Пендаровски ги прими учениците кои освоија 4 медали по математика на балканската олимпијада

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими учениците – натпреварувачи на 24. Јуниорска балканска олимпијада по математика кои освоија златна, сребрена и две бронзени медали. Честитајќи им го успехот, тој истакна дека целата македонска јавност со голема радост ја примила оваа вест, која предизвика чувство на гордост и на среќа.

„Сите не направивте горди. Вие сте позитивен пример за сегашните и идните генерации. Вашите медали што гордо и денеска ги носите на градите упатуваат порака до сите млади во нашата држава, дека со посветена и напорна работа, со вложен труд секогаш резултатите доаѓаат“, нагласи Пендаровски.

Учениците ги раскажаa своите импресии од одржаната олимпијада, како и периодот на нивните подготовки, кои во услови на пандемијата на КОВИД-19, минаа во специфични околности.

„Тоа не мотивираше дополнително и со поголем елан да работиме и да покажеме дека и во нашата земја се негува љубовта кон математиката“, рекоа учениците на средбата.

Во периодот од 9 до 13 септември 2020 година во Грција виртуелно се одржа 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада, на која нашата екипа од Природно-математичкиот факултет во Скопје, се натпреваруваше преку видео-конференциска врска.

Екипата ја сочинуваа: Никола Спировски – добитник на златен медал, Дамјан Давков – добитник на сребрен медал, Никола Цветаноски – добитник на бронзен медал, Марија Атанасова – добитничка на бронзен медал, Матеј Гелев, Емилија Николовска, а водач беше Делчо Лешковски и заменик водач Борче Јошевски.

Годинава, на 24. Јуниорска балканска математичка олимпијада учествуваа 10 балкански држави и 8 држави – гости, а ги опфаќа сите ученици од основното образование и од средното образование кои до денот на одржувањето не навршиле петнаесет и пол години.