Седум бронзени медали освоија млади хемичари од земјава на меѓународна олимпијада во Јапонија

Фото: Агенција за млади и спорт

Младите хемичари од средни училишта во земјава освоија седум бронзени медали на 53-тата Меѓународна олимпијада по хемија која што се одржа онлајн, а нејзин домаќин беше Јапонија. Агенцијата за млади и спорт и оваа година ги поддржа нашите хемичари да учествуваат на 53-та олимпијада, при што земјава учествува на настанот од 2013 година.

Годинава на Меѓународната олимпијада учествуваа 312 ученици и 158 ментори од 79 земји во светот. До сега нашите млади хемичари освоија вкупно седум бронзи, што е голем успех во однос на други држави од целиот свет, информираат од Агенцијата за млади и спорт.

Директорот на Агенцијата, Наумче Мојсовски имаше можност да ги додели наградите, при што искажа големо задоволство што нашите натпреварувачи освојуваат медали и достојно ја претставуваат државата. Тој потенцираше дека токму овие млади луѓе се наши најголеми амбасадори низ светот.

Македонскиот тим на Олимпијадата беше составен од четворица ученици и двајца ментори, и тоа: Дарко Стојчев од III година во СУГС „Јосип Броз Тито“, Скопје (бронзен медал); Ања Спасовска од III година во СОУ „Гоце Делчев“, Куманово, Јан Стојановски од I година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје и Михаил Трајков од IV година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје. Ментори на натпреварувачите им беа проф. д-р Миха Буклески од Институтот за хемија при ПМФ во Скопје и проф. д-р Наташа Ристовска од Институтот за хемија при ПМФ во Скопје.