!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хамас повика на нови протести против одлуката на Трамп за Ерусалим


Газа, 14 декември, 2017 - 18:24 (META) 

Лидерот на радикалното палестинско движење – Хамас, Исмаил Ханија денеска повика на нови протести ширум светот против одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел, јавуваат светските агенции.

Ханија рекол дека Хамас бара секој петок да биде ден на револт и револуција во сите престолнини и другите градови во муслиманските земји, се додека не се „собори“ одлуката на Трамп.

– Ја молиме црквата, папата и нашите христијански браќа своите молитви во недела да ги посветат на Ерусалим – додал Ханија.

Говорејќи пред повеќе десетици илјади насобрани поддржувачи во Газа, тој ветил дека „еднаш засекогаш ќе ја поништи“, одлуката на Трамп.

Поддржувачите на Хамас денеска се собраа во Газа за да ја одбележат 30-годишнината од основањето на ова движење. На свеченоста присуствувале високи претставници на Хамас и функционери на други политички партии, меѓу кои и челниците на долгогодишниот ривал – Фатах.

Откако Трамп минатата недела ја донесе одлуката за Ерусалим, најмалку 12 проектили беа истрелани од Газа кон Израел, додека пак израелската војска погоди најмалку 10 цели во Газа, од кои најголем дел беа позиции на Хамас.


Хамас испука ракети, Израел бомбардираше од воздух, двајца Палестинци загинаа


Ерусалим, 9 декември, 2017 - 17:21 (META) 

Двајца Палестинци се убиени во судирите со израелската војска во Газа, а од почетокот на судирите биле повредени 1.100 луѓе, соопшти палестинското Министерство за здравство. Судирите продолжија вчера и денеска, како ескалации на муслиманското востание по признавањето на американскиот претседател Доналд Трамп на Ерусалим за главен град на Израел.

Израелските војници застрелале 30-годишен маж близу Кан Јунес, додека учествувал во протест на оградата со која израелските територии се одделени од палестинските. Друг 54-годишен Палестинец бил, исто така, убиен во судирите вчера. Израелската војска рече дека стотици Палестинци тркалале запалени гуми и фрлале камења на војниците кои биле од другата страна на границата.

Израелските одбранбени сили соопштија дека израелските авиони нападнале четири објекти кои припаѓаат на Хамас – палестинската исламистичка група која ја контролира Газа, како одговор на ракетите кои беа испукани во Јужен Израел од Газа.

Палестински извори тврдат дека при воздушните напади биле ранети најмалку 15 лица.

Според израелските власти, бомбардирани се  две локации за производство на оружје, складиште за оружје и воено соединение.

Претходно израелската армија соопшти дека ракета лансирана од Појасот Газа синоќа го погодила израелскиот град Здерот, без да наведат каква материјална штета е нанесена и дали има жртви.


Хамас повика на „интифада“, Израел испраќа војска на Западниот Брег


Ерусалим, 7 декември, 2017 - 11:41 (META) 

Палестинското движење Хамас денеска ги повика своите приврзаници на интифада, востание на Плаестинците, откако американскиот претседател Доналд Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел.

– Треба да работиме на поведување „интифада“ против циоистичките непријатели – изјави лидерот на Хамас, Исамил Ханијех, во денешниот говор пред Палестинците кои протеестираа во Појасот Газа.

Трамп вчера донесе одлука да го признае Ерусалим за главен град на Израел и да ја премести американската амбасада од Тел Авив. Таквата одлука го разгневи арапскиот свет, а во Палестинците во Појасот Газа од вчера протестираат.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху изјави уверување дека „многу држави“ ќе го следат патот по кој тргнаа САД.

Истовремено, медиумите јавуваат дека Израел издал наредба да се засили присуството на трупите на Западниот Брег.


Хамас и Фатах постигнаа договор


Каиро, 12 октомври, 2017 - 11:06 (META) 

Главниот лидер на палестинското исламско движење Хамас изјави дека постигнале договор со претседателот на ривалското движење Фатах за контролата на Појасот Газа.

Лидерот на Хамас, Исмаил Хани, најави дека детали од договорот ќе бидат објавени денеска во Каиро.

Хамас раководи со Појасот Газа повеќе од една деценија откако на сила ја презеде контролата од силите лојални на умереното и секуларно движење Фатах. Тоа доведе до парализирање и до територијални и политички поделби меѓу Палестинците. Абас владееше во автономните енклави на Западниот Брег, кои се под окупација на Израел.

Претставниците на Хамас и на Фатах два дена преговараа во Каиро за враќање на палестинската управа на Абас во Газа.
Претходната недела во градот Газа се одржа седница на палестинската влада, на која присуствуваше премиерот Рами Хамдалах, прва од 2014 година. Сите досегашни обиди за помирување на двете најголеми палестински фракции од 2007 години не дадоа резултат.

Камен на сопнување е контролата над арсеналот на оружјето на военото крило на Хамас, кое трипати војуваше против Израел, а спорна е и судбината на јавните службеници на Хамас.


Израел веќе нема да ги враќа телата на убиените Палестинци


Тел Авив, 2 јануари, 2017 - 16:10 (META) 

Израел најави дека веќе нема да ги враќа посмртните останки на палестинските екстремисти, туку дека ќе ги погребува.

Одлуката е донесена како настојување на Израел да изврши притисок на Хамас да ги врати двајцата Израелци кои, како што се верува, се држат како заложници.

– Политичко-безбедносниот кабиент расправаше за политиката на третман на телата на терористите од Хамас убиени за време на терористички напади и одлучи дека нема да бидат враќани, туку ќе бидат погребани – наведе израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Израелскиот безбедносни кабинет едногласно ја изгласа одлуката да престане враќањето на посмртните останки на екстремистите на Хамас.

Израел понуди размена на десетина жители на Газа за двајцата Израелци, но Хамас тоа не го прифати.


Махмуд Абас повторно на чело на Фатах


Рамала, 29 ноември, 2016 - 15:43 (META) 

Раководството на палестинското движење Фатах денеска на конференција едногласно повторно му додели на претседателот Махмуд Абас уште еден петгодишен мандат.

Претставникот на партијата, Салим Заноун, побара од делегатите на собирот со консензус да го поддржат Абас.
Повеќе стотини делегати станаа и му аплаудираа на Абас, кој потоа го прегрна Заноун.

Се очекува петдневната конференција да ја зацврсти контролата на Абас во Фатах и да го маргинализира неговиот главен ривал Махмуд Дахлан, кој се наоѓа во егзил.


Израел бомбардираа цели на Хамас во појасот Газа


Газа, 2 јануари, 2016 - 11:12 (META) 

Израелските воздухопловни сили утринава бомбардирале неколку објекти на палестинското движење Хамас во појасот Газа, јавуваат светските агенции.

Нападите се извршени како одговор на синоќешните ракетни напади врз Јужен Израел.

Израелската армија соопшти дека мета на денешните нападите биле два кампа за воена обука и уште две воени бази на Хамас.

Палестинските извори јавуваат дека израелските напади биле насочени кон четири објекти во Бејт Ханун и оти предизвикале само материјална штета.


Израел бомбардирал терористичко упориште на Хамас во појасот Газа


Тел Авив, 5 октомври, 2015 - 11:39 (META) 

Израел утринава извел воздушен напад во појасот Газа како одговор на ракетниот напад на југот на израелската територија, соопшти војската.

„Израелското воздухопловство нападнало терористичко упориште на Хамас на северот на појасот Газа“, објави војската.
Ракетата истрелана од појасот Газа синоќа падна на пуст терен на југот на Израел, при што немало жртви, јави претходно војската.

На 30 септември, како одговор на ракетниот напад на градот Ашдод, израелската војска изврши воздушни напади во појасот Газа на четири кампови за обука на единиците Езедин ал-Касам, вооружен разгранок на Хамас, кои биле празни во моментот на воздушниот напад.

Салафистите, блиски до Исламска држава, се одговорни за неодамнешниот ракетен напад, но Израел смета дека Хамас е одговорен за инцидентите.


Египет го тргна Хамас од листата на терористички организации


Каиро, 6 јуни, 2015 - 18:27 (META) 

Египетскиот Апелациски суд денеска ја поништи правосилната одлука со која палестинското исламистичко движење Хамас беше класифицирано како терористичка организација.

– Оваа одлука беше поништена поради тоа што судот кој ја донел, немал надлежност да одлучува за такви работи – изјави неименуван судски претставник.

Судот на 28 февруари пресуди дека Хамас е терористичка организација, а активностите на исламското движење што го контролира појасот Газа, се забранија во Египет.

Властите во Каиро ја обвинија Хамас за поддршка на џихадискичкиот бунт во Синај, на истокот на Египет.

Односите меѓу палестинското движење и Египет се значително затегнати откако египетската армија во јули 2013 година го собори претседателот Мохамед Морси.


Египетски суд го прогласи Хамас за терористичка организација


Каиро, 28 февруари, 2015 - 17:37 (META) 

Египетски суд денеска ја прогласи палестинската организација Хамас, која го контролира појасот Газа, за терористичка организација. Пресудата ја донел египетскиот Суд за итни постапки, со кој претседава судијата Мохамед ел-Сајед.

Египетскиот суд минатиот месец го забрани дејствувањето на военото крило на Хамас, бригадата Изедин ал-Касам, која, исто така, е прогласена за терористичка оргнизација.

Денешната пресуда дополнително ќе го изолира Хамас, кој порано имаше отворена поддршка од исламистичкиот египетски претседател Мохамед Морси.

Новата египетска влада неодамна почна со расчистување на тампон-зоната долж својата граница со Газа, во обид да го уништи прекуграничниот мрежен тунел кој е многу важен за Хамас.