе се динамизираат и дека се преземаат чекори за решавање на детектираните проблеми.

Беше изразено задоволство од фактот дека Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), како и Агенцијата за млади и спорт учествуваат со финансиска поддршка на талентираните ученици, кои настапуваат на натпревари.

На средбата Спасовски истакна дека ќе се заложи за постигнатиот успех на учениците, кои достојно ја претставуваат нашата земја, да следува соодветна поддршка и награда од Владата.