fbpx

Додик се заканува со расцеп на Српска, САД му пратија воени авиони

Милорад Додик не пропушти да даде распламтувачко интервју за агенцијата Франс-прес, во кој наведува дека Република Српска не сака да остане дел од БиХ. Целта на западните земји била да се обмесмисли постоењето на Република Српска

-

Два американски воени авиони Ф-16 вчера прелетаа над небото на Босна и Херцеговина, на ден пред прославата на босанскиот ентитет Република Српска на 9 јануари како датум на нејзиното основање во 1992 година. Двата американски авиони на воздухопловството на САД вчера ја изведоа билатералната копнено-воздушна вежба заедно со вооружените сили на БиХ на подрачјето на Тузла и Брчко, пренесува сараевскиот весник Ослобоџење. 

Летот на воените авиони Ф-16 беше извршен со поддршка и на авион за дополна на гориво КЦ-135 Стратотанкер, а од Амбасадата на САД во Сараево информираа дека станува збор за воена вежба на војската на САД и на босанските вооружени сили.

А во Бања Лука на прославата на 9 јануари присуствуваше целиот врв на босанскиот ентитет Република Српска предводен од Милорад Додик, како и голем дел од српскиот државен врв. На гости кај Додик беа присутни патријархот на Српската православна црква Порфириј, српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ, спикерот на српскиот парламент Владимир Орлиќ и началникот на генералштабот на српската војска Милан Мојсиловиќ.

На одбележувањето на денот на Република Српска беа присутни и поранешниот директор на српската Безбедносно-информативна агенција Александар Вулин, контроверзниот српски политичар Бранислав Несторовиќ и српскиот академик Матеја Беќковиќ, пишува Данас. 

Милорад Додик на свечената академија за одбележување на денот на Република Српска, кој од Уставниот суд на БиХ е прогласен за неуставен, му го додели орденот од највисок вид на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Орден со златен венец на Република Српска добија универзитетскиот професор Ненад Кецмановиќ и српскиот академик Матија Беќковиќ. Со орден со сребрен венец се закитија поранешниот српски амбасадор во БиХ Станимир Вукиќевиќ и српската министерка за здравство Даница Грујичиќ, а орденот „Његош“ го доби пејачот Мирко Пајчин, пренесува весникот Данас.

Самиот Милорад Додик не пропушти да даде распламтувачко интервју за агенцијата Франс-прес, во кој наведува дека Република Српска не сака да остане дел од БиХ. Целта на западните земји била да се обмесмисли постоењето на Република Српска, а и порача дека босанските Срби биле „ментално интегрирани со Србија“ и би поддржале независност на Република Српска. Додик вели дека над 80 овластувања на Република Српска веќе биле префрлени на централната власт во Сараево и тој си ги бара назад ваквите овластувања.

Со денешна реакција на прославата на денот на Република Српска се јави и бошњачкиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ. Тој денеска им оддаде почит со положување цвеќе на жртвите во Поточари, заедно со мајките од Сребреница и претставниците на Здружението „Мајките на енклавата Сребреница и Жепа“ и Здружението на жртви и сведоци на геноцидот.

„Босанскиот ентитет Република Српска е административно-територијална единица во рамките на независна, суверена, неделива и меѓународно призната држава Босна и Херцеговина. Ентитетот Република Српска егзистира во босанската држава од датумот на потпишување на Дејтонскиот мировен договор. Со Уставот на БиХ е јасно пропишано дека континуитет има само Босна и Херцеговина“, изјави Денис Беќировиќ, пренесува Ослобоџење.

По прославата во Бања Лука на денот на Република Српска, со реакција се јави и Денис Звиздиќ, заменик претседавач на Претставничкиот дом во босанскиот парламент, кој предупреди дека во Република Српска денеска била организира срамна, антицивилизациска и провокативна прослава која Уставниот суд ја прогласи за антиуставна.

„Непочитувањето на одлуките на Уставниот суд на БиХ е кривично дело“, порача Звиздиќ.

Тој порача дека босанските правосудни органи мора да реагираат во согласност со Кривичниот законик, бидејќи на 9 јануари 1992 година кога е создадена Република Српска претставува еден од најмрачните датуми во историјата на Босна и Херцеговина и означува почеток на убиства, силувања, мачења, прогон и концентрациони логори на сите припадници на несрпскиот народ во овој дел од БиХ, пишува Ослобоџење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...