Повеќе од 25.000 загинати од почетокот на израелската офанзива

Во последните 24 часа имало 178 смртни случаи што претставува еден од најсмртоносните денови во војната досега

Фото: Палестинска информативно-новинска агенција во договор со APAimages, CC BY-SA 3.0, Википедија

Повеќе од 25.000 луѓе загинале во Газа од почетокот на конфликтот со Израел минатата година, изјавија од Министерството за здравство на Хамас. Би-би-си соопшти дека во последните 24 часа имало 178 смртни случаи што претставува еден од најсмртоносните денови во војната досега.

Како што продолжуваат борбите, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху продолжува да ја отфрла можност за создавање палестинска држава.

Белата куќа соопшти дека САД и Израел „гледаат поинаку на работите“ кога станува збор за решението со две држави .

Израел ја започна својата офанзива по нападот на 7 октомври во кој борците на Хамас убија 1.300 луѓе во јужен Израел и зедоа повеќе од 240 како заложници.

Во својот прв јавен извештај за октомврискиот напад, објавен во неделата, Хамас го опиша нападот како „неопходен чекор“ против израелската окупација на палестинските територии и начин да се обезбеди ослободување на палестинските затвореници.

Воздушната и копнената операција на Израел моментално се фокусира на јужниот дел на Газа, каде војската е убедена дека највисоките команданти на Хамас се сместени во, или под градот Кан Јунис. Тоа е местото каде што израелските одбранбени сили соопштија дека откриле уште еден тунел, долг околу 830 метри.

Снимките на израелските одбранбени сили покажуваат тунел со душеци и ќелии внатре – односно местото каде што Израел верува дека околу 20 заложници, вклучително и деца, биле држени на различни места. Сепак, ниту еден заложник не бил пронајден по откривањето на тунелот.

Израелските војници, исто така, се соочуваат со обновени напади на северот на Појасот Газа, каде што се вели дека Хамас го зазеле влезот околу градот Џабалија додека Израел ги премести војниците и тенковите на југ.

Повеќе од три месеци од избувнувањето на конфликтот, Израел – чија армија далеку ги надминува капацитетите на Хамас – сè уште се соочува со значителен отпор низ Газа.

Американските разузнавачки агенции, наводно, проценуваат дека израелската војска убила 20-30 отсто од борците на Хамас, што е многу помалку од наведената цел на Беџамин Нетанјаху за „целосно уништување“ на вооружената група.

И понатаму продолжуваат протестите на роднините на заложниците кои ги држи Хамас, повикувајќи го Нетанјаху да даде приоритет на нивното ослободување пред потенцијално невозможната цел за уништување на Хамас.