Медалистите од Балканска олимпијада по информатика ги споделија своите импресии со претседателот Пендаровски

Фото: Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

Учениците кои се закитија со златен, сребрен и бронзен медал на на 29-тата Балканска олимпијада по информатика што се одржа во Букурешт, Романија денес се сретнаа со претседателот Стево Пендаровски.

Благојче Павлески од Прилеп кој освои сребрен медал, Тео Китановски од Скопје кој освои бронзен медал и Благојче Павлески кој на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир, меѓу 168 натпреварувачи од 16 држави освои злато, го запознаа претседателот Пендаровски со нивните импресии од годинашната олимпијада, споделувајќи ги стекнатите искуства произлезени од комуникацијата со другите натпреварувачи во Романија.

На олимпијадата тие учествуваа како информатичари кои се издвоиле како најдобри на годишните национални натпревари во програмирање реализирани во 12 балкански држави. Во неофицијална конкуренција, пак, како претставници на земји гости, учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и Швајцарија.

Претседателот Пендаровски упати честитки до информатичарите и нагласи дека нивниот индивидуален и тимски успех е гордост за целата држава, но и поттик за сите млади луѓе да го следат својот сон и да се стремат кон слични подвизи. Во тој контекст ја нагласи важноста на ваквите меѓународни натпревари, коишто се одлична можност да се промовира квалитетот и исклучителната посветеност на младите од Република Северна Македонија.

БОИ 2022 се одржа во организација на Здружението за извонредност и изведба во информатиката и Министерството за образование на Романија. Учеството на македонските информатичари на годинашната олимпијада беше логистички поддржано од страна на Кабинетот на претседателот Пендаровски.